ПОВЕЌЕ

    Придонесите на 1,64 вработени издржуваат еден пензионер

    Време зa читање: 6 минути

    • Пензиите се зголемуваат.
    • Бројот на пензионери, исто така, се зголемува.
    • Бројот на вработени во приватниот сектор се намалува.
    • Расте сумата што се префрла од буџетот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИО).
    • Расте сумата што е потребна за да функционира Фондот за ПИО.

    До вакви констатации ќе се дојде ако на прв поглед се разгледаат бројките во предложениот буџет за 2024 година, кој е во собраниска процедура, како и податоците за анкета на работната сила на Државниот завод за статистика.

    Ако се погледнат буџетите од 2016 до 2024 година, освен во две години, 2019 и 2022, постојано има раст колку пари се префрлаат од буџетот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИО), за да може да се исплатат пензиите и другите обврски на овој Фонд.

    2024 година нема да биде рекордна само по префрлените средства од буџетот, туку и колку пари ќе се соберат во Фондот и колку вкупно пари му се потребни за да функционира нормално.

    Ако на ова се додаде и податокот од Државниот завод за статистика (ДЗС) дека според Анкетата на работна сила, од 2019 до 2023 година бројот на вработени во приватниот сектор, односно на оние кои директно со своите придонеси ја полнат касата на Фондот, се намалил од 614.658 на 509.650, или за 105.008 вработени, црвеното светло за тревога би требало да светне.

    БРОЈКИТЕ СТАВЕНИ ВО КОНТЕКСТ СЕПАК КАЖУВААТ НЕШТО ДРУГО

    Но, ако се споредат бројките, ќе се види дека во моментов работите, сепак, се подобруваат. Не се добри, но се подобруваат. Иако од година во година се зголемува апсолутната сума што се префрла од буџетот во ПИО, сепак таа процентуално се намалува во сумата што секоја година е потребна за да може непречено да се исплаќаат пензиите и Фондот да функционира нормално.

    Од бројките се гледа дека првиот значаен исчекор кон намалување на сумата што се префрла од буџетот во Фондот е во 2019 година, кога со тогашната пензиска реформа водена од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска (СДСМ), меѓу другото, почна двогодишното зголемување на стапката на придонес за пензиско и инвалидско осигурување од по 0,4 % во 2019 и 2020 година, со што од 18 се дојде до 18,8 % придонеси за ПИО од бруто-плата.

    Но, проблем останува големото намалување на вработени во приватниот сектор. Сепак, по поставените прашања до вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, за став за ваквиот егзодус на вработени, тој истакна дека бројките не се толку алармантни. Според податоците од Управата за јавни приходи (УЈП), преку креираниот МПИН за плати на вработени во приватниот сектор, Битиќи за www.pari.com.mk вели дека бројот на вработени во приватниот сектор е стабилен.

    Иако за четири години бројот на вработени е намален за 18.114, Битиќи вели:

    „Друг можеби уште побитен податок е наплатата на придонесот за пензиско осигурување. Еве, ќе направиме споредба на првите 10 месеци од 2023 година, кога се наплатени 821 милиони евра, со првите 10 месеци од 2022 година, кога се наплатени 685 милиони евра придонес во ПИОМ, што за една година е раст од 19,77 %, и се согласуваме дека е фантастичен раст. Тука, секако, морам да го подвлечам значајно поголемиот раст на наплатените придонеси споредено со растот на платите во јавниот сектор, кои пораснаа за 10 до 15 %, или, да бидеме уште појасни, ако бројот на вработени во приватниот сектор паѓал, а нивните плати растат во интервалот од 12,4 % до 16,6 %, тогаш како е можно вкупните наплатени придонеси за ПИОМ да имаат скок од речиси 20 %? Нашиот заклучок, а верувам тука ќе се согласиме сите, е дека не само што бројот на вработени во приватниот сектор не паѓа, туку напротив, тој се одржува на константно ниво.“

    Битиќи вели дека е нормално бројките на ДЗС и на УЈП да се разликуваат бидејќи Статистика работи со Анкета на работна сила и ги коригираше податоците поради новиот попис на населението, а Управата ги бележи сите легално исплатени плати.

    БРОЈОТ НА ПЕНЗИОНЕРИ РАСТЕ

    Но, дополнителен проблем е тоа што бројот на пензионери од година во година расте, а бројот на вработени во приватниот сектор е стабилен и прашање е дали може да се зголемува бидејќи стапката на невработеност во септември 2023 година е 13,1 %.

    Од Владата се надеваат дека проблемот со бројот на вработени и неповолната старосна структура, како и големиот број неактивно население, 47,6 %, ќе се надмине со сузбивање на сивата економија.

    „Преку мерките на МТСП и редовните инспекции на Државниот инспекторат за труд (ДИТ), Владата континуирано работи на сузбивање на појавите на нерегистрирани вработени, истовремено олеснувајќи го начинот на пријавување на т.н. повремени вработувања, со што се овозможува дополнителна наплата на пензискиот придонес и намалување на износот што се трансферира од централниот буџет во ПИОМ секоја година“, вели за www.pari.com.mk вицепремиерот Битиќи.

    Ако се спореди бројот на вработени што плаќаат придонеси за ПИО со бројот на пензионери, се доаѓа до заклучок дека собраните придонеси од 1,64 вработени покриваат еден пензионер. Целта на Владата, по препорака на меѓународните финансиски институции, е овој сооднос да биде придонеси од 1,27 вработени за еден пензионер.

    новинар: Горан Теменугов

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично