ПОВЕЌЕ

    ЧИЛЕ САКА КОНТРОЛА ВРЗ СВОИТЕ ЛИТИУМСКИ НАОЃАЛИШТА, големиот бизнис во паника

    Време зa читање: 5 минути

    Новонајавениот план на чилеанската влада државата да преземе мнозински удел во литиумската индустрија ги вознемири деловните лидери, иако аналитичарите предупредија дека предлогот се чини дека се обидува да постигне средина меѓу конкурентните интереси, јавува Си-Ен-Би-Си.

    Младиот претседател на Чиле, Габриел Бориќ, кој, инаку е од хрватско потекло, во националниот пренос во четвртокот вечерта објави дека приватните компании ќе мора да соработуваат со владата во искористувањето на чилеанскиот литиум, минерал што се користи за производство на батерии на полнење. Бориќ на власт дојде во 2019 година, на бранот на силните студентски протести, како лидер на чилеанското студентско движење, поддржан од чилеанската левица и стана втор најмлад шеф на држава на светот.

    ЧИЛЕАНСКАТА ДРЖАВА САКА КОНТРОЛА НАД ЕКСПЛОАТАЦИЈАТА НА ЛИТИУМОТ

    Образложувајќи ја идејата во настапот пред јавноста, Бориќ рече дека државата ќе има контролен интерес за секое партнерство, што доведе некои да го наречат национализација на индустријата, додека други не се согласуваат.

    „Да се нарече тоа национализација е премногу силно… тоа е квазинационализација со тоа што полето за игра сега ќе биде поизрамнето во полза на државата“, смета Николас Салдијас, висок аналитичар во Економист разузнавачка единица за Латинска Америка и Карибите.

    Чиле е вториот најголем производител на литиум и ги поседува третите по големина светски резерви на овој минерал. Побарувачката за литиум се очекува да се зголеми во услови на транзиција кон обновливи извори на енергија ширум светот и растот на електричните возила кои се напојуваат со литиумски батерии.

    Јужноамериканската земја неодамна го губи теренот од другите во трката за експлоатација на литиумот, така што имаше многу очекувања за она што Бориќ, левичар, ќе го објави како стратегија на земјата за индустријата.

    „Нема големи изненадувања, што не значи дека тоа не е многу важна промена во моделот“, рече Маријано Мачадо, главен аналитичар за Америка во Verisk Maplecroft, глобална компанија за разузнавање ризици.

    Според планот, сите компании кои сакаат да работат во секторот за литиум во Чиле ќе мора да ја преземат допрва основаната Национална компанија за литиум како партнер и „државата ќе има контрола“, рече Бориќ во четвртокот. Постојните договори ќе бидат испочитувани, но Бориќ изрази оптимизам дека би можеле да најдат начин да го зајакнат учеството на државата во нивните операции пред да истечат.

    „Тоа не е кражба на концесиите, тоа е промена на правилата наместо нагло нивно кршење“, вели Емили Херш, извршен директор на Луна Литиум, компанија за истражување на литиум со проекти во Америка.

    Две компании во моментов ископуваат литиум во Чиле, Албемарле Корп. Акциите во двете компании паднаа во петокот по објавата на Бориќ.

    За создавање на новата компанија ќе биде потребно одобрение од Конгресот, кој веќе собори неколку клучни иницијативи на Бориќ.

    Дотогаш, две други државни компании, Коделко, најголемиот светски производител на бакар, и државната рударска компанија Енами, ќе сфатат како ќе функционираат со приватно-јавното партнерство.

    Претседателот на Чиле отпатува во петокот во Антофагаста, на околу 1.300 километри од главниот град на Чиле за да достави повеќе детали за неговиот предлог до локалните власти. „Повикуваме на дијалог и процес на учество за да се соберат визии и знаење во врска со новото управување со литиумските и солените рамнини“, рече Бориќ.

    Но, бизнис секторот на Чиле изрази загриженост. Бевме прилично вознемирени од објавата на Бориќ, рече Рикардо Мевес, шеф на Конфедерацијата за производство и трговија, здружение што ја претставува бизнис заедницата на Чиле. Мевес рече дека деловните лидери очекувале дека ќе има „големо учество на приватниот сектор“ во секторот на литиум и сега „државата ќе биде таа што ќе ја контролира“ индустријата.

    Неколку аналитичари рекоа дека тие грижи може да одат предалеку. Салдијас, од Економист Интелиџенс Јунит, рече дека предлогот „всушност му дава на приватниот сектор повеќе можности од постоечката рамка затоа што … ќе има поголема способност за учество во проекти отколку што постои моментално“.

    Тој, сепак, предупреди дека еколошките ограничувања на начинот на кој се произведува литиумот и притисокот за повеќе консултации со локалните заедници може да доведат до „зголемување на трошоците за водење бизнис“ во Чиле.

    ЕКОЛОШКИТЕ ГРИЖИ И ПРАВАТА НА ДОМОРОДНОТО НАСЕЛЕНИЕ

    Мачадо во Verisk Maplecroft рече дека „Изгледа дека Чиле тргнал кон модел кој е во средината во кој државата има предност, имајќи предвид дека тоа е ресурс што се смета за стратешки“.

    Тоа е различен модел од соседна Боливија, во која државата има целосна контрола врз секторот, и Аргентина, во која државата едноставно дава концесии за работа на компаниите.

    Министерот за финансии Марио Марсел повика на смиреност во деловната заедница. Тој рече дека според планот, приватните компании ќе придонесат со капитал, технолошко знаење и искуство, додека државата обезбедува финансирање и во исто време ги заштитува еколошките услови на солените рамнини и „односот со домородните народи“ на погодената област.

    Останува нејасно дали владата ќе придонесе капитал во директна пропорција со нејзиниот сопственички удел.

    Бориќ, исто така, рече дека владата ќе оди подалеку од самото вклучување во рударството на литиум, велејќи дека ќе го промовира развојот на производи од литиум со додадена вредност додека се стреми да стане водечки светски производител на литиум.

    Планот на Бориќ е во согласност со „правецот во кој оди светот“, рече Херш во Луна Литиум. „Притискањето да се има повеќе додадена вредност каде што се произведуваат минерали и да се има поголем удел од приходите од рударските активности се разбирливи долгорочни трендови“, рече таа.

    За Херш вистинската грижа не е нужно Чиле, земја со робусна рударска индустрија и постоечко производство на литиум. Таа се грижи за тоа каква порака испраќа ова до другите во регионот кои се обидуваат да изградат нови индустрии, имајќи предвид дека Мексико веќе го национализираше својот сектор за литиум.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично