ПОВЕЌЕ

    „Фајнанс тинк“: Економијата успорена, вработноста намалена, зголемени личната и јавната потрошувачка

    Време зa читање: 3 минути

    Економските активности се забавени, движењата се или ниски или негативни, единствено јавната и личната потрошувачка има солиден раст, базиран на реалното зголемување на платите и на другите доходни компоненти на населението. Ова се накусо заклучоците од Макроекономскиот монитор на „Фајнанс тинк“ за последното тримесечје од минатата година.

    Во четвртиот квартал од 2023 БДП се зголеми за 0,9 проценти на годишна основа, со што годината заврши со еднопроцентен раст, се вели во извештајот.

    „Забавувањето на економската активност кое отпочна порано, благо се интензивираше до крајот на годината, со што ги потфрли сите проекции. Главен двигател на забавувањето и понатаму е надворешната побарувачка, а продолжија да се намалуваат и бруто инвестициите (-20.5%), двете резултат на забавената активност и негативните стапки на раст на економиите од главните трговски партнери“.

    Се цени дека има олиден раст од 3,7 насто кај личната потрошувачка, „главно движена од позитивниот реален раст на платите и од солидниот раст на другите доходни компоненти на населението“. Притоа, се посочува дека првпат по извесен период на затегнување, јавната потрошувачка порасна за 5,6 проценти, тенденција која е веројатно да продолжи и низ првата половина од годинава“.

    Земјоделството забележа остар пад од 15,3 отсто, додека индустријата и градежништвото излегоа благо над негативната зона со 1,6, односно со 5,5 насто, по падовите во претходните квартали. А, пак, услугите забележаа поблаг раст од 1,6 проценти, наведено е во анализата.

    Забавувањето на економијата започна особено неповолно да се одразува врз пазарот на трудот, за првпат по долг период на негови позитивни остварувања. Невработеноста во четвртиот квартал од 2023 се зголеми на 13 насто (од 12,8% во претходниот квартал). Вработеноста се намали на 45,5 проценти (од 45,7% во претходниот квартал), додека активноста на пазарот на труд опадна на 52,2 проценти (од претходните 52,4%).

    Во третиот лански квартал инфлацијата се преполови на 3,4 проценти на годишна основа, од 7,8 проценти во претходното тримесечје. Забавувањето е водено од намалувањето на глобалните притисоци кај храната и енергијата, од замрзнувањето на цените на избрани прехранбени производи, како и од исцрпувањето на преносот на инфлациските притисоци врз пошироката потрошувачка кошничка кој беше присутен во текот на годината.

    Економското забавување кое е моментално на сцена ќе продолжи најмалку во првата половина од 2024 година. Изгледите во поглед на инфлацијата стануваат поповолни, но зависат од критични домашни фактори, се вели во Макроекономскиот монитор и се додава дека „Фајннс тинк“ ги задржува претходните проекции за раст на БДП во 2024 од 2,7 и за раст на цените од 3,8 насто.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично