ПОВЕЌЕ

    Граѓаните добиваат заштита, на финансискиот пазар ќе останат најквалитетните

    Време зa читање: 3 минути

    Измените на Законот за финансиски друштва ги подигаат стандардите во работењето, ќе доведат до консолидација на пазарот и поголема транспарентност на услугите и цените што ги нудат друштвата, смета Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва

    Зголемена доверба на финансискиот пазар како резултат на зголемените регулаторни барања за финансиските друштва и зајакнување на заштитата на клиентите, истовремено поттикнувајќи поголема конкурентност и раст на овој дел на финансискиот систем, се целите што се во примарниот фокус на измените во законската регулатива, преточени во Законот за финансиски друштва. Усвоеното законско решение предвидува зајакнување на регулаторните барања и подигнување на стандардите за финансиските друштва. Со тоа се очекува да дојде до консолидација на пазарот, при што во индустријата ќе преовладуваат само финансиски друштва кои ќе ги исполнуваат строгите критериуми за квалитет поставени од регулаторот. Со подигање на нивото клиентите ќе можат да работат исклучиво со реномирани и доверливи даватели на финансиски услуги – е ставот на Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва.

    Групацијата, во која членуваат речиси сите финансиски друштва регистрирани во државата, активно учествуваше во измените на законската регулатива, со цел да се формулира правна рамка која ќе обезбеди подобра регулираност на овој дел од финансискиот пазар и поголема заштита на корисниците на кредитите, односно клиентите на финансиските друштва, посочува Јошевски за неодамна усвоените измени, кои веќе се во сила.

    Со нив веќе е обезбедена значително поголема заштита за корисниците на услугите на финансиските друштва. Пред се, утврден е максималниот износ на трошоците поврзани со кредитите, а повеќе не е можно со ново да се затвора старо задолжување во истото финансиско друштво. Исто така, трговските друштва со дозвола или лиценца според Законот за игрите на среќа и за забавните игри, не можат да се јават и како кредитни посредници на финансиско друштво. Значајно е и тоа што за основање финансиско друштво треба да се вложат половина милион евра наместо досегашните сто илјади, а износот не може да е со потекло од заем или од кредит.

    Доколку, пак, трошоците што не влегуваат во годишната стапка на вкупни трошоци надминуваат 60% од износот на одобрениот кредит, финансиското друштво нема да може да склучи договор за потрошувачки кредит. Освен тоа, друштвата од овој вид имаат обврска да воспостават систем за управување со кредитен ризик, кој се однесува на оценување на кредитната способност на клиентот за враќање на кредитот како и оценка на загуба на финансиското друштво поради евентуалната неможност должникот да ги намирува обврски во договорениот износ или рокови.

    Засилена е и контролата врз работењето на финансиските друштва. А, за непочитување на Законот, предвидените глоби се движат од осум до десет илјади евра. Можно е на финансиско друштво да му биде одземена дозволата ако во период од една година му се изречат две мерки – глоба или времена забрана за вршење активност.

    „Можеби еден од најзначајните очекувани исходи од новата регулатива е подобрувањето на транспарентноста на услугите и цените што ги нудат финансиските друштва. Со појасни информации и ценовни структури, клиентите ќе можат да донесат поинформирани одлуки кога бараат финансиски услуги. Зголемената транспарентност се очекува да донесе и здрава конкуренција меѓу финансиските компании, охрабрувајќи ги да обезбедуваат најсовремени технолошки решенија и прилагодени услуги за да се задоволат потребите на клиентите“, смета Јошевски.

     

    Изјава на Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично