Кинеско претпријатие за челик додели нов автомобил на сите свои вработени. Вкупната бројка на нови автомобили е 4.116.
Корпорацијата “Џијанкси Вест Даџиу” организираше настан на 1 октомври за да го прослави својот успех и да ги награди вработените за нивниот придонес кон годишниот раст, пренесува Индекс.
Медиумите јавуваат дека компанијата има зголемен профит во последните пет години, а раководството сакало да направи нешто посебно за да им се заблагодари на вработените, па затоа решиле да донираат автомобил на секој од нив.
Неколку недели пред Денот на кинеската државност, биле дистрибуирани вкупно 4.116 возила во серија, од кои 2.933 биле Форд возила а 1.183 фолксваген.
Според кинеската веб-страница Соху, вредноста на возилата е 74 милиони долари, но компанијата изјави дека ќе плати и за регистрација, петгодишно осигурување на автомобил, како и данок на истите.
Како промотивен материјал за настанот, компанијата со дрон сними неколку стотици нови автомобили поставени околу големата сцена за прославата на 1 октомври, а видеото стана вирално на кинеските социјални мрежи, додека компанијата доби бројни пофалби за споделување профит со своите работници.