ПОВЕЌЕ

    Професорот Марјан Петрески за „Каде се парите?“: Со продуктивност, а не со ад хок решенија до повисоки плати

    Време зa читање: 7 минути

    Македонија прво треба да го зголеми колачот, а потоа да се занимава со неговата делба. Потребно е да има повеќе вработувања, поголема продуктивност на вработените, со што ќе расте просечната плата, а со тоа ќе има реална основа за зголемување и на минималната плата и на пензиите, вели професорот по економија на Факултетот за бизнис економија и менаџмент при Универзитетот „Американ Колеџ“, Марјан Петрски во „Каде се парите?“. Во неговите истражувања фокусот е врз пазарот на трудот, сиромаштијата и нееднаквоста. А, во поткастот ги анализира програмите – економскиот дел, на двете најголеми политички, кои се однесуваат на платите и пензиите. Притоа, препорачува да бидат внимателни со ветувањата.

    Професорот посочува дека пазарот на трудот во Македонија, во последната деценија, деценија и пол бележи значајно подобрување, за што се врзуваат и движењата кај платите.

    „Индикатор е стапката на невработеност, која својот максимум го имаше кон средината на минатата деценија, во 2005 година, кога беше над 35 проценти, а сега последната бројка е 13 проценти. Тоа е релевантно, затоа што ги објаснува и движењата кај платите, поконкретно просечната плата. Во истиот период и просечната плата има тренд на раст, со тоа што забрза некаде во периодот од 2017 до 2019 година. Пред деценија и пол имаше голем база работна сила, за која тогашната Влада си даде цел да ја вработи и главна политика беше отворањето работни места преку привлекување фабрики во слободните економски зони. Тоа полека вршеше притисок врз платите, кој забрза во моментот кога тој базен со работна сил се исцрпи“, објаснува Петрески.

    Во тој контекст укажува дека на прашањето – кој е главниот проблем со кој се соочувате – само еден до два проценти од менаџерите на производните фирми во 2005 одговориле дека тоа е недостигот на квалификувана работна сила. А, денес, и во последните пет-шест години, една четртина до една третина од нив рекле дека тоа е главниот проблем. Сега, вели, дојдовме во ситуација на затегнат пазар на труд, кој започна да извршува посилен притисок врз платите.

    Тврдењето дека иселувањето влијае врз стапката на невработеност е и точно и неточно.

    „Неточно е затоа што математички стапката на невработеност е однос на бројката на невработени поделена со бројот на вработени плус бројот на невработени. Значи, кога невработено лице се иселува, излегува и од именителот и од броителот на таа дропка, па на крајот добиваме или исто ниво или промени со некој мал пад. Но, не можеме да кажеме дека само невработените се иселуваат, тоа е генерална тенденција, без оглед на состојбата на пазарот на трудот. Сепак, главно влијание врз вработеноста и креирањето работни места изврши оваа политика на отворање фабрики во ТИРЗ-овите и некои други политики, како на пример, лепезата мерки под капата на Агенцијата за вработување. Тие тенденции ни го објаснуваат движењето на платата. Денес, на пазарот се соочуваме со притисок поради недостиг од квалификувана работна сила“.

    Притоа, Петрески укажува на студија на која што работел во 2022 година. Менаџерите на компаниите биле прашани – што врши притисок врз платите во вашата фирма? Две третини од нив одговориле – недостиг на квалификувани работници, а една третина навеле дека притисокот го врши минималната плата.

    „Минималната плата е релевантен концепт во една економија. Ние ја немавме и беше воведена првпат во 2012 и тогаш стана политичко орудие, кое беше и сѐ уште е присутно, барем делумно, во програмите на политичките партии за секои избори, затоа што директно е поврзана со животниот стандард на работниците. Не на било кои, туку на тие што се позагрозени, кои со склопот на вештините што ги имаат, можат да заработат минимална плата или нешто околу тоа  ниво. И, логично е преку едно такво решение да им се помогне“.

    Законското решение предвидува дека минималната плата се усогласува со трошоците на живот и со растот на просечната плата, што е релевантно, бидејќи на тие што ја примаат им осигурува зачувување на животниот стандард, наведува Петрески и укажува:

    „Проблемот се појавува во моментот кога политичките партии ветуваат зголемувања на минималната плата кои не можат да се поврзат со порастот на продуктивноста во економијата. Тогаш велиме дека им доделуваме на работниците вредност која тие не ја создале и таа вредност мора да се најде од друго место. Последното усогласување беше во март, на 22.500 денари. Во 2012 кога се постави за првпат, износот беше околу 8.800 денари. Значи, има 2,5 пати зголемување на минималната плата. Знаеме дека продуктивноста во економијата не пораснала за 2,5 пати во тој период“.

    Сепак, нагласува, досега зголемувањата на минималната не предизвикале отпуштања, а нема ни понатаму. Но, можни се други прилагодувања. Прво вели, распространета е сивата економија, и во такви околности законското решение го притиска бизнисот, па работодавачот наоѓа начини како да го заобиколи. А, тука е, иако не големо, и влијанието врз цените.

    „Вториот момент кој сум го истражувал во студија, е како големи ад хок зголемувања на минималната плата евентуално се одразуваат врз цените. Се однесуваше на последното големо зголемување на минималната плата во 2021, од 15.194 на 18 илјади денари. Испитувањето покажа дека тоа зголемување имало мал, но сепак, незанемарлив удел во растот на цените што следуваше потоа. Нема дилема, растот на цените, осоебно во 2022, беше доминантно воден од глобални фактори. Меѓутоа, студијата покажа дека 7 до 10 проценти од таа варијација на цените може да се припише на домашен фактор, во кој доминантна улога играше тоа зголемување на минималната плата.

    Во таа смисла е потребна внимателност, инаку минималната плата, ако ја гледате низ призмата на заштита на животниот стандард на примателот, нема дилема, таа треба да расте. Легитмино е и синдикатите за тоа да се борат, но работата е – кои консеквенци ќе го има тоа врз рамнотежата во економијата“, предупредува професорот.

    Исклучително важна е продуктивноста како концепт, нагласува, и тоа го објаснува со примерот на колачот и неговата поделба. Производите и услугите што се генерираат во текот на една година е колачот кој потоа се дели преку примарен систем, платите, и преку секундарен систем, буџетот. „Примарното прашање за Македонија е – колкав е тој колач? Секундарно прашање е како тој ќе се дели. Алтернативно кажано, нашата примарна цел како економија на ова ниво на развој, е како да создадеме поголем колач кој потоа ќе го поделиме. Таа додадена вредност, поделена со бројот на вработени, или попрецизно, со бројот на одработени часови, ни дава индикатор кој се нарекува продуктивност на трудот. Колку се произведува во единица време. Таа продуктивност ја следиме низ текот на времето, а во Македонијма е стагнантна. За една деценија, можеби растот е 10 до 12 проценти. Дури има сектори каде што тој раст е негативен. Затоа, релевантно е да се прашаме – како да го зголемам колачот па да добијам повеќе, отколку фокусот само да ми биде колку ќе добивам од колач кој не се зголемува или да чекам некој друг да го зголемува, а јас само повеќе да приграбам“, сликовите објаснува Петрески и додава – „кога има поголем колач лесно е да се зборува како ќе се дели“.

    Затоа тврди: „Најприроден пат за зголемување на минималната плата е растот на вкупната економија и тоа е индикатор за движењето на продуктивноста“.

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично