ПОВЕЌЕ

    ИМА И НЕШТО БЕСПЛАТНО: Платежните сметки се затвораат без надомест

    Време зa читање: 3 минути

    Без надоместоци се затвора секоја платежна сметка која граѓаните и фирмите ја користеле подолго од шест месеци. Банките, штедилниците и сите институции кои во иднина ќе даваат платежни услуги, не смеат да ја наплатуваат оваа услуга.

    Исто така, не смеат да наплаќаат надоместоци на неактивните сметки на граѓаните. Но, посочуваат од Народната банка, давателите на платежните услуги се должни да продолжат со пресметувањето камата на позитивното салдо, согласно договорните услови. Се работи за платежни, односно депозитни сметки, кои се сметаат за неактивна доколку во последните две, односно 10 години, не се користени од сопствениците. И, во предвиденио период банката, штедилницата или кој било друг давател на платежните услуги, не воспоставил контакт и не добил известување од  клиентот дека ќе продолжи да ја користи.

    Притоа, се нагласува дека блокираните сметки не се вбројуваат во редот на неактивните. Исто така, ако корисникот има повеќе сметки кај ист давател на платежни услуги, од кои барем преку една се одвиваат трансакции, тогаш се смета дека сите се активни.

    Што значи, може да се затворат неактивните платежни сметки со салдо нула.

    Доколку одредбите не се почитуваат, тогаш оштетените клиенти, граѓани или фирми, се упатуваат на Дирекцијата за финансиска едукација и заштита на потрошувачите при Народната банка. На таа адреса треба да достават поплака, по која соодветно ќе се постапи.

    На ова обврзува Законот за платежни услуги и платни системи, кој стапи во сила на почетокот од годинава.

    Кога станува збор за неактивните сметки, давателите на платежни услуги се должни да обезбедат систeм за нивна идентификација и да формираат посебна евиденција, која ќе ги опфати и податоците за нивните сопственици. Ова е предвидено со членот 189, кој истовремено дава гаранција дека „со настанувањето на статус на неактивна сметка, не престанува правото на сопственост над паричните средства на потрошувачот, вклучувајќи ги подоблиците на правото на сопственост и другите права што произлегуваат од сопственоста“. Оттаму и обврската за давателите на платежните услуги да продолжат со пресметка на каматата.

    Освен тоа, затечениот износ на неактивните сметки не смее да се намалува. Па, дури ни со пресметката и наплатата на надоместоци за нивно одржување. Исклучок е можен само ако треба да се намират реално направени трошоци за документирана писмена, електронска или снимена телефонска комуникација со клиентот и во случај на правосилна судска одлука или извршни исправи.

    Затворањето на сметките е една од малкуте услуги кои не се наплатуваат. Во контекст на сметките, на пример, се наплатуваат 60 или 70 денари (зависно од банката) месечен надомест за одржување на денарска сметка на која подолго време не е евидентиран промет. Всушност, познато е дека покрај каматите, провизиите и надоместоците им носат на банките големи приливи, чиј вкупен износ уште во првите три месеци од годинава надмина 120 милиони евра.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично