ПОВЕЌЕ

    ФАКТИ ЗА ТОП 10 ТЕНДЕРИ: ЗАЕДНО ТЕЖАТ ОКОЛУ 172 МИЛИОНИ ЕВРА, НАЈГОЛЕМИОТ НЕЧЕПНАТ, ЈСП НЕ ДОБИВА ПОПУСТ ЗА Дизел…

    Време зa читање: 5 минути

    Набавка на мазут, ископ на јаглен, набавка на дизел-гориво, набавка на струја – тоа се ставки од 10-те најголеми тендери што институциите кои се обврзани со закон, ги објавиле од почетокот на годината, а заклучно со 19.11.2022 година.

    Вкупната вредност на овие 10 најголеми набавки изнесува околу 172 милиони евра, при што првите 5 вредат речиси 128 милиони евра.

    Порталот Пари ги „вади“ интересните детали за овие договори.

    За почеток откриваме што пишува во договорите за првите 5 најголеми тендери.

    Неприкосновено, првото место за тендер што припаднал на една компанија, сѐ уште го држи набавката на мазут што ја направи Балкан енерџи груп, која изнесува 39,2 милиони евра. За овој износ е склучена рамковна спогодба на 20.1.2022 година. Договорот е склучен со фирмата РКМ за набавка на 52.100.000 килограми мазут со максимум сулфур 1 %. Овој договор беше за набавки до 30 април годинава, или до искористување на количините.

    „Договорниот орган ќе врши набавка согласно со оваа Рамковна спогодба, единствено во случај на прекин на снабдувањето со природен гас во топланите на договорниот орган и договорниот орган не е должен да врши набавки на мазут по оваа Рамковна спогодба доколку нема прекин во снабдувањето со природен гас во периодот на важење на оваа Рамковна спогодба, ниту да плаќа каков било надоместок спрема економскиот оператор во случај да не врши набавки на мазут по оваа Рамковна спогодба“, пишува во Договорот што е јавно објавен на веб-страницата на Бирото за јавни набавки.

    Во Договорот е потенцирано и дека „поради одбегнување на какво било недоразбирање, договорниот орган има обврска на економскиот оператор да му ја плаќа цената само за количината на мазут којa по оваа Рамковна спогодба ќе биде реално подигната од страна на договорниот орган“.

    Со оглед на тоа што топланите Исток, Запад и Топланата 11 Октомври во Кисела Вода, за кои се направени набавките, зимава не се вклучија на мазут, не се искористени количините на гас, но според регулативата тие мора да имаат набавка на алтернативно гориво, доколку нема гас.

    ЈСП Скопје, пак, деновиве набави еуродизел од „Пуцко петрол“, за две години, за 26,8 милиони евра.

    „Пуцко петрол“ според Договорот, ќе испорачува дизел по цена која ќе важи во моментот на испораката, а која се утврдува со Одлука на Регулаторна комисија за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтени деривати. Во овие одлуки се наведува износот колку може да биде максималната цена на дериватот, со напомена дека трговецот може да ја продава и по пониска цена. Но, пониска цена во овој конкретен договор не е предвидена, но предвидено е дека цената подразбира испорачано гориво на утврдени локации.

    Јавното претпријатие за државни патишта, за поправка и рехабилитација на патиштата, на една јавна набавка избрало две компании, „Илинден“ и „Ескаватори МК“ ДООЕЛ , како носители на договорите, но и тие се здружени со други компании. Во самиот тендер е наведено дека рамковната спогодба ќе се склучи со повеќе економски оператори – со повторно прибирање на понуди. Со двете избрани компании се склучени рамковни спогодби од по 23 милиони евра. И во двата договора е потенцирано дека се однесуваат на 18 месеци и дека износот што ќе се реализира зависи од потребите на Јавното претпријатие.

    „Илинден“ од Струга во тендерот настапува заедно со „Жикол“ од Струмица и со „Еуровиа“ од Желино. „Ескаватори МК“ е здружен со „Хидрострој“ од Софија и со „Ескаватори“ од Косово.

    Ако се гледа од аспект на договорен орган кој склучува договор со повеќе компании, тогаш ЈП за државни патишта би бил прв на листата на најголеми „тендераши“ на еден оглас, затоа што двата рамковни договори: со „Илинден“ и со „Ескаватори МК“, заедно со приклучените фирми, изнесуваат 46 милиони евра.

    На четврто место меѓу добитниците на тендери, пак, е „Марковски компани“. АД ЕСМ со „Марковски компани“ склучил договор за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во Рудникот Брод – Гнеотино за потребите на РЕК „Битола“. Тендерот „тежи“ 19,5 милиони евра. Договорот е до исцрпување на финансиската рамка, а најмногу за 18 месеци.

    Министерството за внатрешни работи е носител на петтата најголема јавна нарачка. МВР склучило договор со ЕСМ продажба за набавка на електрична енергија во вредност од над 19 милиони евра. Како што пишува во Договорот, станува збор за јавна набавка на електрична енергија (по втор пат) за период од 3 години.

    „Во цената се пресметани сите трошоци (цената на набавката на електрична енергија, освен трошоците за операторот на електропреносниот систем, трошоците за операторот на пазарот на електрична енергија и трошоците за операторот на дистрибутивниот систем, предвидени во Правилата за снабдување со електрична енергија, како и сите попусти на вкупната цена на понудата“, пишува во Договорот. Но, таму е прецизирано и дека при реализација на договорот за јавна набавка може да дојде до корекција на цените зависно од движењето на месечната цена определена на HUPX-берзата.

    ТОП 5 ТЕНДЕРИ ВО 2022 ГОДИНА

    (До 19.11.2022)

    НарачателНосител на набавкаРамковна спогодба со ДДВ
    Балкан енерџи групРКМ39,2 милиони евра
    ЈСП СкопјеПуцко Петрол26,8 милиони евра
    Јавно претпријатие за државни патиштаИлинден; Ескаватори МК23 милиони евра; 23 милиони евра
    АД ЕСММарковски компани19,5 милиони евра
    МВРЕСМ продажба19 милиони евра

    (Продолжува)

    Лектор: Христина Ангелеска

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично