ПОВЕЌЕ

    ПАРИ ОТКРИВА: НЕ Е КАКО ВО КОРОНА, НО НЕ Е НИ МАЛКУ – ВО ЧЕТИРИТЕ НАЈГОЛЕМИ ПРИВАТНИ КЛИНИКИ ГРАЃАНИТЕ ОСТАВИЛЕ 80 МИЛИОНИ ЕВРА Лани

    Време зa читање: 6 минути

    Во четирите најголеми приватни здравствени установи: „Аџибадем Систина“, „Ремедика“, „Неуромедика“ и „Жан Митрев клиника“, минатата година граѓаните директно, или преку здравствениот придонес во Фондот за здравствено осигурување за третмани што тој ги покрива, оставиле 80 милиони евра, покажува анализата на финансиските податоци што ја направи порталот Пари во соработка со бонитетната агенција Таргет груп и платформата БизнисМрежа.мк. Во 2021 година пак, очекувано, со оглед на се уште присутното влијание на пандемијата, во овие болници приходот бил поголем за 30-тина проценти и изнесувал над 106 милиони евра.

    Приватните здравствени установи ги крпат дупките во јавниот здравствен систем. Дел од граѓаните таму одат затоа што сметаат дека ќе им се понуди поефикасна здравствена заштита, а дел затоа што не може да си обезбедат термин за преглед  „на државно“.

    Податоците зборуваат дека најголем интерес имало за преглед и интервенција во „Систина“ која остварила приход од 50,6 милиони евра, но тоа е 19 проценти помалку во однос на приходите од 2021 година кога биле 62,2 милиони. Најголем дел од падот на приходите се должи на капитална добивка од продажба на удел остварена во 2021 година во износ од 9,0 милиони евра. Доколку од анализата се изземе капиталната добивка оствараена во 2021 година падот на вкупните приходи би изнесувал 5 проценти.

    Клиниката „Жан Митрев“ е втора по доверба на граѓаните, затоа што е втора и по реализиран приход. Во 2021 годинa, приходите на клиниката биле 19,6 милиони евра, и тие се само 40 отсто од остварените приходи во 2022 година кога изнесувале 32,4 милиони евра.

    Со речиси половина од приходот на „Жан Митрев“ е „Ремедика“ каде за здравствените услуги се инкасирани 8,8 милиони евра, за разлика од претходната година кога биле 9,9 милиони.

    Најмалку вкупен приход во оваа четворка остварила „Неуромедика“ – 951 илјади евра, и тоа е сосема мало зголемување во однос на 2021 година.

    Приходи на приватни здравствени установи

    (во евра)

    КОЛКАВ ПРОФИТ ОСТАНАЛ ЗА КЛИНИКИТЕ?

    Сепак, за сопствениците на приватните здравствени установи ова е бизнис. Очекувано е дека ќе работат за да заработат. Но, во време на пандемијата се истакнаа со ценовници од кои боли глава. Јавноста бурно реагираше, а здравствените власти не ставија ред, иако можеа. Во вонредни услови, со прогласувањето на кризната состојба дури можеа да наложат и ценовници, или да преземат дел од финансискиот товар. Со одминувањето на пандемијата, се намалува потребата на населението за одење во приватните болници, се намалуваат нивните приходи и добивки. „Жан Митрев“ пак, иако е втора по ред приватна клиника каде што се оствариле најголеми приходи, минатата година влезе во загуба.

    Најголема добивка од 5,3 милиони евра има „Аџибадем Систина“, која има и најголем приход. Но претходната година добивката и била три пати поголема како резултат на остварената капитална добивка од продажба на удел во износ од 9,0 милиони евра.

    Втора по добивка е „Ремедика“ која лани направила профит од 1,2 милиони евра, што е за 1,1 милион помалку отколку претходната година.

    Најмала добивка има „Неуромедика“ и таа се мери во десетици илјади евра. „Неуромедика“ лани направила профит од 144.000 евра, за разлика од претходната година кога заработила 65.000 евра

    Добивки на приватните здравствени установи

    (во евра)

     

    ПРОФИТ МОРА ДА ИМА ЗАРАДИ НОВИ ТЕХНОЛОГИИ И ИНВЕСТИЦИИ, НО ДАЛИ Е СО МЕРКА?

    Ако една клиника не оствари профит, и ако само ги покрие трошоците на своето работење, таа ќе тапка во место. Клиниките, приватни или државни, мора да имаат капитал за да инвестираат во својот кадар, во континуиранта медицинска едукација, во совремемена апаратура, па и во просторни капацитети, проширувања и креирање удобен амбиент за пациентите.

    Но, она што треба да се стави „на кантар“ е заработката во однос на приходот. Односно, колку од парите што ги плаќале граѓаните – директно или преку Фондот за здравство, оделе за реално покривање на трошоците, а колку биле „трговска маржа“ ставена од болниците.

    Нето профитните маржи како сооднос меѓу вкупните нето-добивката и вкупните приходи од продажба и покажуваат дека таа кај „Ремедика“ е 13,6 %, кај „Систина“ е 10,5%, кај „Неуромедика“ 6,8%, додека „Жан Митрев“ лани бил во загуба па и нема никаква нето-профитна маржа

    Нето-профитни маржи

    Податоците покажуваат дека минатата година приватните клиники ја „спуштиле топката“ во однос на заработките, додека во пандемиската 2021 година имале високи заработки.

    ШТО ПОКАЖУВА БОНИТЕТНАТА АНАЛИЗА?

    Бонитетната анализа што ја направи „Таргет груп“ покажува дека од аспект на инвестиции, или промена во вредноста на нетековните средства, кај овие болници не се забележува значајно зголемување. Во текот на 2022 година Аџибадем Систина забележа вложување во основни средства во износ од 3,4 милиони евра.

    Од аспект на ликвидноста, забележливо е дека компаниите Аџибадем Систина и Неуромедика имаат нарушена тековна и брза ликвидност во 2022 година. Тоа главно се должи на ненаплатените побарувања од купувачи кои опфаќаат 46% (Аџибадем Систина) односно 58% (Неуромедика) од вкупните тековни средства на компаниите. Секако од аспект на ликвидноста значаен дел, особено кај компанијата Аџибадем Систина, опфаќаат и залихите како најмалку ликвидни тековни средства на една компанија.

    Сите компании имаат намалување на вкупните паричните средства во 2022 година во споредба со паричните средства од 2021 година.  Исклучок од ова е Неуромедика која остварува зголемени парични средства на крајот на 2022 година во споредба со минатата година заради акумулираната добивка и продажбата на одредени видови нетековни средства.

    ЧИТАЈТЕ

    ПАРИ АНАЛИЗА: КОЛКАВИ ПРОФИТИ НАПРАВИЈА ЛАБОРАТОРИИТЕ ЛАНИ?

    ПАРИ АНАЛИЗА: КОЛКАВИ ПРОФИТИ НАПРАВИЈА ЛАБОРАТОРИИТЕ Лани?

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично