ПОВЕЌЕ

    Планирање на фамилијарниот буџет со правилото 28/36

    Време зa читање: 4 минути

    Кога станува збор за фамилијарниот буџет, односно за неговата приходна и расходна страна во голема мера битна улога има и нивото на кредитна задолженост. Оттаму препораките се дека кредитните обврски по сите производи мора задолжително да бидат приоритет при распределба на заработените средства. При анализата на ова правило ќе зазамеме став дека постојат станбени кредити и сите останати други кредитни обврски(кредитни картички дозволени пречекорувања, автомобилски кредити, потрошувачки кредити и сл.) како посебна ставка. Ова се прави од причина што правилото 28/36 се однесува на два коефициенти:

    • Обврски за станбен кредит не треба да надминуваат 28% од вкупниот бруто доход
    • Вкупната кредитна изложеност не треба да биде повисока од 36% од вкупниот бруто доход

    За да поедноставиме ќе земеме еден хипотетички премер каде фамилијарниот бруто доход изнесува 100.000 МКД. Аплицирајќи го правилото 28/36 оваа фамилија би можела да си дозволи максимална месечна рата(главница + камата) од 28.000МКД. Ваквата рата би соодветствувала на 100.000 ЕУР кредит со просечна каматна стапка од 3.5% и период на отплата од 30 години. Од аспект пак на вкупната задолженост на оваа фамилија, истата не би требало да биде повисока од 36.000 МКД, односно за покривање на сите останати кредитни обврски преостанува буџет од 8.000 МКД. Под претпоставка дека оваа фамилија користи само уште неколку кредитни картички и доколку просечната месечна отплата изнесува 3% од вкупниот долг, тогаш максималниот расположлив лимит би требало да биде околу 250.000МКД.

    Вака конструиран фамилијарен буџет е стабилна основа за сервисирање на сите останати обврски, а притоа обезбедено е станбеното прашање.

    Ваквата насока е имплементирана и од страна на кредитните институции при анализирање на кредитната способност на кредитобарателот. Ова правило е превземено од американската економска типизација и во голема мера зависи од даночните регулативи на одредена територија. За наши услови голем број од банките применуваат малку поразлична варијанта каде наместо бруто приход, како основа се зема нето приходот, додека максималната изложеност од таа бројка се движи во рамки од 50-60%.

    Правилото 28/36(или со амеркански речник DTI – debt to income ratio) е корисна алатка кога се прават планови околу потенцијално купување на недвижност, односно преку него може сами да пресметаме колку од нашиот доход може да се канализира за отплата на кредитни обврски, без притоа да бидат нарушени останатите финансиски текови.

    Еден од најчестите проблеми во денешното управување со буџетот е самоконтролата при дополнително задолжување. Во ситуација кога понудата за кредитни проиводи изобилува и кога лесно се добива дополнителен износ на средства, може многу лесно таквата “замка” да го наруши долгорочниот опстанок. Голем е бројот на луѓе кои цел живот исплаќаат потрошувачки кредити, кредитни картички и сега најново т.н. “брзи кредити” и постојано рефинансираат и консолидираат одредени обврски, а притоа надевајќи се дека одложената отплата нема да стигне за брзо. Но реалноста е дека таа отплата ќе дојде многу брзо, најчесто за еден месец и тоа скоро секогаш со повисоки трошоци.

    За ваквата ситуација причините може да се бараат на многу места: ниски месечни примања, високи трошоци за живот, неадекватна финансиска писменост и сл. Ако за првите две причини решението е покомплексно и бара ангажирање на дополнителни ресурси, сепак не смееме да дозволиме финансиски неписмени лица. Голем дел од генерациите пред 1990 година  никогаш немале контакт со основите на финансиите и тоа значително се одразува врз нивните финансиски одлуки и ситуации. Генерациите после 1990 почнаа да слушаат изборни предмети од областа на економија, менаџмент и бизнис, а сегашните генерации скоро задолжително изучуваат некој од овие предмети.  Правилната насока е уште од најрана возраст децата да бидат свесни за идните финансиски текови и група на предмети од областа на финансиите да биде задолжителна основа низ цел период на образование. Само така ќе можеме да изградиме општество кое ќе се основа на стабилна финансиска база.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично