ПОВЕЌЕ

    УЈП РАЗОТКРИ КРИМИНАЛНА ШЕМА: Обид со фиктивни фактури од Буџетот да се наплатат три милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Управата за јавни приходи разби криминална шема, чиј стожер се три фирми од кумановско-липковскиот регион, кои се обиделе државата да ја оштетат за близу три милиони евра. Контролите на УЈП утврдиле дека преку лажни фактури, а во соработка со пет фими добавувачи, намерата била средствата да се обезбедат преку поврат на  ДДВ. Државната каса не е оштетена, а случајот е пријавен до надлежните органи, ОЈО, МВР и Управата за финансиска полиција, наведе на денешниот брифинг со новинарите директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

    Кај трите осомничени компании, кои вршеле дејност трговија со нафта и нафтени деривати, без лиценца од РКЕ, е сменета и сопственоста и раководната структура, со тоа што во едната прешле кај лице од Хрватска, а кај другите две – од Косово. Освен тоа две од трите фирми првично имале ист сопственик.

    „Првичен основач, сопственик и управител на даночните обврзници еден и три , пред да се изврши промената и да се назначи странски државјанин како нов основач и управител, било исто физичко лице. Ова лице, во 2023 извршило и промена на презимето, наводно поради семејни причини“, укажа директорката Лукаревска. Притоа, појасни дека промената кај првата фирма се случила во 2022 година, а третата, која е формирана во ноември 2022, сопственоста ја менува минатата година.

    Инаку, за сите три фирми е заедничко и тоа што се преземени без никаков надомест. Што се однесува до соработниците, односно до петте фирми кои се јавуваат како добавувачи, кога биле известени за измамата, „им се насмеале“ на контролорите од УЈП, нагласи Лукаревска.

    И адресите на кои се водат, се фиктивни, немале бензински пумпи, ниту складишта за деривати, а ни вработени. Фиктивни се и голем број фактури издадени на милионски суми. Првата фирма имала намера да го оштети Буџетот со 79.350.190  (1,28 милиони евра), втората за 26. 090. 205 денари (423,7 илјади евра), а третата за 54.676.727 денари (речиси 888 илјади евра).

    „Во сите случаи има меѓусебна поврзаност од различни аспекти. Упатува на тоа дека е однапред смислена шема, со цел изигрување на законот и стекнување на противправна имотна корист. Доказите се доставени до истражните органи согласно нивните надлежности. УЈП има доставено писмена пријава до ОЈО и МВР на 15.11.2023 година“, посочи Лукаревска, додавајќи дека пријава има и Финансиската полиција.

    Во фирмите три контроли се направени по основ на ДДВ, по една по основ на данокот за личен доход и неспроведен попис, а пет се за контрола на деловните односи.

    „Нема оштетување на Буџетот затоа што даночните службеници спречиле исплати за поврат на ДДВ од 160.117.130 денари и на 18.969.998 денари од данок на личен доход“, нагласи директорката на Управата, Сања Лукаревска.

    Како што соопшти Лукаревска, УЈП спровела постапка за  присилна наплата на Данок на солидарност  кај осум даночни обврзници, кај седум е завршена и останува уште еден од трговија со дрва, градежен материјал и санитарна опрема, а кој треба да уплати уште шест милиони денари. околу 2.6 милиони евра. Измамата не им поминала и државниот буџет не е оштетен со оглед дека ДДВ-то не било исплатено и наместо тоа фирмите добиле засилени контроли од УЈП.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично