ПОВЕЌЕ

    Христијан Мицкоски за „Каде се парите?“: Не сме чудотворци, но ќе ја зголемиме економската активност и ќе владее правото

    Време зa читање: 5 минути

    За најмногу осум години Македонија ќе биде целосно дигитализирана, институциите во куси рокови ќе им даваат услуги на граѓаните, а ќе се избегнат и девијантните појави. Тоа ќе биде можност и за зголемена економска активност и за владеење на правото. Ова е планот на ВМРО-ДПМНЕ, што ќе го реализира доколку ја освои власта, затоа што не се ветуваат невозможни нешта, вели лидерот Христијан Мицкоски во поткастот „Каде се парите?“.

    Тој го образложува економскиот дел од изборната програма „Платформа 1198“, која се заснова на три клучни сегменти – ИКТ, дигитализација и буџетска помош на општините.

    Многу внимававме, не сакавме да ветуваме нешто што нема да го испорачаме. Цениме дека во изминативе три децении самостојна Македонија многу работи се ветувани, а од тоа многу малку е испорачано. Состојбата е таква што чуда се невозможни, ниту, пак, ние сме чудотворци. Внимателно, повеќе од два месеци активно се креираше овој документ 1198 и цениме дека тоа што таму е содржано е, практично, нешто кое што ќе биде испорачано. Со мала задршка, која нема да ја најдете во програмата, но ја користам приликата да кажам – две години од формирањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе направиме ревизија на сето ова. Да видиме дали можеме нешто дополнително да испорачаме. Така беше и кога ги креиравме програмите за локалните избори во 2021 година. Денес, неколку години откако се избрани за градоначалници, најголемиот дел од нив веќе и ја имаат завршено програмата и испорачуваат други проекти“, вели Мицкоски и додава – „мора да сме скромни, приземни, не смееме да летаме со ветувања“.

    Мора да се направи дигитална трансформација во Македонија за да се постигне зголемена економска активност, со сите атрибути кои таа ги содржи во себе, и за да владее правото, нагласува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

    Нема да имате доверба кај потенцијалните инвеститори, без разлика дали се домашни или надворешни, ако во државата не владее правото. Целта е да имаме зголемен транспарентен начин на комуникација на иституциите со граѓаните. Тргнавме од проблемот со издавањето на патните исправи, а го проширивме со анализа на сите предизвици што се случуваа при вадење документ, а кои потекнуваат од институциите, како што е извод од матична книга на родени, документ за венчани, посмртница, катастарски услуги… тоа е вистинска голгота. Или, ако не сакате да биде голгота, тогаш давате мито, без разлика дали е тоа од 500 до пет илјади денари. И, ја добивате услугата за која по нормален пат ќе требаат недели или месеци“.

    Мицковски посочува дека со дигиталната трансформација прво ќе се воспостави комуникација меѓу институциите во Македонија, што ги подразбира и општините. И, конечно, комуникацијата да биде помеѓу државните институции, општините, граѓаните и бизнисот, за да нема можности за девијантни однесувања.

    Многу државни институции бараат документ, па одите до некоја друга институција, чекате два-три дена, а јас имам искуство дека се чека со недели за поедини документи, па го поднесувате во првичната институција. Таа комуникација наместо да трае меѓу двете институции секунди или минути, вие губите денови бесцелно талкајќи од еден на друг шалтер, понекогаш сте и жртва на овие ликови кои се олеснувачи за одредена сума пари. Тоа го нарушува имиџот, ја нарушува инвестициската околина.

    Целта на дигиталната трансформација на Македонија е сето ова да биде во еден систем кој меѓу себе ќе комуницира, а вие како граѓанин го почнувате процесот и чекате институциите да го завршат за вас. И на крај, добивате информација дека процесот е завршен“.

    Опозицискиот лидер тврди дека со дигитализацијата каскаме, иако пред 10-12 години бевме лидери во регионот.

    Дигиталната трансформација во идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе има посебно место и посебно министерство, кое би требало да биде продолжение на Министерството за информатичка технологија и администрција. Со тоа што администрацијата најверојатно ќе конвергира кон решение да биде составен дел на Министерството за локална самоуправа“.

    За ИКТ секторот потенцира дека има извонредно големо значење во креирањето на БДП, со обрт од над 1,2-1,3 милијарди и извоз од 500-600 милиони евра. Вработува десетици илјади луѓе кои се исклучително добро платени, со просечна плата од 1.500 евра. За потребите на секторот е разговарано со ИКТ Комората.

    Тие бараат само предвидливост, да се знае што можат да очекуваат. Скокови, осцилации, непредвидливи политики, особено даночни, фискални, ги вознемируваат вработените. И бидејќи се вознемирени, ги напуштаат нашите компании и одат да работат за конкурентски компании надвор од Македонија, за светски конкурентски компании“, посочува Мицкоски и гарантира дека предвидливоста ќе се овозможи со политиките на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Освен тоа, смета дека без оглед што ИКТ индустријата не бара ништо, сепак државата треба да стимулира, бидејќи тука „додадената вредност е огромна, а нема трошок“.

    На прашањето дали е тоа можно со партизирана администрација, одговара потврдно, со забелешка дека ќе треба време.

    Нашиот план е дека до осум години целосно ќе ја дигитализираме Македонија. Првите две години ќе има значителен прогрес и ќе биде забележливо. Има предизвици со кои се соочуваме. Дел од ИКТ индстријата многу малку сака да биде дел од администрацијата, бидејќи примањата се лимитирани, не се предизвик. Тоа е факт“, признава, но вели може работите да се решат на друг начин, при што акцентира, сакаат да го променат и стреотипот, односно давањето и земењето проценти.

    Се нафативме за целата оваа работа затоа што сакаме да го промениме стереотипот. Има начини, не мора буџетски пари да трошиме за аутсорсинг компании, тоа може да биде јавно-приватно партнерство“, вели Мицкоски, додавајќи дека местењето тендери е стереотип базиран на некои поранешни искуства, а тој тоа ниту ќе го прави, ниту ќе дозволи некој да го прави.

    Ако сакаме да ја развиваме Македонија, единствениот начин, според мене, е владеење на правото, а тоа е можно ако имаме поголема транспарентност и отчет“, тврди Мицкоски.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично