ПОВЕЌЕ

    TOW: Давање

    Време зa читање: 5 минути

    Давањето подарок за добротворни цели, според некоја генерална дефиниција означува трансфер на нешто (материјално, нематеријално) без некакво/нешто очекување за возврат.

    Но, дали ние даваме и/или колку даваме!?

    Иницијално, за оваа тема бев инспириран кога ја прочитав приказната за Св. Никола, т.е. вистинската причина од каде потекнува и целиот концепт за Дедо Мраз. Јас мислам дека во Македонија, секоја втора фамилија ја слави оваа слава, но верувам дека 99 % од нас немаат појма кој бил Св. Никола и зошто бил толку ценет и го добил тоа Св. пред името (јас си признавам не знаев до пред да ја прочитам приказната).

    Имено, приказната започнува некаде околу 280 г., кога бил роден (монах) Никола, во Патара (Мира), денешна Турција. Тој се одликувал со голема побожност, љубезност и се верувало дека го дал целото свое (наследено) богатство и патувал низ земјата помагајќи им на сиромашните и на болните. Најважно од сè е тоа што не барал ништо за возврат, па дури и се криел од луѓето да не знаат кој им помогнал.

    Тука и настанува легендата за Дедо Мраз, односно анг. Santa Claus. Една од приказните за Св. Никола е дека тој спасил 3 сестри коишто татко им сакал да ги продаде за робинки поради тоа што биле многу сиромашни. Имено, Св. Никола 3 вечери по ред, во чорапите од девојките ставал пари колку што било потребно за откуп на нивната слобода. Затоа, и за време на новогодишната / божиќната ноќ (кај католиците) се закачуваат чорапи до елката. Инаку, името Santa Claus потекнува од Sinter Klaas, скратеница од Sint Nikolaas, како што го викале холандските мигранти кои живееле во Америка.

    И, нормално, кој друг ако не Американците, после тоа го земаат Santa Claus (Дедо Мраз), почнувајќи уште од 1820 г., да го промовираат како икона и го измислуваат концептот на Новогодишно / Божиќно купување. И, остатокот е историја.

    Но, да се вратиме на темата. ДАВАЊЕ!? Дали и колку даваме!? Ако се свртиме наоколу, и ако сме барем малку разумни и свесни, ќе сфатиме дека не даваме баш многу. Иако сите (религии, мудреци, езотерии, народни мудрости итн.) викаат да даваме, дека давањето е основата на постоењето, дека „раката што дава не се суши”, дека имаш 2 раце, една дава, друга зема (баланс) итн., но нас некако ова второво раче не ни се пушта. Не ни се дава многу.

    Повеќе ни се зема. Е, сега, ако го земеме предвид општественото уредување на живеење и капиталистичкиот (материјален) систем во кој функционираме, тоа дека тој се заснова на себичност, земање и „повеќе”, ќе сфатиме дека е нормално ние да немаме навика да даваме. А, што е најинтересно, нашата природа е да даваме. Кога даваме ние:

    Се чувствуваме убаво: истражувањата кажуваат дека се зголемува активноста на делот од мозокот кој регистрира задоволство.

    Ги јакнеме личните вредности: 96 % од испитаниците (https://www.cafonline.org/) рекле дека даваат донации, бидејќи чувствувале морална обврска дека треба да помогнат на другите (природен инстинкт), и на тој начин се влијае на развој на вистинските вредности.

    Кармички се чистиме: можеби не сте многу заинтересирани за источните филозофии, но чисто да споделам како функционира Истокот. Првичното, основното ниво во јогата е Карма Јога (не асани, медитации, астрални проекции, чакри, аури итн.). Тоа значи, правење добро за/на другите. Кога некој сака да стане монах, во будистичките храмови, прво го учат на Карма Јога. Голем дел од бизнисите даваат (мин.10 %) од својот профит за добротворни цели. Познатите The Beatles, после нивниот престој во Индија, решиле дека ќе донираат 25 % од својата месечна заработувачка (еднонеделна заработувачка).

    Правење за другите, значи ЕМПАТИЈА (ТИ). Земање е ЕГО (ЈАС). Сме пишувале многу за ова, но чисто да се види зошто нас ни е полесно да земаме отколку да даваме. Ние, секогаш прво ќе си гледаме за себе, отколку за другите.

    Бидете пример за другите, учете ги вашите деца да даваат. Дека, ако уште од мали тие не научат, и ги воспитуваме дека „таа играчка е нивна, и да не ја делат или дадат на другарчето”, тогаш тие нормално е дека кога ќе пораснат, нема да сакаат ништо да споделат или дадат на другите.

    Во однос на давањето, многу е важен (најважен) моментот да не очекувате ништо за возврат. Ако давате, ама очекувате од другите да ви вратат, сте паднале на испитот и не го правите поради вистински побуди (тоа ќе го забележите, кога ќе дадете, и се лутите зошто тој/таа не ви вратиле, ни фала не ви кажале). Ако подарите 10 компјутери на некој дом, а притоа потрошите уште 10 пати повеќе пари да се изрекламирате на ТВ, ништо. Т’нко, директно пеколот, 9-от круг на Данте.

    Имате една недела до Нова година. Дајте си задача да направите нешто добро за некого, да помогнете некому, да го направите среќен, да донирате или да направите некое добро дело за другите.

    „Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат на www.pari.com.mk во соработка со www.tipoftheweek.co обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење. Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој:

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично