Анализа: Кој распишува, а кој добива тендери за справувањето со снегот?
Годинава се склучени 59 договори за зимско одржување, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки. Вкупната вредност на склучените договори е 3,5 милиони евра, пресмета порталот Пари. Најголем дел од договорите ги склучило Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, а договори имаат склучено и многу општини. Договорите се склучуваат со приватни компании, освен Општина Демир Хисар, која склучила договор со ЈП Комуналец – Демир Хисар.
Некои од овие договори завршуваат годинава. Некои се за сезона 2024/2025. На некои пишува две години од склучувањето. Но, заеднички именител на сите договори е што се склучени годинава.
Инаку, интересен факт е што државата понудила многу поголем рамковен износ за сите тендери во однос на склучените, а цената најмногу ја симнале договорите со Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта.
НАЈМНОГУ ТЕНДЕРИ СКЛУЧЕНИ СО „МАКЕДОНИЈАПАТ“
Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, попознато под старото име „Македонијапат“, објавило огласи за 35 набавки со иста рамковна вредност од 177.000.000 денари. Или, секоја набавка па 2,8 милиони евра. Но, вредноста на голем дел од склучените договори била драстично помала, па имало и такви со 50-тина пати понизок износ од проценетата вредност.
Ова јавно претпријатие редовно склучува договори со надворешни компании. Неговата функција, пак, како што пишува на официјалната веб страница, е одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, вклучувајќи и редовно зимско одржување на магистралните и регионалните патишта, проектирање на помали објекти на патиштата, асфалтирање на помали делници и крпење на ударни дупки, проектирање…
На најмногу тендери на „Македонијапат“ пишува дека се за зимско одржување (со разни детали) на „државните патишта на територија на Подружница Скопје, Битола, Велес, Штип и Автопат“. И, кога ќе се рагледаат тендерите, се добива „море“ од фирми кои се бават со оваа дејност и кои функционираат како продолжена рака на „Македонијапат“: ЈАН КОНСТРАКШН ДОО увоз-извоз с. Брвеница, Брвеница; ЈОСКАТРАНС-ТРЕЈД ДООЕЛ увоз-извоз Демир Хисар; ГАН – ЛОГИСТИК ДОО Тетово; ДИКОР ЦД ДООЕЛ Струмица; ЗИМАК Стретен ДООЕЛ Битола; НЕФИ ИК ДООЕЛ увоз-извоз Охрид; ПРОФИ ГРАДБА увоз-извоз ДООЕЛ Битола; ЛИНДИ увоз-извоз Џабироски Сабит и др.; ЈТД с. Стрелци, Осломеј; ЈАНЕСКИ ТРАНС увоз-извоз ДООЕЛ Крушево; РУСТЕМИ ТРАНС ДООЕЛ увоз-извоз Кажани Битола…
КОЈ Е ОДГОВОРЕН ЗА ХАОСОТ СО СНЕГОТ ВО МАВРОВО?
Оваа година Договор за зимско одржување склучила и Општината Маврово и Ростуше. Договорот е склучен на 25 јануари 2024 година со Друштвото за сообраќај и услуги „Ресорт Маврово“. Но, како што пишува во Договорт, склучен е за сезона 2023/2024 година. Очигледно, склучувањето на договорот доцнело, затоа што зимските месеци од 2023 година поминале, а навреме со никого не е склучен ни нов договор за сезоната 2024/2025.
Во Договорот со „Ресорт Маврово“ од 25 јануари пишува:
„Договорот се склучува за период од 4 месеци, сметано од денот на склучувањето на овој Договор, па се додека трае зимската сезона, доколку се покаже потреба за интервенција и после поминување на овој рок од 4 месеци, Извршителот е должен да интервенира по барање од страна на Нарачателот“.
Проценетата вредност на договорот била 2.950.000 денари (околу 48.000 евра), ама се склучил договор на 1.622.500 денари, или околу 24.000 евра.
Предмет на овој Договор се услуги кои се однесуваат на ангажирање на механизација за редовно одржување и посолување на локални патишта и улици на територија на Општина Маврово и Ростуше за зимската сезона 2023/2024 година за дел 2 (Горнорекански и Мавровски регион).
Токму во Маврово, поточно во селата Никифорово и Леуново се одвиваше вистинска драма викендов. Останаа заглавени гости од хотелот „Радика“, а од викендиците се спасуваше жена приклучена на апарат за кислород. Во заглавените возила имаше и трудници и деца.
Инаку, за сезоната 2022/2023 година договорот за зимско одржување во Општина Маврово и Ростуше го добило Друштво за градежништво, производство, промет и услуги РИНЏО ДООЕЛ увоз извоз с. Брвеница, а за сезоната 2021/2022 година Друштво за патен и друмски сообраќај, транспортни услуги и трговија БАЛКАН-ТОУРС ДООЕЛ експорт-импорт с. Ростуше, Маврово и Ростуша. Овие две претходни сезони, компаниите што го добиле тендерот потпишале договори на по 48.000 евра.
Редакција Пари