ПОВЕЌЕ

    ПРОБЛЕМОТ СО ПЛАТИТЕ НЕ Е РЕШЕН – ШТРАЈК ВО НАЈАВА од даночниците, цариниците, судските службеници

    Време зa читање: 3 минути

    Постигнатиот договор, со кој 85.000 вработени во јавната администрација добиваат десетпроцентно зголемување на платите почнувајќи од септември и десет илјадарки за К-15, не ги елиминира сите проблеми.

    Вработените од Управата за јавни приходи и натаму инсистираат на плати повисоки за 30 насто. Исто и работно ангажираните во судската администрација. На таа линија се и цариниците. Не ја исклучуваат можноста за протести и штрајкови.

    До петок изминува законскиот рок во кој посредникот треба да го достави предлогот до Министерството за труд и социјална политика, укажува Васе Неданоски од Синдикатот на УЈП. Доколку е неприфатлив за вработените во Управата, тогаш тие повторно ќе и се вратат на практиката од двочасовни протести, веќе од наредната седмица.

    Од Синдикатот на Царинската управа го поздравија договорот постигнат со Владата, но бараат „итно зголемување од 30 насто“, затоа што тоа е нивно „законско право што не може да се ускрати“. Во спротивно, ќе уследи генерален штрајк.

    И судската администрација останува на барањето да добијат триесетпроцентно зголемување на месечните примања. Не се откажуваат ниту од протестите пред скопските судови, а за септември најавуваат масовна манифестација на незадоволството од страна на службениците од сите судови во државата.

    Ракции имаше и од Независниот синдикат за образование и наука. Не прифаќаат едноставно зголемувње на платите за десет проценти, туку бараат спроведување на колективните договори во основното и во средното образование. Според нив, тоа е единственото решение за ниските и потпросечни плати во образованието. Согласно таа методологија, коефициентот на сложеност на наставниците и стручните соработници, кој според колективните договори е 2,5, се множи со најниската плата на државно ниво. Па, се додека не се дојде до достоинствено вреднување на нивниот труд и професија, ќе се одвиваат и синдикалните активности и организирањето на просветните работници.

    Познато е, по неколкумесечно преговарање во рамките на Економско-социјалниот совет, во понеделникот падна договор прифатлив за двете страни – ССМ и Владата. Освен процентот за раст на платите и утврдениот регрес за годишен одмор, властите прифатија новата методологија за пресметка на примањата да се базира на просечната плата помножена со коефициент, со старт на примената од март 2025 година. Во тој контекст се цени дека по цели 17 години ќе се донесе нов општ колективен договор, кој носи системско решение за платите во јавниот сектор.

    За оваа намена од државната каса ќе се одлеат дополнителни 40 милиони евра, па поради тоа, како што изјави министерот за финансии, во септември ќе се пристапи кон ребаланс на буџетот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично