ПОВЕЌЕ

    НАЈГОЛЕМИТЕ ПРОФИТИ СЕ КАЈ ТИЕ БЕЗ КОИ НЕ СЕ МОЖЕ: ЕВН, Телеком, ТЕ-ТО…

    Време зa читање: 3 минути

    Денес е лесно да се заработува ако се има производ без кој живеењето е тешко. Затоа, на самиот врв, меѓу 100-те најголеми компании по добивка за 2024 година се наоѓаат компании што се поврзани со снабдување со електрична енергија, телекомуникациски услуги, парно греење, покажува анализата на Пари во соработка со БизнисМрежа.

    Десетте најпрофитни компании во земјава заеднички направиле нето-добивка од 313,9 милиони евра.

    ДОБИВКАТА НА ТЕ-ТО НАЈМНОГУ СКОКНАЛА, НАД 700 НАСТО!

    Првото место веќе традиционално е резервирано за Џонсон мети, но веднаш зад него по профит е Македонски Телеком Акционерско друштво за електронски комуникации, со добивка од 38,7 милиони евра. Во ова акционерско друштво Владата има сопственост на 34,81 насто од акциите. Каменимост комуникации Скопје поседува 51 насто од акциите на Македонски телеком и со добивка од 20,6 милиони евра е на десетто место по профит.

    Покрај телефоните, во првата 10-ка се и фирмите што се поврзани со неопходното снабдување со струја и греење. На четврто место е Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје Друштво за дистрибуција на електрична енергија со добивка од 29,5 милиони евра, или 168,9 насто повеќе отколу во 2023 година! Електродистибуција е дел од групацијата ЕВН, а главна дејност ѝ е дистрибуцијата на електрична енергија во Македонија.

    ЕВН Македонија, пак, е на шесто место по добивка и лани создала профит од 27,2 милиони евра.

    Веднаш зад ЕВН Македонија е производителот на струја и на парно греење, ТЕ-ТО, со добивка од 26,1 милион евра.

    Најголеми 10 компании по нето-добивка во 2024 г.

    Извор: Бизнис мрежа

    НАЈГОЛЕМАТА ЛАНСКА ДОБИВКА Е 63,3 МИЛИОНИ ЕВРА, УСПЕХОТ Е НА СТРАНСКА ФИРМА!

    На чело на листата е Џонсон Мети со добивка од 63,3 милиони евра. Иако станува збор за огромна цифра, сепак таа е значајно помала од добивката на оваа компанија во 2023 година, кога направи профит од 76,3 милиони евра.

    Џонсон мети веќе долго е присутна во земјава. Станува збор за британска компанија што ја отвори својата прва фабрика во скопската индустриска зона Бунарџик во 2010 година. Во 2013 година во скопската зона отвори и нов погон. На крајот од минатата година од компанијата информираа дека во Скопје произвеле 150 милиони производи и дека компанијата ја прославила ова значајна бројка. Притоа потенцираа дека секое трето патничко или товарно возило содржи катализатор произведен во Скопје.

    Странските инвеститори и странските компании учествуваат со голем процент во македонскиот БДП. Големиот бран на инвестиции почна пред повеќе од 15 години, а аргументите на тогашната влада беа дека инвеститорите треба да се привлечат со евтина работна сила, што предизвика и широки негодувања во јавноста. За да дојдат, тие користеа и државни субвенции, а одреден временски период има и даночни ослободувања.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично