ПОВЕЌЕ

    ПАРИ – АНАЛИЗА: Што може да се купи со сегашната просечна плата од 600 евра, а што со предпандемиските 400 евра?

    Време зa читање: 3 минути

    Статистиката измери просечна нето-плата од 36.465 денари во мај. Вообичаено, како и секогаш кога се објавува овој податок има лавина од коментари, дека оваа просечна нето-плата не ја одразува висината на најголемиот дел од платите во државава. Односно, дека просекот е благодарение на малубројните високи плати. Но, сепак, просечната нето-плата е статистички споредбен податок во сите земји, а „Пари“ преку основните прехранбени производи открива дали куповната моќ на сегашните 600 евра е поголема од оние 400 евра (25.213 денари) во 2019 година, пред пандемијата и серија други економски потреси што не следат оттогаш, пропратени со високата инфлација.

    Според публикацијата „Макстат избор“ што ја издава Државниот завод за статистика, во 2019 година еден килограм пченичен леб чинел 52,38 денари, едено литар масло за јадење 58,92 денари, едно јајце 7,87 денари, еден килограм шеќер 32,43 денари, бензинот Еуросупер БС 95 чинел 66,92 денари, а хамбургерот 105,08 денари. Токму овие шест производи статистичарите ги сметаат за важни показатели за цените и инфлацијата. „Пари“ врз основа на сегашните цени во продавниците извади просек на шесте производи, па сега еден килограм пченичен леб чини 73,33 денари, еден литар масло се продава за 75 денари, едно јајце е 10 денари, еден килограм шеќер 55 денари, бензин Еуросупер БС чини 82,5 денари, хамбургер 180 денари.

    По стапките на статистичарите пресметуваме колку од овие основни производи може да се купат со една просечна плата. Податоците покажуваат дека во 2019 година една просечна нето-плата вредела 481,34 килограми леб, а со мајската плата годинава можеле да се купат 497,27 килограми. Пред четири години просечна нето-плата вредела колку 427,91 литар масло за јадење, а во мај 486,2 литри. Со платата од 2019 можеле да се купат 3.203 јајца, а сега 3.646. Платата претворена во шеќер значи 777,46 килограми во 2019 година и 663 килограми сега. Пред четири години со просечната плата можеле да се купат 376,76 литри бензин БС 95, а сега 442 литри. Што се однесува до хамбургерите, како претставници на уличната храна, во 2019 година со просечна плата можеле да се изедат 239,94 хамбургери, а сега 202,58.

    Од ова наше истражување може да се забележи дека леб, масло за јадење, јајца и бенизн сега можат да се купат повеќе во однос на количините од пред четири години, а помалку шеќер и хамбургери.

    Сепак, калкулаторот на Државниот завод за статистика покажува дека во мај 2023 година трошоците за живот (инфлација) се зголемиле за 27,96 проценти во однос на мај 2019 година. Но, од друга страна, платата во мај се зголемила за 44 проценти во однос на 2019 година.

    Во време на високите стапки на инфлација на кои бевме сведоци во изминатиов период, таа инфлација го јадеше растот на платите, но покрај номинално, платите веќе растат и реално (со вклучена пресметка на инфлацијата). Така, во мај номиналниот раст на платите бил 16,1 процент, а реалниот 4,3 проценти.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично