ПОВЕЌЕ

    „ДАЈТЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ВООРУЖУВАЊЕ“: 14 членки на ЕУ бараат од Европската инвестициска банка да ја смени политиката

    Време зa читање: 3 минути

    Германија, Франција и десетина други земји од ЕУ побараа од Европската Инвестициска банка да ја промени својата политика за инвестиции во одбраната. Четиринаесет земји испратија писмо до претставниците на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за да повикаат на поефикасно финансирање на одбранбените проекти, според Блумберг.

    Сегашната политика на ЕИБ ѝ забранува да инвестира во оружје, муниција и воена инфраструктура, но на банката и е дозволено да ги финансира таканаречените „артикли со двојна употреба“, кои можат да се користат и за цивилни и за воени цели.

    Соочени со руската агресија во Источна Европа, се поголем број држави би сакале ова да се промени со цел да се подобрат одбранбените капацитети на ЕУ. Потписите на писмото вклучуваат лидери од Финска, Бугарија, Чешка, Данска, Естонија, Франција, Германија, Италија, Латвија, Литванија, Холандија, Полска, Романија и Шведска. Од врвот на ЕУ се бара да овозможат инвестиции во одбраната, па дури и да се измени мандатот на Европската инвестициска банка, за да ѝ се дозволи да ја поддржи одбранбената индустрија на континентот.

    Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во понеделникот изјави дека Европа мора да ја зајакне својата одбрана и да се префрли на режим на „воена економија“ за да се соочи со заканата што ја претставува Русија. Тој рече дека Европа со децении не инвестирала доволно во својата безбедност и одбрана.

    Откако Русија ја нападна Украина, некои од државите, меѓи кои и Германија, го зголемија воено-производствениот капацитет за 50 отсто, но, според Мишел, потребно е многу повеќе од тоа.

    Земјите на ЕУ во понеделникот одобрија договор за зголемување на поддршката на блокот за вооружените сили на Украина за 5 милијарди евра (5,4 милијарди долари), поради предупредувањата дека на силите на Киев им требаат повеќе ресурси за да ја задржат линијата против поголемата руска армија.

    Американскиот пакет помош од 60 милијарди долари за Украина се уште не е одобрен од Конгресот.

    Претседателот на Европскиот совет рече дека Европа мора да преземе одговорност за сопствената безбедност и да не се потпира многу на поддршката од земји како што се САД. „Доколку нема вистински одговор на ЕУ и не ѝ дадеме доволно поддршка на Украина да ја запре Русија, ние сме следни. Затоа мораме да бидеме подготвени за одбрана и да се префрлиме на режим на „воена економија“,нагласи Мишел. „Ако сакаме мир, мора да се подготвиме за војна“, додаде тој.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично