ПОВЕЌЕ

    СЛОВЕНИЈА ГО ЗАБРАНИ, ХРВАТСКА СЕ ПОДГОТВУВА: Енергетската напивка PRIME содржи висок процент на кофеин и други супстанци несоодветни за деца

    Време зa читање: 5 минути

    Инспекцијата на Управата за безбедност на храна, ветеринарство и заштита на растенијата на Република Словенија извршила контроли на пијалокот Прајм и открила дека во оптек има две верзии. Подоцнежната проверка на состојките покажа дека енергетскиот пијалок Prime ја содржи состојката Л-теанин, која не е дозволена во безалкохолните пијалоци во ЕУ, но е дозволена во друга храна. Тоа значи дека оваа верзија е забранета за оптек, пренесува slovenski24ur.

    Кофеинскиот енергетски пијалок на овој бренд содржи дури 200 mg кофеин по конзерва. За споредба, најпознатиот енергетски пијалок на пазарот содржи 80 мг кофеин по конзерва.

    Воедно, Управата и Дирекцијата за јавно здравје на Министерството за здравство побараа проценка на ризик од Националниот институт за јавно здравје. Како што појаснуваат, од доставената документација јасно се гледа дека проценетата изложеност на кофеин преку конзумирање на енергетските пијалоци Прајм упатува на постоење на веројатност за штетно влијание врз здравјето на соодветните групи на население, па затоа енергетските пијалоци Prime претставуваат ризик за здравјето на децата и адолесцентите во однос на содржината на кофеин.

    Откако Словенија ја забрани кофеинската верзија на енергетскиот пијалок Prime  во истата насока се движи и Хрватска. „Денеска ХЗЈЗ ќе издаде предупредување за штетноста на енергетските пијалоци, а во 18 часот имам состанок со Државниот инспекторат за изнаоѓање законско решение за ограничување на потрошувачката на штетните енергетски пијалоци и никотинските кесички, кои во моментов се незаконски достапни на пазарот за деца“, ни рече министерот Вили Берош.

    Пред една година, дванаесетгодишно дете во Вараждинската жупанија доживеа мозочен удар кој е директно поврзан со прекумерното консумирање енергетски пијалоци, а дете во Загреб почина откако испило енергетски пијалок во јуни 2021 година.

    Енергетските пијалоци мора да бидат опремени со предупредувања дека пијалокот не е погоден за деца и помлади луѓе поради високата содржина на кофеин.

    Инаку, Prime е исклучително популарен меѓу тинејџерите ширум светот, вклучително и во Хрватска. Го промовираат јутјуберите Логан Пол и КСИ, а иако пишува дека не е за помлади од 18 години, дизајнот и маркетингот се такви што ја таргетираат помладата популација.

    Берош побара итно ограничување на нивната потрошувачка за децата. Покрај енергетскиот пијалок, има и никотински кесички кои содржат никотин во количина до три кутии цигари, што ги згрози лекарите и самиот министер.

    Американскиот енергетски пијалок кој во Америка чини 2,48 долари, а во Хрватска околу седум евра, станува се попопуларен меѓу студентите. Резултатите од последното истражување на HBSC покажуваат дека секое шесто 11-годишно дете пие енергетски пијалоци. Постарите луѓе ги консумираат уште почесто, а особено загрижува најновиот тренд на пиење верзија на енергетски пијалок кој содржи кофеин.

    Имено, една доза од овој напиток содржи исто количество кофеин како две шолји кафе. Исто така, во Хрватска, учениците меѓусебе си го продаваат овој пијалок за 50 центи по голтка.

    Покрај верзијата која содржи кофеин, постои и верзија без кофеин која е уште поскапа и чини 12 евра во Хрватска. Во декларацијата на тој производ стои дека се работи за „пијалок за хидратација“. Советничката за потрошувачи за храна, Ана Рачиќ, која ја проучуваше декларацијата на верзијата без кофеин на енергетскиот пијалок за RTL, потврди дека се работи за вода со додадени засладувачи, боја и минимални дози на амино киселини и некои витамини. „Судејќи според декларацијата, тоа е скапа вода со малку изматено нешто. Нема да не отруе, но и од тоа нема да имаме некоја посебна корист“, објасни таа. Таа додаде дека овој пијалок не содржи шеќер, но ги додаде засладувачите сукралоза и ацесулфам К, кои се одобрени и дозволени засладувачи.

    Лекарите сметаат дека тинејџерите и младите посегнуваат по енергетските пијалоци затоа што им ја даваат енергијата што им недостасува, како што изјавиле во анкетите на оваа тема. Им недостига енергија бидејќи се движат помалку и поголемиот дел од денот го поминуваат стуткани над мобилните телефони или други екрани, често до доцна во ноќта, па често се поспани на училиште.  Посегнувањето по енергетските пијалоци го зголемува пулсот, го зголемува крвниот притисок и го стимулира нервниот систем, што во некои случаи може да има посериозни последици.

    Пред година и половина, двајца Јутјубери и спортски ѕвезди, Логан Пол и КСИ, некогаш ривали во боксерскиот ринг, се здружија за да направат производ конкурент на популарниот напиток за хидратација на спортисти – Гаторејд. За да им биде успешен бизнисот, помогнаа нивните вкупно 40 милиони следбеници на социјалните мрежи. Така беше создаден ривалски спортски пијалок со вкус на овошје што го нарекоа Prime Hydration.

    Нивните млади обожаватели низ САД и Велика Британија беа воодушевени. Речиси веднаш, пијалокот стана ретка стока, а со тоа и скапоцена. Младите објавуваа видеа на YouTube и TikTok од нивните епски потраги низ продавниците за да го најдат, понекогаш по смешно означени цени. Тие си наплаќаа преголеми суми во игралиштата за отворени шишиња и собраа колекции од сите девет вкусови. Пол и КСИ и нивниот партнер Конго Брендс, заработија пријавени 250 милиони долари од брендот – што, несомнено, активно ги таргетира децата во неговиот маркетинг – во 2022 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично