ПОВЕЌЕ

    Време за промена на стратегијата „затвори и продај“

    Време зa читање: 3 минути

    Општо е познато дека банките се важен дел од економијата. Нивната важност се согледува пред сѐ во улогата за алокација на слободните средства од суфицитарните субјекти кон дефицитарните субјекти. Преку оваа алокација банките ја помагаат инвестиционата активност на економските субјекти, и истовремено генерираат профит. Меѓутоа, треба да се постави прашањето дали недостатокот на сериозна конкуренција довело до создавање на нефлексибилни банкарски институции во земјите во развој. Имено, поради зависноста на субјектите од парични средства во форма на банкарски кредити, банките се стекнуваат со релативно стабилна позиција. Ваквата позиција на банките посебно е изразена во економии каде постојат ограничени извори за финансирање на активностите на компаниите.

    Во услови на ограничено ниво на конкуренција, висок степен на побарувачка и евтина цена на капитал, банките стануваат релативно нефлексибилни бидејќи профитабилноста им е „загарантирана“. Поради вака дефинираните услови на сигурна побарувачка и сигурен профит, проширувањето на палетата на производи и услуги е релативно ограничена. Во продолжение треба да се напомене дека банките ја заборавиле важноста на клиентите.

    Нефлексибилноста на банките посебно се истакнува кога станува збор за кредитирањето на претпријатијата. Имено, при одобрување на кредит на некое претпријатие, банката најпрво гледа да обезбеди соодветно ниво на колатерал. На овој начин е сигурна дека ќе го намали ризикот од неплаќање и ќе биде во можност да ги наплати своите побарувања.

    Желбата на банката да има соодветно ниво на обезбедување е сосема оправдано и разбирливо, бидејќи секој сака да ја ограничи својата загуба. Проблемот се јавува во ригидност на активирањето на извршните клаузули за прибирање на залогот.

    На пример, размислете што би се случило доколку една компанија добие кредит за изградба на погон, меѓутоа од одредени причини клиентот не е во состојба да го плаќа кредитот. Во ваквиот случај банката би преминала кон активирање на клаузулите за прибирање на залогот. Меѓутоа, треба да се постави прашањето дали банката треба веднаш да започне со активирање на колатералот? Исто така треба да се праша дали банката треба да преземе други активности или понуди други услуги пред активирање на хипотеката?

    Нешто што треба да се разбере е дека во случај на активирање на залогот, банка се наоѓа во ситуација да поседува движен или недвижен имот кој понатаму повлекува низа обврски и трошоци пред прибирање на средствата. Најважното од сѐ е дека банката останува без клиент за кој што самата банка донела заклучок дека тој клиент може да работи профитабилно, доколку се земе предвид дека кредитот е одобрен врз основа на анализа на бизнис планот на компанијата.

    Доколку банката пронајде начин да му помогне на ваквиот клиент, истата го олеснува процесот на раководење со кредитното портфолио и создава долготрајна врска со клиентот. Секако, најважно од сѐ е дека континуирано ќе го зголемува бројот на клиенти и со тоа самата профитабилност.

    За таа цел, можеби е време банките да ја зголемат флексибилноста и да се ориентираат кон понуда на совети за работењето на своите клиенти, посебно клиентите кои се соочуваат со финансиски потешкотии во своето работење. Банките располагаат со доволно стручен кадар кој би можел да го води клиентот низ процесот на справување со финансиските проблеми и подобрување на финансиското здравје на компанијата. Ова би значело дека со постоечките ресурси банката може да придобие многу повеќе на долг рок. Опцијата затвори и продај секогаш постои, меѓутоа зар не би било подобро да се смени во советувај, работи заедно и профитирај континуирано.

    Автор: Вон.Проф. д-р  Зоран Темелков

    Повеќе текстови од авторот, [ тука ]

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично