ПОВЕЌЕ

    ПОСМРТНИНАТА ЗГОЛЕМЕНА ЗА 5000 ДЕНАРИ – Лани исплатени 7,5 милиони евра од солидарнот фонд

    Време зa читање: 4 минути

    Од почетокот на годинава зголемен е износот на посмртната помош, од досегашните 30 на 35 илјади денари. Ова решение ќе се применува до 30 јуни. Засновано е на одлуката за времено определување на висината на задршката за солидарен фонд  – посмртна помош, членарина и висината на исплатата на посмртна помош, објавена во „Службен весник“ пред крајот на 2023.

    Во овој шестмесечен период, според одлуката, од пензиите ќе се одвојуваат по 140 денари (десет денари помалку од претходната сума) за солидарниот фонд. За членување во здружение на пензионерите, ќе се плаќа исто како и досега – 30 денари.

    Иако дел од пензионерите реагираат дека со овие пари се прават големи манипулации во рамките на Сојузот, сепак, членувањето е на доброволна база. А, бројот на пензионерите кои се согласни од нивните примања месечно да се одвојува сума за таа намена се зголемува, а паралелно со тоа и уплатениот износ.

    Од анализата што ја направи порталот „Пари“ врз основа на расположливите годишни податоци, се гледа дека лани на сметката од Сојуз на здруженијата на пензионерите „легнале“ близу 1,9 милиони евра (1,8 милиони евра во 2022). Тоа е вкупниот износ од уплатите вршени во текот на целата година, кои се движеле од над 154 до над 158 илјади евра. Од друга страна, семејствата на починатите пензионери добиле 7,5 милиони евра. Добро е што износот е понизок од нотираните 8,6 милиони евра на крајот од 2022 година.

    Забележливо е дека лани само во три месеци – август, ноември и декември, бројот на барањата за посмртнина е под илјада. Со што и месечните исплати се под 500 илјади евра.

    Во текот на останатите девет месеци барањата се искачуваат и над 1.600, а средствата дадени како посмртнина се движат и до речиси 800 илјади евра.

    И покрај статистичките бројки за движењата во овие сегменти кои ПИОМ редовно ги објавува, со години наназад се зборува дека со солидарниот фонд нешто не е во ред. Манифестацијата на сомневањата кулминираше за време на пензионерските протести. Пензионерите организирани во движењето „Тука сме“ посочија дека нудат и докази за ненаменското трошење на пензионерските пари издвоени за членарина и за солидарниот фонд. Пред неполна година формираа и стручен тим кој, како што информираа тогаш, работи на измени и дополнувања на членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат токму на овие задршки. А, пензионер од Куманово, пак, поднесе и иницијатива до Уставниот суд, за оспорување на членот 115. Конкретно, исплатата на посмртната помош да не се условува со задолжително членување во Сојузот и во пензионерските здруженија кои го сочинуваат.

    На оваа тема, се уште, нема ништо ново. Солидарниот фонд веќе ја тера својата 69-та година. Формиран е во 1955, како израз на хуманост и солидарност, по принципот сите за еден – еден за сите. Дали се вредностите сосема изместени, има ли злоупотреби и дали овој фонд со текот на времето и промените се трансформирал во „пирамидална организација затскриена зад пензионерското здружување“, засега може само да се зборува врз основа на претпоставки.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично