ПОВЕЌЕ

    Се повеќе слободни работи места и се помалку невработени

    Време зa читање: 4 минути

    Дали со вработување или со иселување – податоците покажуваат намалување на бројот на лица кои се во потрага по работно место, од 111.896 во јануари на 105.948 во јули

    Слободните работни места, чиј број на дневна основа го објавува Агенцијата за вработување, се во пораст. На петти месецов беа 6.677, а веќе утредента 7.581. Невработеноста, пак, се намалува. Од 111.896 запишани во јануари во прегледот на евидентирани невработени, на крајот од јули се 105.948 лица. Помалку за 5.948. Кои, можеби нашле работа или се иселиле.

    Статистиката вели дека од вкупниот број невработени, регистрирани на списоците во АВРМ заклучно со 31 јули, 54.190 се жени. По бројноста се доминантни речиси во сите групи преку кои се анализираат состојбите на невработеноста – според возраст, образование, време на чекање…

    Најголем дел од лицата кои бараат работа преку Агенцијата се без или само со основно образование. Вкупно 62.811, од кои жени се 33.486. Потоа следуваат 25.643 (12.424 жени) со завршено средно, а со недооформено средно образование се 9.242 лица (3.014 жени).

    Масовноста опаѓа пропорционално со образовното ниво на барателите. Најмалку евидентирани – 18 се доктори на науки. Ги има во Битола, Прилеп, Струмица, Штип, Тетово и Гостивар по еден, во Кичево и Куманово по двајца, а осуммина се во Скопје. Од нив 12 се жени. Еден степен пониско, кај магистрите на науки пријавени се 596, а повеќето од половина, или 380 се од женскиот пол.

    Состојбата на невработеноста со високо образование е 6.838 (жени 4.464), а со вишо образование има 800 баратели на работа (410 жени).

    Според времето на чекање најмногу евидентирани има за периодот од четири години 15.584, каде што повторно превагнуваат жените 10.264. На кратки патеки, од еден до пет месеци се 14.168 лица (7.174 жени). Потоа следува групата од 14.140 лица (7.654 жени), кои на работно место се надеваат три години. Поголем стаж на чекање од осум години е забележан кај 13.207 граѓани (жени – 4.326). Над десет илјади се впишани и во графите чекање од пет до седум години – 10.136 (4.137 жени), од шест до 11 месеци – 11.718 (6.095 жени) и две години – 12.258 (6.813 жени).

    Возраста може да биде пречка при вработувањето. Уште полошо е ако невработениот има години, а нема работно искуство. Податоците на АВРМ покажуваат дека 15.868 баратели, од кои жени се 8.027, се на возраст од 55 до 59 години. Тоа е и најбројната група од аспект на староста. Нешто помалубројни се граѓаните кои наполниле 60 години, заедно со оние кои се над таа граница. Тука се работи за 14.172 лица (5.104 жени). Следуваат невработените на возраст од 50 до 54 години – 13.192 (7.011 жени).

    Можностите за младите се поголеми. Меѓу заведените во евиденцијата на АВРМ најмалку ги има лицата од 15 до 19 години – 1.585 (788 жени), по кои доаѓаат 8.720 (4.666 жени) граѓани кои се меѓу 20 и 24 години, па оние од 25 до 29 години, кои се 9.452 на број (5.241 жена).

    Концентрацијата на невработените е најголема во Скопје, каде што во Агенцијата за вработување фигурираат 22.007 лица. На второто место е Тетово со 13.249, а на трето Куманово со 11.546 официјално запишани баратели на работа.

    За слободните работни места, пак, говорат и неодамнешните согледувања од Државниот завод за статистика, кои се однесуваат за првата половина од годинава: 8.059 отворени позиции во секторите рударство и вадење камен, во преработувачката индустрија, во трговијата и најмногу во  услужните дејности и продажбата.

    М.А

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично