ПОВЕЌЕ

    Законот за извршување и ограничувањето на каматата нападнати пред Уставен суд

    Време зa читање: 4 минути

    Петнаесет иницијативи се доставени до Уставниот суд, кој ќе треба да оцени дали е уставно предметите кај извршителите да застаруваат по пет години и дали казнената камата смее да биде само колку што е главнината на долгот, а не и над тоа. Предметите во Уставниот суд се формирани во август, неполн месец откако во Собранието се донесоа измените на Законот за облигациони односи и на Законот за извршување.

    Единаесет иницијативи, како што дознава www.pari.com.mk, се за преиспитување на уставноста на Законот за облигациони односи, а четири иницијативи се за преиспитување на Законот за извршување.

    Преиспитување на Законот за облигациони односи бараат четворица адвокати, двајца граѓани, Адвокатска комора, Комора на извршители, Македонска банкарска асоцијација, ЕВН, како посебна иницијатива, како и колективна иницијатива каде што освен ЕВН се и Македонски телеком, А1, Стопанска комора.

    За преиспитување на уставноста на Законот за извршување се поднесени четири иницијативи, и тоа од двајца граѓани, од ЕВН, како и заедничка од Стопанската комора, ЕВН, Македонски телеком, А1…

    Пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ и ДУИ, на седницата на 18.07.2023 година ги усвоија и измените на Законот за облигациони односи, со кои се регулира во кој временски период застаруваат побарувањата. Со овие измени, доверителите можат да побараат наплата на долгот во рок од максимум пет години наместо досегашните десет. Ако во рок од пет години по добиената правосилна извршна исправа не почне постапката за извршување, таа застарува. Во овој Закон, како и во Законот за извршување, се изгласа и ограничување на висината на каматата при извршување и таа сега не смее да го надмине главниот долг, односно, ако долгот е 6.000 денари, каматата може да биде максимално 6.000 денари.

    Во иницијативите доставени од Уставниот суд, подносителите бараат и времени мерки измените да се стават вон сила, а како дел од аргументите зошто бараат поништување на законските измени наведуваат дека ретроактивноста е правен преседан во облигационите односи за кој нема правно искуство никаде во светот, дека се нарушува владеење на правото, дека директно се повредува можноста и правото на правна заштита на имотниот интерес на доверителите, со што се влијае и врз нивната ликвидност и солвентност, дека се предизвикува огромна материјална штета и загуби на доверителите, дека се предизвикува целосна правна несигурност на странските инвестиции, и дека поради ретроактивното важење доверителите иако веќе платиле давачки пред државата, поради отписот на долгот ќе мора да платат и данок на добивка.

    Инаку, како што веќе објави www.pari.com.mk, [http://pari.com.mk/vladata-na-sdsm-i-dui-protiv-pratenicite-od-sdsm-i-dui/] против измените на Законот за извршување беше и Владата. Таа на седницата на 04.07.2023 година донесе мислење дека измените на Законот за извршување сериозно го нарушуваат концептот на владеење на правото во државата и затоа Собранието не би требало да ги усвои.

    Ова мислење беше доставено до Собранието и до пратениците на 10.07.2023, или осум дена пред гласањето.

    Автор на текстот: ГОРАН ТЕМЕНУГОВ новинар

    Лектор: Христина Ангелеска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    ПОВРЗАНА ВЕСТ:

    Владата на СДСМ и на ДУИ против пратениците од СДСМ и ДУИ

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично