ПОВЕЌЕ

    Фрлање на акумулираното знаење и искуство во заборав

    Време зa читање: 3 минути

     

    Економскиот напредок може да се постигне преку отворање на производствени капацитети, зајакнување на животниот стандард, намалување на невработеноста, зголемување на нивото на инвестиции (домашни и странски), зајакнување на можностите за иновации и преку еден од најважните фактори како што е развојот и унапредување на човечкиот капитал.

    Најоптимално за една држава односно економија би било кога растот и развојот би се остварил благодарејќи на управувањето на сите фактори кои придонесуваат за истиот. Секако премногу би било комплексно истовремено да се посветат ресурси за унапредување на сите фактори, меѓутоа не е невозможно. Економските развој може да се постигне преку соодветен развој на областите во неколку фази, меѓутоа од посебна важност е дека не треба да се занемарува важноста на индивидуалните фактори.

    Човечкиот капитал е еден од поважните производствени  факторите во една економија. И покрај неговата важност за економијата, сепак во некои земји во развој за човечкиот капитал се размислува како за трошок. Ваквото размислување е целосно погрешно бидејќи вработените се тие кои придонесуваат за развојот на претпријатијата. Од друга страна, лоша политика за управување со човечките ресурси може да ја наметне потребата вработените да се категоризираат како трошок наместо капитал.

    Секој вработен треба да придонесе со своето знаење и искуство кон развојот на претпријатието и со тоа кон развојот на самата економија. Проблемот се појавува во начинот на кој што се третираат самите вработени, потенцијалните вработени или минатите вработени.

    Имено, постојат дилеми за ангажирање на штотуку дипломираниот кадар бидејќи нема искуство. Од друга страна, на кадарот кој има искуство не му се нуди соодветна компензација или пак можностите за работење на овој кадар се ограничени поради законската регулатива. Со други зборови, искусниот кадар може да биде отфрлен поради возраста.

    Кога станува збор за искусен кадар, би требало да се потенцираат  пензионираните лица. Многу често овие лица паѓаат во заборав бидејќи повеќе не се интересни, или не постои можноста да се добие директна идна корист. Ваквиот начин на размислување и дејствување го ограничува напредокот на економијата, гледано од аспект на човечки капитал. Со отфрлањето на пензионираните лица се преминува кон прекинување на циклус на знаење и искуство во една економија.

    Циклус на знаење и искуство во развиените економии подразбира надградување на постоечкото знаење. Знаењето кое го поседуваат постарите лица се пренесува на помладиот кадар. На овој начин, неколку декадното знаење не е изгубено. Младиот кадар има појдовна основа која е резултат на повеќе децениско искуство. Ваквиот начин на пренесување на знаењето и искуството од генерација на генерација придонесува кон континуирано акумулирање и проширување на знаењето.

    За жал, некои земји во развој немаат поставено основни темели за акумулација и проширување на знаењето. Поради неможноста за акумулирање на знаењето, се наметнува потребата циклусот на човечкиот капитал континуирано да се обновува наместо да се надградува. Со други зборови, младите треба сами да се снаоѓаат и да почнат од самиот почеток бидејќи вработените немаат време или желба да го пренесат ограниченото знаење. Од друга страна, пензионираните лица кои имаат време да го пренесат своето знаење се игнорирани. Оваа категорија најчесто се смета за категорија која може да придонесе за развојот на економијата само преку трошењето на приходите односно пензијата.

    Треба да се постави прашањето до кога земјите во развој ќе дозволат да го губат акумулираното знаење и искуство? Зашто човечкиот капитал кој е капитал во права смисла на зборот се отфрла? Неминовно е дека треба да се пронајде начин и да се дефинира стратегија која би спречила акумулираното знаење во една економија да оди во заборав.

    Автор: Вон.Проф. д-р Зоран Темелков

    Повеќе текстови од авторот, [ тука ]

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично