ПОВЕЌЕ

    Тоалетната хартија и пелените со замрзнати цени – бизнис заедницата бара пазарни место популистички мерки

    Време зa читање: 6 минути

    Цените на хигиенските производи, на оние кои најчесто се користат, во текот на денот ќе отидат под мраз. Се работи за тоалетна хартија, влажни марамици, пелени за деца и за возрасни, како и за хигиенски влошки, соопшти министерот за економија, Крешник Бектеши и појасни дека тоа ќе значи одредување на највисока цена по која може да се продаваат продуктите. Седницата на Владата, посветена на ова прашање е закажана за денес.

    „Намалувањето ќе биде 13 отсто од цените кои биле во трговијата на мало на 20 март годинава. Одлуката се носи врз основа на анализи“, посочи министерот, па образложи: „Од први до 24 март цената на тоалетната хартија се движела од 94,8 до 205 денари. На оваа цена кога ќе се пресмета ДДВ би се движела од 111,8 до 241,9 денари. Главно, повеќето од сите овие производи, 85 проценти, се увезени. За влажните марамици во просек цената се движела од 94,6 денари во јануари, 94,5 во февруари и 83,2 денари во март, каде имаме царинска ставка од шест проценти и не е вклучено ДДВ. За пелените цената се движи 36 денари по парче до 1.600 денари за кутија и тука не е вклучено ДДВ“.

    Владата е подготвена да се откаже од ДДВ за овие производи, но за тоа треба да одлучи Собранието, нагласи министерот: „За жал, во собраниска процедура од декември имаме законско решение за овие производи, да се решат дадолгорочно во делот на намалување на ДДВ од 18 на 5 проценти. Ден денес не е свикана комисија за финансирање и буџет“.

    Во сиот овој период откако се почна со мрзнење на цените, од Владата оценуваат дека нејзините одлуки се правилни. Или вистински потези во вистинското време.

    Во тој контекст е и соопштението упатено до јавноста од владејачката СДСМ. Мерките и одлуките се во насока на заштита и унапредување на стандардот на граѓаните во време на општа криза, а резултатите се намалување на цените при што истовремено растат платите и пензиите. Од партијата посочуваат дека тоа се постигнува со системски решенија и со исправни економски политики, па потсетуваат – минималната плата е 20.175 денари; просечната плата за пет години се зголеми за 44 проценти и сега е над 34.000 денари; пензиите во една календарска година пораснаа за 16, а со септемвриското усогласување ќе бидат повисоки за 25 насто.

    Движења има, но не треба да ги диктира власта. Експертската јавност и бизнис заедницата се согласни дека државата треба да креира услови за работа, а се друго да се регулира врз реална основа, односно врз економските параметри. Како што потенцираат, поддржуваат пазарни, а не популистички мерки.

    „Замрзнувањето на цените не е пазарна мерка, а ако Владата сака да интервенира за да го заштити населението, треба да ги активира стоковните резерви кои секогаш во ваква ситуација се покажуваат како подобар механизам“, изјави извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев.

    Економиите во светот имаат поинаков пристап и проблемот не го решаваат со замрзнување на цените, нагласи тој и додаде дека е подобро да се субвенционира делот од населението на кое тоа навистина му е потребно, но и да се помогне со директно намалување на царините, со помош при увозот на репроматеријали, со субвенционирање на електрична енергија, со механизми кои го прават домашното производство поконкурентно.

    „Владата посегна по оваа мерка сакајќи да го намали притисокот врз населението кое се најде во економски проблеми, но јас мислам дека сите економии во светот малку поинаку му приоѓаат на проблемот. Ние се залагаме токму за тој принцип – да не одиме со замрзнување на цените, туку со субвенционирање на она население на кое тоа навистина му треба. Замрзнувањето на цените непотребно ги става компаниите чии производи се замрзнати во неповолна економска позиција, а производите се продаваат и на оние групи население на кое таа разлика во цена не им значи ништо. Затоа, многу повеќе ги почитуваме мерките на Владата кои се однесуваат на директна интервенција во делот на намалување на царините, помош при увозот на репроматеријали, субвенционирање на електрична енергија и механизмите кои го прават домашното производство поконкурентно, отколку директно замрзнување на цените“, посочи Пешев, одговорајќи на новинарски прашања пред Македонско-австриските бизнис-средби во Комората.

    Според него, замрзнувањето е мерка која не може да трае долго, а по нејзиното завршување повторно ќе има поскапувања.

    „Во меѓувреме, компаниите чии производи биле опфатени со замрзнувањето на цените, изгубиле многу пари. Затоа ние секогаш се залагаме за пазарни, а не за популистички мерки“, подвлече извршниот директор. Притоа, рече дека на оваа тема имале комуникација со властите. „Владата има право да ги замрзне цените. Сепак, има механизми кои не се доволно искористени, а тоа се државните резерви кои секогаш во ваква ситуација се покажуваат како подобар механизам од замрзнувањето на цените. Владата би требало, ако сака да интервенира, да го засили влијанието на пазарот со свое влегување преку ‘базенот’ кој се вика државни резерви“.

    За разлика од нашата практика, во Австрија нема ограничување или замрзнување на цените. Се дискутирало само за замрзнување на цените на недвижнините и станарините, при што се утврдило дека е подобро да им се даваат донации, односно дотации на граѓаните со кои би им се помогнало да ги платат овие давачки, наведе Рихард Бандера, регионален менаџер за Југоисточна и Источна Европа и за Централна Азија.

    Според него, втора клучна тема во Австрија се енергетските трошоци и воведена е помош за домаќинствата. „Тоа се неколку стотини евра и не се големи средства, но сепак, беше чекор напред во поддршката кон граѓаните. Дадовме поддршка и на претрпијатијата кои имаат интензивна потрошувачка на енергија. Тоа се оддолжи малку, но во период од повеќе месеци добија поддршка“, рече Бандера.

    На замрзнувањето реагираа и од Стопанската комора на северозападна Македонија, чиј став е идентичен со оној од СКСМ. Според претседателот Менди Ќира, мора да се престане со замрзнувањето на цените и да се најдат други алтернативи. Решението го гледа во интервенцијата со државните резерви, но вели треба да се разгледаат и сите други можности од типот на намалување даноци и кратење на ДДВ.

    Слободниот пазар е избор и на Сојузот на стопанските комори. Секое замрзнување на цените има позитивни и негативни консеквенци, посочи вчера претседателот Трајан Ангелоски, повикувајќи ја Владата да објасни што сака да постигне со мерките што ги презема.

    Од Владата, пак, најавуваат и други замрзнувања. Со цел, како што често истакнува премиерот Димитар Ковачевски, од една страна парите да останат кај граѓаните, а од друга – да се оневозможи профитирањето врз нивниот грб.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично