ПОВЕЌЕ

    Инсајдер ИД – Covid19: Можност или бариера за економиите во развој (втор дел) – Дефинирање на трендовите од кризата

    Време зa читање: 17 минути

    За да се дефинираат излезните решенија и стратегии за компаниите кои ќе овозможат надминување на кризата, потребно е да се анализираат трендовите кои што истата ќе ги предизвика, кои би биле нивните ефекти и што тоа би значело за компаниите. Нивното дефинирање, ќе им овозможи на компаниите да имаат увид за што е тоа кон што би требало да се насочат за надминување и да ги преземат потребните активности за имплементација на соодветните решенија, пред истите од потенцијално решливи проблеми да постанат нерешливи што ќе има големи последици како за самата компанија така и целата економија.

    “Свежиот капитал” или “Хеликоптер пари” за кој компаниите моментално имаат барања, до одреден степен можеби ќе “помогне” во надминување на кризата, но со сигурност нема да ги реши главните проблеми на макро и микро-економски план, кои што се длабоко вкоренети во Балканските економии. Најголем дел од правните субјекти (бизниси, организации) во моментот (Април 2020) како проблем го насочуваат недостатокот на капитал, што реално е сериозен проблем, но од круцијална важност е дефинирање зашто компаниите воопшто запаѓаат во сериозна финансиска криза само во времетраење еден до два месеци кое што според професионалните начини на водење бизнис би требало да има ефект врз нормалното работење, но не и да предизвика банкротирање или затворање на бизнисот.

    Државата од друга страна, се обидува да излезе во пресрет со финансии, не преку “Хеликоптер пари” бидејќи таков капитал пласиран во економија како Македонската би предизвикал инфлација и девалвација на валутата, туку преку овозможување на без каматни кредити, финансиски бенефиции за компаниите погодени од кризата, помош на лицата кои се отпуштени како последица на кризата. Мора да се потенцира дека колку временски подолго трае кризата толку е поголема веројатноста за зголемување на невработеноста и затворањето на бизнисите кое што е негативно за целата економија. Сепак, потребна е анализа колку од бизнисите кои ќе престанат со функционирање, е од објективна последица од кризата или пак од субјективни причини кои што ќе бидат длабински анализирани во продолжението на извештајот.

    Економските ефекти од кризата ќе бидат уште поголеми по завршување на самата здравствена криза и ќе бидат различно почувствувани од различни стопански сегменти. Всушност економската криза ќе започне со завршување на здравствената. По започнување на враќање на активностите во нормала, поголемиот дел од компаниите ќе бидат насочени кон решавање на интерните проблеми и стабилизација на сопственото работење што е и очекувано, што пак директно ќе влијае на (не)круцијалните соработници кои што ќе бидат ставени во втор план се до комплетирање на стабилизацијата. За дел од услужните сегменти, можноста за “враќање” на работите во нормала би се појавила неколку месеци по отворање на ситуацијата.

    Сите посочени проблеми, консултантите на Инсајдер ИД сметаат дека можат да резултираат со позитивен резултат доколку се соодветно управувани и проблемите од кои што се предизвикани решени. Трендовите и проблемите ќе бидат предизвикани од кризата и нема да завршат за нејзиното времетраење, односно иницијално може да се почнат за времетраење на кризата, но со сигурност ќе продолжат и по неа. Дел од нив се појавуваат уште пред започнување на кризата, но со појавувањето на истата се “подгрева” нивниот интензитет. Ниту компанијата ниту држава нема да има можност за втора шанса во решавање за нивно решавање и доколку повторно се остават “под черга” при нова криза би дошло до целосен економски колапс.

    Кризата ќе го промени целокупното општество и начин на функционирање не само во економијата, туку и во социјалните интеракции, потрошувачки навики, всушност ќе промени од начин на седење на луѓето по ресторани до начинот на кој луѓето ќе гледаат филмови во кино салите. Сепак, анализата е насочена само кон економските импликации кои што кризата ќе ги има, како во Македонија така и во државите во регионот бидејќи поголем дел од дефинираните проблеми се појавуваат во поголем дел од Балканските држави.

    Првиот тренд, е дека кризата ги “извади на виделина” поголемиот дел од недостатоците во работењето на компаниите како и воопшто државните системи или пак ќе го приоретизира нивното решавање бидејќи и претходно биле познати.

    Во неколку анализи од Инсајдер ИТ како “Корпоративно (НЕ) Управување: психолошка бариера на Македонските менаџери или реална пречка?” и “COVID-19: Македонската економија – предизвици и предлози за надминување на економските последици[1] сериозно се потенцира недостатокот од соодветни професионални бизнис модели и управување на компаниите кое што токму во криза каква што е моменталната ќе придонесат за многу побрзо затворање на бизнисите од вообичаено. Навидум, посочениот проблем се рефлектира само интерно во компанијата, но доколку бројот на компании кои се водат на ваков начин значајно го надминува бројот на професионални,  е базата на сите проблеми со кои се соочува како Македонската економија.

    Несоодветно управување, директно влијае на финансиското работење на компаниите, но и пазарно работење кое што не се базира на професионален бизнис модел туку најчесто потребите на сопствениците и менаџерите. Во  време на криза, први на “удар” се очекувано финансиите кои најчесто се распоредуваат на несоодветен начин често се користат за финансирање како бизнис така и приватни цели со директно предизвикува да компанијата нема финансиски залихи. Логично, компанијата веднаш се соочува со проблем во ликвидноста, што директно влијае и на другите компании соработници и партнери, бидејќи компаниите се поврзани помеѓу себе, со што се “закочува” цел ланец на снабдување. Поради фактот што поголем дел од фирмите се водени на таков начин, поголем дел и од ланците ќе бидат финансиски закочени што анализирано макроекономски влијае на целиот резултат на економијата во вид на дополнителна криза.

    Освен во приватниот сектор, уште поважно ќе ги посочи и системските недостатоци во јавните институции кои што доколку кризата има подолго времетраење и покрај долгото избегнување ќе биде неизбежно нивното решавање, за да се одржи до некој степен здравјето на економијата. Доколку продолжи падот во наплатата на даноците (пад од 29.19% бруто за период од 1 – 14.04.2020 само на ДДВ кој е најголем “полнач” на државната каса) што е и очекувано во следните неколку месеци кога е намалена целата економска активност и особено увозот на производи од странство, државата директно може и ќе мора да влијае врз начинот на плаќање на администрацијата и преструктуирање и анализа на сите трошоци кои се на плаќаат од државниот буџет.

    Но, откривањето на недостатоците нема да има само во економијата, туку подеднакво ќе се појават во здравството и образованието, кои повторно како последица на начинот на управување се соочуваат со сериозна криза и пред воопшто да се појави кризата со “COVID-19”.

    Очекувано е да со пласман на државни пари кои што немаат никакво покритие или пак моментално се “простуваат” од страна на државата истите да бидат вратени на некаков начин назад во државната каса, односно државата ќе го спаси бизнисот на краток рок, додека бизнисот ќе ја спасува државата на долг рок. Според тоа, “спасувањето на државата” по економската криза може да само преку соодветна финансиска политика и очекувано зголемување на даноците во комбинација со оптимизација на буџетските расходи. Доколку бизнисот, дополнително биде “оптоварен” со повисоки даноци, ќе има барања кон државата за отстапки особено во сегментите во кои бизнисот и јавното мислење е дека постојат трошоци кои што има можност да се оптимизираат како големата јавна администрација и некапитални инвестиции. Бизнисот треба да очекува дека моментално “поклонетите” пари државата со сигурност ќе мора да ги наплати.

    Забрзаното преструктуирање на работните позиции и бројот на вработени во компаниите.

    Работата од дома и намалувањето на ефективниот број на вработени кои стандардно се присутни на работното место за времетраење на кризата е далеку покомплексен проблем од тоа што иницијално се смета. Трендот ќе биде особено забележлив кај компании кои надминуваат 50 вработени кај кои е забележливо бирократско управување и менаџментот ја “губи” до определен степен контролата на организациската структура, со тоа што се доаѓа до несоодветно креирање на работни позиции и ефективност во работењето.

    Дел од компаниите кои работат со помал капацитет, а во ист период испорачуваат ист резултат во ист број на работни часови, ја забележуваат неефективноста и неефиканоста во користењето пред се на работното време, неефикасни работни позиции и број на вработени кои што ги надминуваат реалните потреби на бизнисот. Во зададената ситуација, компаниите започнуваат да ги калкулираат “заштедите” кои што би ги оствариле, доколку продолжат со таквиот начин на работење преку зголемување на финансиските бенефиции за дел од вработените и целосна реорганизација и оптимизација на работните места.

    Иницијално, ваквиот тренд делува негативно, но всушност е високо позитивен како за компаниите така и за вработените бидејќи во пократок временски интервал со помали ресурси ќе се испорачува поголем резултат, “слободните” лица ќе бидат во можност да се вработат во компании кај кои пред кризата постоеше сериозен недостаток на работна сила со што на некој начин би се постигнал некој баланс за вработување во економијата. Со тоа, еден од најголемите моментални проблеми како во светски рамки така и во Македонија е недостатокот од работна сила ќе биде до определен степен редуциран.

    Компаниите ќе се насочат кон дефинирање и поделба на активностите на круцијални и не-круцијални, за потоа да ги оптимизираат тие трошоци преку “outsourcing” од трети компании.

    Бизнис моделот на поголем дел од домашните претпријатија е да што поголем број работни активности се извршуваат интерно во самата компанија од производство до маркетинг, наместо користење на надворешни соработници. Иако постојат позитивни страни од интерната “контрола” на процесите, компаниите (со исклучок на големите корпорации) немаат можност да бидат професионализирани во секој аспект од работењето.

    Може да се очекува зголемување на користењето на надворешни соработници наместо креирање на интерни сектори за активности кои не е круцијални за бизнисот, бидејќи на таков начин трошоците од фиксни преминуваат во варијабилни. Пример доколку компанијата произведува млечни производи, за организација на дистрибуцијата, маркетингот, сметководството, амбалажа дури и продажбата може да користи надворешни соработници, наместо да се вложуваат пари во интерни ресурси кои во моментот на започнување на кризата солиден дел се нефукнционални. За време на криза можат поедноставно да управуваат и директно ги намалат како трошок наместо да се отпуштаат вработени (најчестата мерка за време на криза) во кои се вложени многу повеќе средства од самото исплаќање на месечниот паричен надоместок. Ќе се зголеми бројот на професионални мулти-компаниски управувачки тимови чии што членови наместо управување на една компанија ќе се насочат кон управување на збир од повеќе компании и организации се со цел зголемување на професионалноста во работењето.

    Емиграцијата на квалификувана работна сила ќе се намали на краток и среден рок.

    Иселувањето на квалификуваниот работен кадар е исто така сериозен проблем со кој особено се соочуваат Балканските држави. Бидејќи кризата е глобална, а не локална, поголемиот дел од светските економии ќе се соочат со истите проблеми со кои се соочува Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Албанија, зголемување на невработеноста, рецесија, пад на економската активност и големо реорганизирање на компаниите. Со тоа, можноста за иселување за вработување надвор од матичната држава значајно се намалува, што пак посочува дека квалификуваниот кадар генерално ќе нема друга опција освен да се вработи локално. Доколку Македонските компании како и државата изработи соодветна стратегија, моментално ја има најголемата можност во последната декада, да го задржи солидниот високо-едуциран кадар во државата наместо да го “изгуби” во странство. Според проценките на развиените држави, нивните економии ќе бидат во можност целосно да се стабилизираат во период од две години, доколку кризата е со кратко времетраење, со тоа и државата ќе има можност од две години да изработи стратегија за задржување на самиот кадар, пред истиот повторно да добие простор за иселување.

    Државата ќе направи ре-евалуација на индустриските сектори кои се со “повисока” издржливост и значење во време на кризи односно стратегиски сегменти и ќе биде во можност да го поддржи нивниот развој за полесно надминување при повторно појавување на кризен период.

    Секторите како малопродажба на храна и пијалаци, производство на прехранбени производи (храна и пијалаци), ИТ Индустрија, дистрибуција, фармација како и компаниите кои тргуваат или произведуваат енергенси кризата ја надминуваат значително подобро во однос особено на услужните сектори (со исклучок на ИТ) и малопродажбата (со исклучок на храна и пијалаци) бидејќи се од круцијално значење за опстанокот на државата. Услужниот сектор, особено угостителството и туризмот кои носат висока додадена вредност за државата се покажа дека се на “инстант” удар од кризата.

    Во моментот на започнување веднаш законски е забрането нивното работење со цел спречување на проширувањето, додека и по завршување на самата здравствена криза ќе мораат целокупно да го променат работењето за да одговорат на новите барања. Едноставно, поголем дел од посетителите или туристите нема да имаат желба да бидат сместени во тесни простори со голем број на луѓе, што директно ќе влијае н самата организација на работењето. Насочувањето кон домашното производството, особено прехраната и фармацијата (како што е и во Македонија) и услужни дејности како ИТ Индустријата и транспортери/дистрибутери како и Финансискиот сектор се покажа како клучно за одржување на економијата во живот.

    Неминовно влијание кон зголемување на значењето на електронската трговија.

    Ефектот ќе биде доволно голем да направи макро-економско пореметување и влијание на поголем број стопански субјекти. Во истражувањата од Инсајдер ИД во 2017 и 2019 е заклучено дека во Македонија моменталниот пазар за електронска трговија е финансиски мал, односно не овозможува рентабилност која што ја очекуваат поголемите компании за да настапат дигитално. Алтернатива според која е реално влегувањето на поголемите играчи е појава на тренд (надворешен) кој ќе придонесе за зголемување на пазарот и истиот ќе стане доволно атрактивен и финансиски моќен да одржи рентабилна една поголема е-продавница, или пак природен развој на е-трговијата за кое што ќе беше потребна уште една декада.

    Всушност, со кризата и рестриктивните мерки за движење и воведувањето на “полициски час” придонесоа за тоа да потрошувачите немаат друга алтернатива (или ограничен број алтернативи), освен да ги извршат порачките преку користење на е-продавница за секаков тип потрошувачка стока. Со тоа и електронскиот пазар, постанува атрактивен и за поголемите трговски ланци, но и за компании кои продажбата најчесто ја извршувале по традиционален пат, бидејќи во ситуацијата бараат начин за компензирање на изгубениот приход.

    Компаниите кои до пред кризата воопшто не планирале воведување на електронска продажба, со нејзиното започнување работат со забрзано темпо или за нејзино имплементирање или веќе ја имаат имплементирано. Сето тоа, неминовно под притисок на побарувачката ќе ја зголеми понудата преку дигиталните канали, која што според истражувањата во 2019 година е една од главните пречка за развојот на е-трговијата.

    По завршување на кризата, дел од потрошувачите ќе се навратат на старите навики на купување, но дел ќе продолжат со користење на електронските продавници бидејќи понудата и изборот ќе бидат значајно подобрени. Едноставно компаниите кои што ја имаат електронската продавница со завршување на кризата нема да ја затворат и истата ќе продолжи со функционирање. Еден податок ќе биде од особена важност по завршување на кризата, а тоа е максималниот број на индивидуи кои имаат остварено купување во “пикот” на кризата, бидејќи тој број е всушност целиот потенцијален пазар на е-трговијата во моментот без разлика дали потрошувачите ќе продолжат со купување преку интернет или не.

    Под користење на е-трговија се подразбира и плаќање на сметки преку интернет (режиски трошоци), проверка на банкарската сметка односно било каков трансфер на пари кој се извршува со платежна картичка преку интернет. Всушност, најголемото “задржување” на однесувањето по завршување на здравствената криза за плаќање преку интернет се токму режиските трошоци, бидејќи значајно се крати времето за обавување на едноставна активност.

    Зголемена дигитализација во работењето, промена на начинот на организација и оптимизација на секојдневните активности.

    Базично, секојдневната комуникација помеѓу вработените и помеѓу компаниите целосно ќе се промени. Физичките состаноци ќе се редуцираат до ниво каде ќе се одржуваат само доколку тоа е единствениот начин, комуникацијата ќе се де-персонализира и се повеќе ќе се користат електронски пораки и видео конференции кои ќе бидат пократки и ќе обработуваат само темата на состанокот без непотребниот губиток на време. Зголемување на електронската трговија неминовно ќе влијае и на дигитализација на процесите во компаниите, воведување на нови софтверски решенија или унапредување на постоечките. Намалениот број на вработени ќе влијае на дигитализација и автоматизација на дел од активностите кои што се извршувани од нив. Во следниот период, постои веројатност зголемување на финансискиот фонд кој компаниите го инвестираат во софтверски решенија и автоматизација на процеси, бидејќи и самата криза покажа дека е критично одложувањето на реализацијата на проекти од тие сегменти, бидејќи моментално компаниите кои се во најмал степен подготвени за е-трговија веднаш имаат алтернативен канал за продажба.

    Пад на цените за не-егзистенцијалните добра на краток и среден рок (луксузни добра и услуги).

    Иако со сигурност не може да се предвиди сигурноста на појавата за овој тренд, постојат неколку причини поради кои е зголемена веројатноста. Со самата рестрикција на движењето или воведување на полициски час, потрошувачите различно го оптимизираат буџетот и ги “кратат” трошоците за луксузни добра и услуги како што се посета на угостителски објекти и облека. Дополнително намалувањето на приходите (намалување на плати) ги тера потрошувачите дополнително да го оптимизираат буџетот само за купување на средства кои се од егзистенционално значење како храна и режиски трошоци за домот. Со тоа, потрошувачите најпрво го воочуваат процентот од средствата кој го “трошат” на неесенцијалните добра и услуги и постои веројатност дека ќе имаат желба да го задржат однесувањето и во периодот по завршување на здравствената криза. Тоа е пред се поради стравот дека болеста ќе се врати повторно до крајот на 2020 година, но и желбата за заштеда на средства преку избегнување на трошоци кои не се од есенцијално значење. Како последица од таквото однесување дел од погодените сектори, особено угостителството и туризмот ќе бидат притиснати да ги ревидираат и намалат цените на услугите за да ги мотивираат потрошувачите да започнат нивно повторно користење. Но, таквиот тренд постои висока веројатност да биде забележан и кај модната индустрија, автомобили и други луксузни добра. Сепак, потребна е целосна анализа на структурата на цените по кризата за да се дефинира точното отстапување и одредување на насоката на движење.

    Последниот тренд кое очекувано да се појави е окрупнување и поголема и формално поврзување кај малиот бизнис, едноставно правилото никој не може сам ќе биде во полно значење.

    Први на “удар” од кризата се малите бизниси, кои најчесто не располагаат со професионален менаџмент, финансии (со кои во дел од ситуациите располагаат но несоодветно управуваат), сопствениците неограничено располагаат со целиот капитал на компанијата и несоодветно менаџерско образование. Очекувано е дека и поголем дел ќе го намалат бројот на вработени, скратат сите трошоци за кои постои можност, но така преземените мерки нема можност да дадат долгорочен резултат. Потребна е промена во работењето на малиот бизнис “од темел”, бидејќи и без повторна криза од ваков тип, нерешавањето на посочените проблеми може да предизвика сериозни последици како во самите компании така и за целата економија.

    Други неочекувани трендови.

    Постои потенцијал и за појава (или веќе се појавени) и други економски трендови кои што ќе претставуваат последица на тековната криза. Сепак, и претходно наведените значајно ќе го променат начинот на водење на бизнисите а со тоа и државата во целост, со што дали домашните економии ќе успеат да ги искористат позитивните ефекти од нив е оставено најмногу во рацете на сопствениците на компаниите и државата како модератор и поддржувач на промените.

    Сериозното финансирање од страна на државата, ќе ја обврзе и да ги “поттурне” компаниите во промена на начинот работење, доколку сами не ги започнат процесите, бидејќи тоа ќе биде единствениот начин како потрошените финансии би се вратиле во државната каса. Компаниите ќе мораат да пронајдат нов начин на зголемување на профитот и приходот во услови кога ќе мораат да го оптимизираат приближно секој аспект од бизнисот и ресурсите кои им се на располагање.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично