ПОВЕЌЕ

    АНАЛИЗА: КАКО АКЦИЈАТА НА НАЈГОЛЕМАТА МАКЕДОНСКА БАНКА ДОЈДЕ ДО НИВОТО 910 денари дивиденда по акција

    Време зa читање: 6 минути

    Акционерите на Комерцијална банка ќе поделат дивиденда од 33,65 милиони евра. Секоја акција носи по речиси 15 евра. Тоа е резултат од минатогодишното работење, со краен ефект од над 58 милиони евра како остварена чиста добивка.

    Засега ова се предлози, кои акционерите треба да ги потврдат на претстојното Собрание, закажано за 27 март.

    Во предложените одлуки е наведено дека за дивиденда се издвојуваат 2.073.950.970 денари, а обичната акција е со бруто-износ од 910 денари, „односно 91,0% во однос на номиналната вредност од 1.000,00 денари“.

    Завидни се достигнувањата на најголемата и најуспешна македонска банка и бројките што излегуваат како показатели за нејзиното фунционирање секогаш предизвикуваат внимание и коментари во пошироката јавност. Особено кога се работи за тоа – колкава е дивидендата и колкави пари ќе легнат на сметките од акционерите.

    Порталот „Пари“ ги анализираше овие податоци достапни на Македонска берза, кои се однесуваат на последните две децении. Притоа, забележливо е, и покрај одредени падови – Комерцијална постојано граби напред и со зголемувањето на добивката, расте и дивидендата. Која, не била исплатена само двапати досега, а сумите од нераспределената добивка завршувале во банкарските резерви. Тоа се случило во деловните 2013 и 2014, кога добивката ги бележи најниските прагови од 1,27 милиони и 1,55 милиони евра.

    Инаку, заклучно со 2009 година, Банката емитувала и приоритетни и обични акции.

    Кога се распределувала дивидендата за 2003 година, обичната акција била 75, а приоритетната 108 денари. За 2004 има изедначување, односно и двата вида акции на акционерите им обезбедувле по 96 денари. А, за 2005 – 95 денари приоритетната и 150 денари обичната акција.

    Комерцијална банка во континуитет остварува милионски добивки во евра, а вредноста изразена во домашната валута, во 2007 година од милиони преминува во милијарди. Споредбата меѓу бројките покажува дека имало и извесни падови, односно се случувало наредната добивка да е пониска од претходната.

    Во 2006 Банката заработила чисти над 12 милиони евра, од кои за дивиденда биле употребени околу 5,35 милиони евра (пресметките ги правиме според актуелниот курс денар – евро, кој е стабилен сето ова време, односно има минимални поместувања). За приоритетните – 42,5 илјади евра (92 денари по акција), а за обичните 5,31 милион евра (165 денари акција).

    Наредната 2007 добивката била 18,6 милиони евра. При распределбата, 6,16 милиони евра завршиле кај акционерите. И тоа, 32,8 илјади евра преку приоритетните акции, кои тогаш биле вреднувани по 95 денари, и 6,12 милиони евра преку обичните акции кои се зголемиле на 190 денари.

    Сопствениците на обичните акции во 2008 година поделиле 6,15 милиони евра. Една акција носела како и претходно, 190 денари. Додека, пак, приоритетната се зголемила на 99,5 денари, а за дивиденда биле определени 26,8 илјади евра. Или, вкупно 6,17 милиони евра, кога добивката изнесувала 22,3 милиони евра.

    Последните приоритетни акции се во 2009 година, со вредност од по 114 денари и на име дивиденда биле распределени 29,3 илјади евра. А, преку обичните акции (170 денари) – 5,51 милион евра. Добивката тогаш се мерела со 17,4 милиони евра, а за дивиденда се исплатени вкупно 5,53 милиони евра.

    Обичната акција во 2010 носела по 210 денари. Од 23,2 милиони евра добивка, за исплата на акционерите биле искористени 7,39 милиони евра. Нешто пониска е вредноста – 200 денари, по која се пресметувала дивидендата распоредена за деловната 2011, која останува иста како и претходната, при добивка од 17,6 милиони евра. Од нераспределените 9,12 милиони евра за 2012 година, дивидендата изнесувала 3,69 милиони евра. Акцијата била 100 денари.

    Извор: Македонска берза

    Состојбата е подобра во 2015, која завршила со добивка од 8,5 милиони евра. Акционерите поделиле 4,6 милиони евра, а секоја акција носела по 125 денари. Оттука па натаму, нема назадување. Вредноста на акцијата врз која се пресметува дивидендата за 2016 е 150 денари, за што вкупниот износ бил 5,54 милиони евра. Парите биле издвоени од остварените 12,6 милиони евра на име добивка. Веќе за наредната 2017 дивидендата за обичните акции е 6,65 милиони евра (180 денари за акција), при добивка од 13,3 милони евра.

    Од 2018, пак, почнува периодот во кој Комерцијална банка ги урива сопствените рекорди. Добивката е 28,89 милиони евра, а дивидендата 15,5 милиони евра, или 420 денари за акција. Наредното скалило е 550 денари по акција, дивиденда од 20,3 милиони евра и добивка – 29,3 милиони евра, како остварување во 2019 година.

    Следи добивка од 31 милион евра (2020 година), од кои за дивиденда се исплатени над 22 милиони евра, изведени врз основа на утврдените 600 денари по акција. Всушност, во најкритичните години Комерцијална не се дава. И во 2021 самата се надминува со добивка од 37,7 милиони евра. Вредноста на акцијата се зголемила на 620 денари, а дивидендата за акционерите изнесувала 22,9 милиони евра. За 2022 биле поделени 18,49 милиони евра, акцијата била на ниво од 500 денари, а добивката – 35,2 милиони евра.

    Извор: Македонска берза

    Тоа е патеката по која во последните 20 години се движела Комерцијална банка и стигнала до минатогодишните рекордни остварувања. Оттаму, воопшто не изненадува сѐ поголемата побарувачка за нејзините акции на Берзата. Исто како и определбата на лицата од раководните тела да го зголемуваат сопственичкиот удел.

    Последно, Комерцијална банка извести дека со 500 обични акции се стекнал членот на Надзорниот одбор, Фатмир Етеми. Пред него по 100 акции купија Горан Антевски, исто така член на НО, како и директорите, кои се дел од Управниот одбор, Билјана Максимовска – Поповиќ и Илија Илоски.

    На Македонска берза цената на акцијата на Комерцијална банка последниве недели се движи по нагорна линија и е нешто под нивото од 17 илјади денари.

     

    Новинар: Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично