ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | ЈЕЛЕНКОВИЌ: Македонското вино е вистински амбасадор на нашата земја и заслужува поголема поддршка

    Време зa читање: 11 минути

    Елена Младеновска – Јеленковиќ е извршен директор на здружението на винарии ,,Вина од Македонија”. Во интервјуто за порталот ,,Пари”, Јеленковиќ вели дека во последните години има подобрување на винската сцена во земјава. Регистрирани се 101 винарија, лани беа 78, се намалува и процентот на извоз на наливно за сметка на флашираното вино( 40% е сега) кое е подобро платено, а носи и бенефиции за винскиот пазар во земјава. Сепак, сè уште не сме соодветно позиционирани на винската мапа, иако имаме долга традиција на винопроизводство, имаме одлично и квалитетно вино кое може да се носи рамо до рамо со останатите светски производители.

    ,,Со вранецот како знаменосец, кратошијата како негов родител, станушината како уште ја нарекуваат “македонско девојче”, заводливата Темјаника и ред други имаме одлични адути да влеземе во клубот на најценети вина.Сепак мораме да го градиме имиџот за да добиеме т.н. „brand equity“ за нашето вино за со текот на времето потрошувачите да го препознаваат квалитетот и идентитетот на нашите вина”, истакнува директорката на ,,Вина од Македонија”.

    Пари: Во каква состојба е винската индустрија во земјава, како да има некој исчекор во однос на минатите години?

    Јеленковиќ: Годишно во Македонија се произведуваат од 90-120 милиони литри вино. Количината зависи од квалитетот на бербата, од временските услови. Во државата се консумира од 15 до 20 отсто од вкупно произведеното вино, остатокот оди за извоз. Се уште над 50% од извозот е наливно вино. За среќа тој процент се намалува со текот на годините.

    Здружението “Вина од Македонија” во изминатите 11 години работи на промоција на македонското вино на интернационалните пазари преку претставување на најбитните саеми за вино, организираме промоциии на одредени пазари, посети на странски вински новинари кои ја прошируваат приказната во странство. Во минатите години инициравме за нас и за регионот многу битни проекти – Светски ден на Вранецот и основање на Балканската Винска Мрежа.

    Винската сцена во Македонија се подобрува во последните години, во моментов во Македонија има регистрирано 101 винаријa, до крајот на минатата година бројот беше 78. Зголемувањето на бројот се должи и заради промената на законската регулатива, се дозволи и физичките лица да отворат и да регистрираат мали винарии. Ова е значителен придонес за развојот на винската индустрија.

    Но не е само бројот на винарии тоа што е битно. Битно е сите да работат по одредени стандарди, да се користат современи технологии при производството со цел да се произведат вина кои ќе бидат соодветни на барањата и вкусот на потрошувачите во земјата и странство. Она на што работат поголемите винарии е развојот на винската култура во земјата и регионот.

    Унапредувањето на винската индустрија ќе придонесе и за унапредување на поврзаните индустрии како што се земјоделството, туризмот и екологијата.

    Пари: Се уште најмногу извезуваме наливни вина, зошто е тоа така?

    Jеленковиќ: Традиционално, Македонија е препознатлива како производител на наливно вино, во последните десетина години се обидуваме да ја смениме таа слика.

    Пред десетина години, само 10 проценти од извезеното вино беше флаширано. На крајот од минатата година, близу 40 проценти од вкупната количина извезено е флаширано вино, додека во вредност тоа изнесува повеќе од 50%. Тоа значи дека македонските винарии стануваат сè посвесни и се посветуваат на развој на своите бизниси во насока на производство на поквалитетни вина коишто за економијата значат поголемо влијание.

    Останува предизвиккот да се смени фокусот на винариите, но и од страна на државата да се смени начинот на поддршка т.е. да се овозможи поголема стимулација за извоз на флаширано вино и да се обезебедат средства за инвестиции во насока на модернизација на производство за флаширани вина.

    Пари: Која е предноста да се извезуваат флаширани вина?

    Jеленковиќ: Винската индустрија има огромен потенцијал да придонесе кон севкупниот развој на нашата локална економија, доколку таа би гарантирала стабилност и предвидливост како поттик за развој. Многу е битно да конкурираме и на светскиот пазар, во најголем дел преку извозот на висококвалитетни флаширани вина кои нудат одлична вредност за цената. Сепак мораме да го градиме имиџот за да добиеме т.н. „brand equity“ за нашето вино за со текот на времето потрошувачите да го препознаваат квалитетот и идентитетот на нашите вина.

    Флашираното вино има повисока цена во однос на наливното и секако носи поголема додадена вредност, не само финансиски туку и за градење на тој имиџ на земјата како винска земја.  Дополнително како вистински амбасадор на земјата, виното има индиректно влијание и на туризмот и на други гранки поврзани со овој сектор.

    Пари: Дали македонските вина веќе се препознатливи и конкурентни на странските пазари?

    Јеленковиќ: За жал, сè уште не сме соодветно позиционирани на винската мапа, иако имаме долга традиција на винопроизводство, имаме одлично и квалитетно вино кое може да се носи рамо до рамо со останатите светски производители.

    Една од причините за оваа состојба е што сè уште немаме развиено систем на географски ознаки.Ние како здружение веќе работиме и инициравме проект со германската Агенција за поддршка за развој на тие стандарди, кои се потребни за да се направи јасна динстикција помеѓу виногорјата и малите лозарски единици, какви лозарско-винарски практики ќе се применуваат, кој ќе биде лозарскиот асортимент за секое виногорје, локалитет, месност, лозарска единица засебно, во склад со топографско-климатско-почвените услови, во насока да се извлече максимум од поднебјето и сортата. Таквото здраво и висококвалитено грозје ќе ги има сите предуслови да се процесира низ винарниците во карактерни вина со идентиотет каде консументот лесно ќе може да ги препознае стилските разлики на виното. Диверзификацијата на вината ќе понуди лесно препознатливи ознаки на етикетата, како и поголем избор на консументите при што ќе се обезбеди минималниот квалитет на вино за секое поднебје, то треба да не одведе до високо квалитетни вина и вински брендови кои ќе го носат обележјето на македонскиот вински регион.

    Дополнителна е органичената финансиска состојба за меѓународна промоција. Имено, винариите издвојуваат од своите маркетиншки буџети за интернационални промоции и добиваат одредена сума од министерството за земјоделство. Таа сума е многу мала за да се постигне поголем успех. Само за илустрација буџетите на соседните држави се 10 па и 20 пати поголеми.

    Со цел сепак да оставиме трага и да бидеме видливи, инициравме и спроведуваме еден регионален проект кој почна да добива на видливост во светот, „Светскиот ден на Вранецот.

    Целта на прославата е прилично јасна, оваа сорта со своите уникатни карактеристики и потенцијал, да биде претставена пред светот, да биде истражувана и да стане дел од светската винска сцена и лозови насади, со оглед на уникатните предности како што е нејзината отпорност кон климатските промени.

    Прославата на Светскиот ден на Вранецот започна како иницијатива од страна на здружението „Вина од Македонија“ во 2019 година и претставуваше првичен напор за стратешка промоција и позиционирање на Вранецот на интернационалната винска сцена. Првото издание се одржа во Скопје и се сметаше за „тектонско поместување“ во промоцијата на Вранецот. Второто издание во 2020 година беше организирано онлајн поради ковид мерките, но сепак успеа да ги соедини винските експерти од Германија, Велика Британија, САД, Холандија и Словенија.

    Оваа 2021-ва година пак, беа организирани панел дискусии и мастерклас предавања во соработка со светски вински професионалци, на кои детално се говореше за сортата „Вранец“ и за нејзиниот потенцијал. Над 20 врвни вински професионалци, специјализирани новинари, вински судии, сомелиери, вински фотографи и блогери, како и вљубеници во виното, ги посетија производителите од Македонија, Косово и Црна Гора и беа дел од прославата на автохтониот Вранец.

    Пари: Кои видови на вина полесно може да најдат пласман на странските пазари?

    Jеленковиќ: Странските пазари се специфични, секој на свој начин. За секој пазар треба да се има посебен пристап. Најбитно е да се направи претходна анализа на потенцијалот на пазарот.

    Генерално повеќето не-инволвирани вински консументите сакаат вина од познати интернационални сорти, но кај инволвираните консументи последнава декада е во насока на “винско истражување”, постојано се отворени за  нови локални вински сорти, нови стилови или пак блендови со некои повторно локални специфични сорти кои го носат идентитетот на поднебјето. Трендовите ни одат во прилог, ова е наше време, што значи дека треба да ги засилиме нашите активности со цел да го зголемиме нашето влијание на странските пазари.

    Пари: Има ли винска култура во Македонија?

    Јеленковиќ: Можам да кажам дека има голем процент на луѓе кои сакаат да научат нешто повеќе,сакаат да се информираат за виното, за начинот на консумација, служење, за сортите. И тоа не само од фелата туку и потрошувачи кои го прават тоа од љубов кон виното. За сето тоа придонесоа и домашните винарии кои вложуваат во развојот на винската култура а секако и трендовите и животниот стил на новите генерации кои влегуваат во светот на виното.

    Пари: На светско ниво кои вина се најценети?

    Jеленковиќ: По дефиниција тоа се вина кои јасно ја пренесуваат експресијата на поднебјето од каде доаѓаат како и пораката на винарот. Таквите вина доаѓаат и од “новиот” и од “стариот” свет. Може да бидат направени и од автохтони и од интернационални сорти, но секако вина во кои е вткаена повеќе вековна традиција како дел од одреден гастрономски идентитет.
    Со вранецот како знаменосец, кратошијата како негов родител, станушината какоуште ја нарекуваат “македонско девојче”, заводливата Темјаника и ред други имаме одлични адути да влеземе во клубот на најценети вина.

    Пари: Кои вина се најконсумирани во земјава, а кои од нашиот извоз во странство?

    Јеленковиќ: Во земјава секако тоа се традиционално познатите наши локални сорти како што е Вранецот и смедеревката додека во странство зависи од пазарот. Регионалните пазари се слични како нашиот додека подалечните пазари соодветно на барањата на тамошите потрошувачи бараат интернационални сорти или пак купуваат интернационални со локални сорти.

    Пари: Кои остануваат најголемите недостатоци во оваа индустрија и што треба за да се надминат?

    Јеленковиќ: Постојат многу предизвици, особено сега во пандемијата кога се бележи висока турбуленција на винската сцена.

    Проблеми и недостатоци имало и претходно, но најглавен проблем е дека не сме препознатливи како винска земја и прво мора да го изградиме тој имиџ, а тоа значи неопходно воспоставување на стандарди за производство. Понатаму, пробивање на нови пазари, наоѓање на нови потрошувачи, се соочуваме со извонредно висока конкуренција од страна на познати светски вински региони. Истите тие региони настапуваат на пазарот со намалување на цените, од една страна винариите се притиснати од висока конкуренција, со квалитетни вина, а ниски цени, а од друга страна винариите се притиснати и од цените за грозјето, цените за репроматеријали кои секојдневно поскапуваат. Затоа ни се потребни стандарди и воспоставување на баланс, да може да се направи класификација на цените на грозјето и цените на вината коишто се извезуваат.

    Кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата предизвика и тектонски промени во целиот пазарен синџир на производство и продажба на вино што се одразија и на македонската винска индустрија. Од сегашна временска дистанца, речиси година ипол од почетокот на пандемијата, можеме да кажеме дека благодарение на брзите неопходни прилагодувања кои ги напрвија винариите, како и поддршката што ја обезбеди државата, македонскиот вински сектор, ѝ покрај тешките предизвици со кои се соочи, сепак избегна целосен колапс и успеа да опстане.

    Со оглед на околностите, падот во извозот на вино во 2020 секако се очекуваше но овој пад на годишно ниво не е толку изразен како што беше падот на продажбата на домашниот пазар. Сепак имајќи в предвид дека 85% од произведеното вино оди на странските пазари, ефектот е голем. За среќа нашите винарници направија напори и во првата половина на 2021 продажбата на странските пазари бележи мал раст.

    Пари: Во која насока сметате дека треба да се развива винската индустрија во земјава?

    Јеленковиќ: Императив е да работиме на дефинирање на стандарди во производството на грозје и унапредување на лозарството со цел да се обезбеди висококвалитетна суровина која ќе гарантира премиум квалитет кој се бара на светските пазари.

    Доколку кризата се гледа и како можност, тогаш дефинитивно она што може да се препознае во актуелната криза е дека виното е производ со кој ние како земја можеме да се натпреваруваме и да бидеме рамо до рамо со водечките светски производители и затоа оваа индустрија заслужува соодветен третман и поддршка во нејзин натамошен развој. Потребно е само мудро да се направат неколку стратешки чекори од страна на сите засегнати страни, со цел освојување на странските пазари со што ќе се зголеми извозот, ќе се смени структурата на извозот во полза на флаширано вино, а со тоа директно ќе влијае и на развој на секторот лозарство.

     Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично