ПОВЕЌЕ

    АКО НЕМАШ ЗА СИРЕЊЕ, КУПИ УРДА – Инфлацијата најсилно удира врз сиромаштијата

    Време зa читање: 5 минути

    Истата солидарност што ја бараат од успешните компании во време на криза, властите треба да ја манифестираат со откажување од судски „наметнатите“ 78 проценти, а парите да се прераспоредат и да се насочат кон стандардот на граѓаните, кој со растот на цените е втурнат во слободен пад

    Ако немаш за сирење, купи урда. Се стесни изборот откако бранот поскапувања ги зафати цените на храната, пред се на млечните и на земјоделските производи. Во летниот период ситуацијата ја вадеа зелените пазари, кои имаа поволно влијание врз инфлацијата. Работите сега се променети или изместени. Дали е до временските услови и обилните дождови, дали е до намаленото домашно производство, дали е до недостигот од работна сила…, цените се невообичаено високи, на ниво на зимските. Затоа и се зголемува расчекорот помеѓу потребите и можностите. Стандардот на добар дел од населението не е ниту за на пазар.

    Листата на намирници со повисоки цени – млеко, јогурт, сирење, кашкавал, месо и месни преработки, овошје, зеленчук… и засега е долга, а според најавите ќе следи она познатото – продолжи ја низата. Едноставно, од идниот месец следуваат нови поскапувања, зашто со законските измени двојно ќе се зголеми, од пет на десет проценти, ДДВ за одредени производи.

    Досегашните владини мерки немаа ефекти, велат економистите, чиј впечаток е дека власта во однос на инфлацијата делува дезориетирано. Односно, Народната банка е оставена сама да се справува со горливиот проблем.

    Незадоволството е општо, па оттаму и серијата протести кои, се чини, ќе бидат и почести и помасовни. Струја, греење, храна, сметките се зголемуваат, примањата стагнираат. Сосема се изгубени во трката со поскапувањата.

    Бројките се сурови. Во јули е измерена инфлација од 8,4 проценти, а минималната синдикална кошница изнесувала 48.620 денари. Речиси половина од тоа, односно 44,6 отсто се за храна. На другата страна од вагата се месечните примања: просечна пензија 19.106 денари, минимална плата 20.175 денари, просечна плата 36.465 денари. И, секако, платите на функционерите, поголеми за речиси 80 проценти.

    Јавната администрација се избори за дест проценти плус на платите. Пензионерите водат битка за 3.500 денари, и покрај тоа што согласно Законот за ПИО не е можно линеарно поместување на пензиите. Без оглед што пензијата не е социјална туку економска категорија, кога немаштијата виси над глава, пристапот кон логиката е затворен.

    Како и да е, се е врз грбот на даночните обврзници кои, предупредуваат даночните експерти, ќе понесат и поголемо бреме доколку се удоволи на барањата. Зашто, државата ќе мора да ги обезбеди средствата преку нови или повисоки даноци.

    И во последната анализа на Институтот за економски анализи Фајнанс тинк се наведува дека „моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување, кое е доволно за да го задржи животниот стандард на примателите во услови на растечки цени“.

    Ако се гледа од аспект на капацитетот на македонската економија, државната каса тешко може да го издржи тој товар. Но, од друга страна, Буџетот е толку многу обременет со несуштински нешта, така што држат забелешките дека пари има, само се неправилно распоредени.

    На прво место се посочуваат платите на избраните, кои од Буџетот годишно зафаќаат дополнителни 15 милиони евра. Потоа се споменуваат патните трошоци на парламентарците, бројот на министерствата, стотиците агенции и слични државни установи на кои имињата не можат да им се запомнат, а служат за партиски вработувања, гломазната администрација…

    Од тие причини претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, како што најави, ќе поднесе амандман за враќање на функцонерските плати на нивото на кое беа пред одлуката на Уставниот суд. Амандманот ќе биде доставен до сите пратенички групи во Собранието. „Ќе барам безрезервна поддршка, поради тоа што во истиот период ќе треба да се гласа и ребалансот на Буџетот за да се обезбедат овие финансиски средства за платите за вработените во јавниот сектор. Ќе барам сите пратеници сложно, како што сложно си земаат 78 проценти зголемени плати, од први септември да се откажат од зголемените плати и да си одберат модел – дали ќе биде коефициентот на сложеност кој во моментот го имаат по минималната плата и на таков начин ќе добијат околу 10 проценти – 12 проценти зголемени плати“, изјави неодамна Трендафилов.

    На иста линија е и согледувањето на Фајнанс тинк: „По одмрзнувањето и зголемувањето на платите на избраните и именуваните лица, што доведе до кумулативен раст од 78 насто, Владата мора да изнајде итен и неодложен механизам за воспоставување на првобитната состојба“.

    Со други зборови, како што од успешните компании бара да бидат солидарни во време на криза, наметнувајќи им еднократна давачка, власта самата треба да ја манифестира таа доблесна особина. Пред се, поради тоа што во овие услови на зголемени животни трошоци стандардот на граѓаните мора да се одржи на некој пристоен минимум и да се спречи слободниот пад во кој сега е втурнат. Растот на цените и инфлацијата најсилно удираат врз сиромаштијата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично