ПОВЕЌЕ

    Колку се етички добивките на трговците? 750 милиони евра се слеале лани во Кам, Веро, Кипер, Стокомак…

    Време зa читање: 4 минути

    ПАРИ АНАЛИЗА | Вкупните приходи од 8-те најголеми трговски фирми (кои влегуваат и во 100-те најголеми компании во државава по приход), се 750 милиони евра, а нивната вкупна добивка е 30 милиони евра во 2021 година. Претходната пак 2020-та вкупните приходи и тоа на 10 најголеми маркети беа 650 милиони евра или 100 милиони евра повеќе се слеале само во осум маркети минатата година во однос на 2020 година

    Во продавниците секојдневно осамнуваат нови цени, а сметките што се добиваат на касите се како да се од некој друг град, од некои ексклузивни трговци, за нас непознати. Јогуртите се со цени над 60 денари за литар, или за килограм (зависно кој како пресметал дека може повеќе да заработи),  крем-сирењата во пакувања од 100 или 150 грама имаат раст на цена од 30-тина проценти па се продаваат за 70-тина, но и за над 100 денари, редовние цени на кравјото сирење веќе се доближија до 400 денари, освен ако се најде нешто на попуст, лебот е околу 40 денари,  јунешкото месо е над 500 денари за килограм, единствено ниска остана цената на свинското месо.

    Трговските маржи за основните прехранбени производи повторно се замрзнаа пред една недела, откако на 1 јуни се одмрзнаа. Министерот за економија Крешник Бектеши, по одмрзнувањето на маржите, видно разлутен излезе во јавноста од прашањето: „Што се случило за 24 часа, за да има скок на цени од 80 проценти за некои производи? Но, и по новото ограничувањето на маржите, во продавница не се влегува…

    Порталот „Пари“ во соработка со БизнисМрежа.мк ви ги открива минатогодишните приходи и профити на најголемите трговски синџири во државата.

    Финансиски показатели за  најголемите трговци во 2021 година

    (во евра)

    КомпанијаПриходДобивкаВработени
    КАМ187.500.000  5.000.0001.122
    Тинекс 102.700.0002.600.0001.480
    Киппер99.300.000 4.790.000748
    Стокомак  94.500.000  3.600.000    563
    Верополус  86.700.00010.300.000   979
    Китго67.500.0002.200.000783
    Рамстор  53.400.000 1.400.000 728
    Жито58.400.000 1.150.000  891

    Вкупните приходи од 8-те најголеми трговски фирми (кои влегуваат и во 100-те најголеми компании во државава по приход), се 750 милиони евра. Ова се заедничките приходи на : Кам, Верополус, Стокомак, Жито, Тинекс, Китго, Рамстор и Киппер, кои реализирале вкупна добивка од 30 милиони евра. Гледано како групација од најголемите трговски компании, ланската профитабилност им била 4 проценти, а рекордер е „Верополус“ кој со вкупен приход од 86,7 милиони евра, направил добивка од 10,3 милиони евра. Ова покажува висока профитабилност на компанијата, така што добивката како удел во приходите и е дури 11,9 проценти.

    Но, податоците покажуваат дека граѓаните – за храна, пијалоци, средства за хигиена и за други основни производи – најмногу пари оставиле во „Кам“. Ова трговско друштво е рекордер со приход од 187,5 милиони евра, но не и по добивка. Со добивка од 5 милиони евра, профитабилноста на „Кам“ е 2,7 проценти.

    Според последната одлука на Владата,  маржа од 5 проценти во трговијата на големо и 5 проценти во трговијата на мало има за леб бел-сечен на парчиња или цел, за шеќер бел како и за сончогледово масло за јадење, со исклучок на ладно цеденото. За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, за макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз, за трајното кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% и за јајца од кокошка, за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец е утврдена трговска маржа во висина до 10% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало. Но, како што изјави Бектеши и по овие ограничувања не се добил очекуваниот ефект, поради што потенцираше дека пазарните инспектори ќе бидат постојано на терен.

    Извор на податоци:БизнисМрежа.Мк

    Редакција ПАРИ

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање на хиперлинк до содржината што се цитира.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично