ПОВЕЌЕ

    Затворени маркети и илјадници евра казни: Цените означија „гарантирано“ незадоволство кај бизнисот и граѓаните

    Време зa читање: 5 минути

    Десет затворени маркети и стотина илјади евра казна е билансот од контролите на Државниот пазарен инспекторат, направени од денот кога стапи во сила владината одлука за намалување на цените – 19 септември. Од низа причини, трговците тешко се прилагодуваат кон времените правила, па се случува цената да е гарантирана, а производот да го нема, или да има и производ и ознака, но цената да е иста како и пред обврската за намалување од десет проценти.

    Оттаму и негодувањата на граѓаните дека артиклите исчезнуваат по секое замрзнување, односно регулирање на цените со владина мерка.

    Инспекторите, пак, во овој период реализирале повеќе од 550 контроли, при што катанец заработија маркети во Скопје, Куманово, Кичево, Гостивар, Кавадарци, Тетово и Струга, а меѓу првите беа „Веро“ и Вива фреш“. Сепак, целта не е компаниите да бидат затворени, туку да се почитуваат одлуките, нагласи директорот на ДПИ, Горан Трајковски. Тоа се потврдило и во текот на изминатите денови – ќе биде казнет секој што не ја почитува владината мерка.

    „Така ќе биде и во иднина. Нема да има компромис и ќе биде казнет секој што нема да ги почитува мерките и одлуките на Владата, а оној што ќе го повтори прекршокот, ќе биде затворен на подолг временски период“, дециден е првиот инспектор, кој апелира до трговците да покажат општествена одговорност.

    Засега, меѓу затворените маркети нема такви кои по втор пат се огрешиле, а им беше изречена петдневна забрана за работа. Законски е можно таа казна да е во траење до 30 дена.

    Намалувањето на цените со декрет од власта не е домашен изум, тоа се практикува и во регионот и пошироко. Сепак, мислењата се противречни, а чести се коментарите дека мерките се чисто популистички, односно немаат пазарна логика и капацитет да променат нешто од аспект на животниот стандард. Дури има и обвинувања дека на овој начин се минира домашното производство на храна.

    Иако Владата постојано тврди дека мерките се носат во договор со бизнис зедницата, од таа страна тоа се негира. Последно, од Стопанската комора реагираа и побараа преиспитување на мерката за замрзнување на цените на пијалаците.

    Конкретно, Групацијата производители на алкохолни и безалкохолни пијалаци при Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија при СКСМ писмено му се обрати на министерот за економија, наведувајќи аргументи со кои се укажува и докажува штетноста на мерката. Како што велат, десетпроцентното намалување за производителите и за трговците ќе значи работење со загуба, при што компаниите ќе немаат каква било можност за развој, нови инвестиции и вработувања.

    Според нив, растот на цените во изминатиот период е објективен, односно не се работи за самоволие, туку се и се припишува на кризата, под чие влијание се поскапени суровините и репроматеријалите. Како што се наведува: цената на стаклената амбалажа се зголеми за над 100 насто, ПЕТ амбалажата за 30 проценти, исто толку и амбалажата и капачињата, двојно е зголемена цената на шеќерот, главната суровина за производство на пиво е зголемена за 110, а за повеќе од 30 проценти се повисоки цените на свежото овошје.

    Исто така, за цената на пивото бараат државата да преземе дел од трошоците преку намалување на акцизата, која кај нас е до три пати поголема од оние кои се применуваат во земјите од регионот и во ЕУ. Како што се наведува, во Македонија акцизата за пиво со пет степени алкохол е 32,5 евра за хектолитар, додека во Романија е 8,63, Бугарија 9,2, Германија 9,44, Чешка 14,69, Австрија 24 и во Хрватска – 25,89 евра за хектолитар.

    Претходно, реагираа и производителите на овошје и зеленчук, кои исто така тврдат дека цените на домашните производи мора да се зголемуваат токму поради репроматеријалите, но и заради намаленото производство.

    Наспроти ова, анализите на Министерството за економија покажале дека е поголем интересот за извоз на земјоделските производи отколку за продажба на домашниот пазар, што мора да се надоместува со увоз од соседните земји. Последиците од таквата состојба – повисоки цени, ги трпат македонските потрошувачи. Оттука произлезе и минатонеделната мерка за намалување на царинските давачки на 10, а кои се движат и до 65 проценти. Исто така, се ограничи и највисоката трговска маржа за овошјето и зеленчукот до 10 проценти во трговијата на големо и до 15 проценти во трговијата на мало.

    Владата смета дека со ова го штити стандардот на граѓаните, а министерот за економија вети дека инфлацијата во делот на храната ќе се намали и ќе дојде на нивото меѓу четири и пет проценти. Неодамнешните податоци на Евростат, пак, велат дека по тоа прашање Македонија е на шестата позиција во Европа. Освен тоа, и аналитичарите – странски и домашни, се на истата линија, дека е многу тешко да се стопира растот на цените на храната.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично