ПОВЕЌЕ

    ИМА НОВ ЗАКОН ЗА ПЛАТЕЖНИ УСЛУГИ: БАНКАРСКИТЕ КЛИЕНТИ ИМААТ НИЗА НОВИ ПРАВА, едуцирајте се кои се!

    Време зa читање: 5 минути

    Од 1 јануари во сила е нова регулатива – Закон за платежни услуги и платни системи. Со новата регулатива сите корисници на банки, но и на штедилници кои веќе може да добијат дозвола и за платежни услуги, може да добијат сметка со основни функции за најмалку 5 плаќања за месечен надомест од 31 денар; престанува монополот на банките во врска со платежните услуги; олеснета е преносливоста на платежни сметки од една во друга банка, има поголема транспарентност и поголема заштита на потрошувачите.

    Народната банка овој викенд одржа работилница за новинари со цел да го престави Законот, за кој истакнаа дека е опсежен, сложен и со транспонирани одредби од релевантно европско законодавство од ова област.

    БАНКИТЕ ГО ГУБАТ МОНОПОЛОТ ВО ПЛАТЕЖНИТЕ УСЛУГИ

    Со новата регулатива, даватели на платежни услуги покрај банките и штедилниците се и платежни институции и институции за електронски пари.

    – Само банките и штедилниците ќе може да бидт кредитни институции. Односно покрај платежните услуги, тие ќе издаваат и електронски пари, ќе прибираат депозити и ќе издаваат кредити – истакна Игор Величковски, директор на Дирекцијата за платни системи.

    Тој појасни дека законот овозможува имање на специјализирани институции што ќе издаваат електронски пари. Тоа се пари на платежна картичка која не е поврзана со платежната сметка (она што пред овој закон се нарекувале трансакциска сметка). Па така, ако се загуби платежната картичка со електронски пари се губат и парите.  Таа би се користела за да се искористат некои поповолни услови во трговијата, може да се користат како картички за подарок…

    – Платежна институција или институција за електрски пари може да биде трговско друштво основано во Република Македонија, кое добило дозвола од Народна банка за давање платежни услуги, односно издавање електронски пари. Ова значи дека и во маркет, ако добил дозвола, ќе може да се плаќаат сметки – нагласи Величковски.

    Биљана Доновска – Гечева, самостојна советничка во Дирекцијата за платни системи во НБРМ вели дека банките и другите даватели на платежните услуги услуги мора да понудат рамковен договор во кој ќе има сет на задолжителни информации.

    – Сетот на информации треба да содржи податоци за давателот на платежните услуги, информации за самите платежните услуги: опис, плаќање, форма и постапка за иницирање платен налог, повлекување согласност за извршување платежна трансакција, рокови за извршување и слично, потоа – податоци за надоместоците, за раскинување на договорот, контактни информации – објасни  Доновска – Гечева.

    НАЈМАЛКУ ПЕТ СМЕТКИ ЗА 31 ДЕНАР

    Закон за платежни услуги и платни системи воведува платежна сметка со основни функции. Оваа сметка овозможува минимум пет платежни трансакции во текот на месецот без да биде наплатена провизија. Услугата е веќе во финкција и секој граѓанин може да ја добие. На овој начин, граѓаните веќе може да си ги платат најчестите комунални сметки преку оваа сметка која според закон мора да има „разумна висина на надоместок“.

    “Разумната висина на надоместокот не смее да биде повисока од 0,1 процент од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци, согласно со објавите од страна на Државниот завод за статистика“, пишува во Законот, а од Народната банка објаснија дека во моментот тоа се 31 денар месечен надоместок за најмалку 5 трансакции.

    – Платежната сметка со основни функции се отвoра и гласи во денари.  Не може да има други платежни сметки во денари кај ниеден давател во земјата. Банката, односно штедилницата не смее да договори дозволено пречекорување на платежната сметка со основни функции. Група корисници на законски права може да имаат платежна сметка со основни функции без надоместок – рече Евица Делова-Јолевска, директорка на Дирекција за заштита на потрошувачи и финансиска едукација.

    ПРЕНОСЛИВОСТ НА ПЛАТЕЖНА СМЕТКА

    Слично како што се вршеше либерализација на пазарот на телекомуникациски услуги, со можност да се здржи телефонскиот број, а да се пренесе од една во друга мрежа, се отвора и финансискиот пазар, со можност за преносливост на платежните сметки, но оваа одредба ќе може да се применува од наредната година.

    – За целосно обединет пазар на платежни услуги, за надминување на препреките за развој на ниското ниво на пазарана конкуренција во секторот на финансиски услуги за населението, потребно е да се надмине недостатокот на транспларентноста, недостатокот на споредливоста на надоместоците и тешкотиите при пренесување на платежните сметки. Карактеристики на услугата преносливост на платежна сметка се следниве: во име на потрошувачот давателот на платежни услуги кој го прима пренесувањето ја управува постапката; давателот на платежни услуги кој го врши пренесувањето е должен да соработува; постапката е брза, едноставна и јасна и преносот се врши без надомест – изјави  Доновска – Гечева.

    ТРАНСПАРЕНТНОСТ

    Новата законска рамка обезбедува споредливост на податоците и нивна поголема видливост, објаснија од Народната банка.

    – Согласно Законот за платежни услуги и платни системи, Народната банка треба да утврди листа од најмалку 10, а најмногу од 20 репрезентативни услуги поврзани со платежна сметка што ги дава барем еден давател на платежни услуги во Република Северна Македонија и за кои не се наплатува надоместок. Народната банка врз основа на анкета на давателите на платежни услуги утврди 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежна сметка, Народната банка на својата веб страница ќе ги објавува споредбените податоци. Се користат искуства од други европски земји и се уште се утврди форматот, како податоците да бидат најспоредливи и најлесно достапни за корисниците. Објавувањето на споредбените податоци е предвидено да се реализира до крајот на септември годинава – објасни директорот на Дирекцијата за платни системи Игор Величковски.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично