
Пред 20 години едно пакетче Панини сликички за Светското првенство 2006 чинело околу 20 денари. Денес, за Мундијалот 2026, едно пакетче во Македонија чини 75 денари, а албумот има рекордни 980 сликички. Носталгијата остана иста, но математиката стана многу поскапа.
Панини албумот отсекогаш бил повеќе од обично хоби. За многумина, тоа е прво пакетче купено со џепарлак, размена на дупликати, трчање до трафика, барање на последната сликичка и чувство дека Светското првенство почнува уште пред првиот натпревар.
Но, ако некогаш Панини беше детска радост што се собираше со ситни пари, денес сè повеќе личи на сериозен семеен трошок. Особено со албумот за Светското првенство 2026. Ова e најголемиот Мундијал досега, со 48 репрезентации. А тоа значи и најголем Панини албум досега – 112 страници и 980 сликички.
Пакетчето поскапе, но порасна и албумот
За споредба, пред 20 години едно пакетче Панини сликички чинело околу 20 денари, според сеќавања и споредби со тогашните цени на пазарот. Во пакетче имало пет сликички. Тоа значи дека една сликичка чинела околу 4 денари.
Денес, пакетче за Панини албумот за Мундијалот 2026 во Македонија чини 75 денари, а во него има седум сликички. Тоа значи дека една сликичка денес чини околу 10,7 денари.
На прв поглед, разликата можеби не изгледа драматично. Но, кога ќе се помножи со стотици пакетчиња, станува јасно дека Панини предизвикот е многу поскап од порано.
И не е проблем само цената на пакетчето. Порасна и самиот албум.
Албумот за Светското првенство 2006 имал 596 сликички. Новиот албум за 2026 има 980 сликички. Тоа се 384 сликички повеќе, односно денешниот албум е за околу 64 проценти поголем од албумот за Германија 2006.
Поголем албум значи повеќе пакетчиња. Повеќе пакетчиња значат повеќе дупликати. А повеќе дупликати значат дека вистинската цена за пополнување расте многу побрзо од теоретската пресметка.
ПАНИНИ ПРЕД ГОЛЕМ ПРЕСВРТ: Продажба, берза или нов инвеститор за 5 милијарди евра?
Колку чини пополнувањето?
Ако албумот за Светското првенство 2006 имал 596 сликички, а во едно пакетче имало пет сликички, тогаш за пополнување без ниту еден дупликат биле потребни околу 120 пакетчиња.
Со цена од околу 20 денари за пакетче, минималниот теоретски трошок би изнесувал околу 2.400 денари.
Кај албумот за Мундијалот 2026 математиката е многу посериозна.
Колекцијата има 980 сликички, а во едно пакетче има седум сликички. Тоа значи дека, без ниту еден дупликат, се потребни најмалку 140 пакетчиња.
Со цена од 75 денари за пакетче во Македонија, тоа се 10.500 денари. Ако се додаде и албумот од 150 денари, минималниот теоретски трошок изнесува 10.650 денари.
Но, ова е само идеално сценарио. Во реалноста, дупликатите значително ја зголемуваат цената.
На почетокот албумот се полни брзо. Речиси секое пакетче носи нови играчи, нови репрезентации и нови празни места што се пополнуваат. Но, колку повеќе се приближува до крајот, толку потешко се наоѓаат последните сликички. Тогаш секое ново пакетче може да донесе сликички што веќе ги имате.
Затоа, според македонските цени, можни се неколку сценарија:
Идеално сценарио: 140 пакетчиња × 75 денари + албум = 10.650 денари
Оптимистичко сценарио: 280 пакетчиња × 75 денари + албум = 21.150 денари
Просечно сценарио: 420 пакетчиња × 75 денари + албум = 31.650 денари
Сценарио со лоша среќа: 600 пакетчиња × 75 денари + албум = 45.150 денари
Странски анализи одат и понатаму, проценувајќи дека пополнувањето на албумот без активна размена може да достигне и околу 1.000 фунти, што по денешен курс е приближно 71.000 денари.
Затоа реалната цена не зависи само од бројот на сликички, туку и од среќата, бројот на дупликати и тоа колку успешно колекционерот ќе разменува.
Од детска радост до сериозен трошок
Луѓето не купуваат Панини затоа што е евтин. Го купуваат затоа што носи чувство.
Секоја сликичка е мал дел од Светското првенство. Секој дупликат е можност за размена. Секое празно поле е причина да се купи уште едно пакетче. За децата, тоа е игра. За родителите, тоа е пресметка. За Панини, тоа е бизнис-модел што трае повеќе од половина век.
На крајот, најскапа не е првата сликичка. Најскапа е последната. Првите пакетчиња го полнат албумот. Последните го празнат џебот.
Затоа Панини албумот за Мундијалот 2026 не е само најголемиот досега. Тој е и најдобар доказ дека фудбалската носталгија има цена.
Затоа што не се собираат само сликички. Се собираат спомени, играчи, репрезентации, дупликати, приказни и едно чувство што секој фудбалски навивач добро го знае – дека Светското првенство не почнува на теренот, туку со првото отворено пакетче.
К.М.
Аналитика








