ПОВЕЌЕ

    Либор заминува во историјата

    Време зa читање: 4 минути

    Со првиот ден од новата година, лондонската меѓубанкарска понудена стапка, или Либор заминува во историјата, референтна каматна стапка која со децении беше појдовна точка за цените на финансиските инструменти, за на крајот да ѝ пресуди алчноста.

    Деценија по обелоденувањето дека банките спогодбено го местеле Либор и со тоа оштетиле милиони клиенти, една од најпознатите референтни каматни стапки конечно е пред згаснување. Ова многумина ги потсети на влезот во новиот милениум и „Y2K“, стравот дека милениумскиот баг („милениумска бубачка“) во софтверското кодирање ќе доведе до хаос низ целиот свет.

    Според Ројтерс, банките и регулаторите ќе ја поминат новогодишната ноќ пред своите екрани за да не тргне наопаку исклучувањето на Либор. Според консултантската компанија Оливер Вајман, банките потрошиле околу 10 милијарди долари за да се подготват за тој настан.

    Регулаторите не сакаат да преземаат ризици

    Вредноста на лепезата на финансиски инструменти, од хипотекарни, студентски и корпоративни заеми до деривати, во кои базата е либор достигна 265 билиони долари на почетокот на оваа година.

    Откривањето на аферата што резултираше со милионски банкарски казни и нарушена доверба (што е многу потешко да се измери) предизвика превирања на финансиските пазари без преседан од воведувањето на еврото во 1999 година.

    „Ќе бидам на моето биро на божиќните и новогодишните празници и знам дека другите ќе бидат на истото место за секој случај“, изјави за Ројтерс Едвин Скулинг Латер, директор за пазари во британскотото регулатроно тело – управата за финансиско однесување (FCA).

    Голем број финансиски деривати чија цена се пресметува врз основа на Либор веќе се префрлија на нови стандарди без поголеми проблеми. Сепак, регулаторите предупредија дека тие сè уште може да се појават на некои кредитни пазари, особено во случај клиентите да го пропуштат известувањето за замена на Либор, но дека ефектот може да се почувствува дури подоцна во јануари, пренесува Пословни дневник.

    „Ако имате договор што се однесува на една од тие стапки, него повеќе ќе го нема кога ќе го погледнете екранот во јануари“, вели Скулинг Латер, кој надгледува како се составува Либор од банкарски котации. Либор е создаден во 1969 година во Лондон за време на синдицирањето на заем од 80 милиони долари на иранскиот Шах, кога требаше да се утврди цената на тој заем.

    Заминувањето во историјата на оваа референтна каматна стапка беше помогнато од регулаторите по откритието дека најмоќните банки ги местеле котациите за да остварат дополнителен профит, а ќе ја заменат каматни стапки што ги пресметуваат централните банки, вклучително и американската ФЕД, Банката на Англија и Европската централна банка.

    Голем потфат

    Банката на федерални резерви соопшти дека Либор ќе ја замени со стапката на Sofr, која се заснова на околу билион дневни трансакции, што ќе ја направи значително поотпорна на манипулации и местење. Томас Випф, шеф на Алтернативниот комитет за референтни камати (ARRC) под покровителство на Банката на федерални резерви, истакнува дека комплексноста на гаснењето на Либор потсетува на милениумската бубачка.

    „Мислам дека е потребно многу доследно планирање и подготовка и се радуваме на фактот дека ако претераме со подготовката, тоа е добро“, вели тој. Либор има 35 верзии на пет валути, од Соединетите Американски Држави до Европа и Јапонија, што го прави неговиот крај голем потфат за глобалните регулатори, банки и компании, пишува Ројтерс.

    На крајот на декември, неговите 24 варијации трајно исчезнуваат, додека останатите девет остануваат во привремена употреба за постоечки договори, но не и за нови зделки.

    Потрошувачите кои ги игнорираат известувањата од нивните банки кои бараат промена на референтната каматна стапка што се користи при пресметката на заемот (или депозитот) може легално да се најдат во сивата зона. Како предизвик (барем во некои случаи) може да биде и убедувањето на сопствениците на обврзници да се префрлат на алтернативна стапка со текот на времето.

    „Јануари ќе биде многу интересен период, треба да видиме како се ќе се одвива. Ништо нема да се случи првиот ден, но отплатите во првиот месец од годината би можеле да бидат интересни“, вели Џон Оливер од PwC.

    Околу 80 отсто од тековните договори во износ од 265 билиони долари кои содржат Либор се однесуваат на деривати и инструменти кои минуваат низ клириншки куќи, а остатокот на корпоративни заеми, хипотеки и обврзници.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично