ПОВЕЌЕ

    Бектеши најави 22.500 денари минималец, а колку ќе тежи минималната кошница од март – не се знае

    Време зa читање: 4 минути

    „Најниска плата во државата од март 2024 година минимум 22.500 ДЕН!

    Повеќе од двојно зголемување од минималната плата за 2017 година“.

    Ова е Фејсбук статусот на министерот за економија, Крешник Бектеши, со кој информира за претстојното придвижување на минималецот. Со што најниската плата во државата ќе дојде до износ од 365 евра.

    Досегашните 20.175 денари ќе се надградат со 2.325 денари или со нецели 38 евра.

    Сепак, се движи (би рекол Галилеј).

    Како категорија минималната плата со Закон беше воведена во 2012, кога беше утврдено ниво од 8.050 денари нето, односно 12.265 денари во бруто износ. Во годините што следеа имаше одредени поместувања. За четири години – до 2016 се зголеми за 2.030 денари. Што, секако, е помалку во однос на сега најавениот едногодишен раст што ќе се случи во март 2024.

    Оттогаш, односно од 2017 па досега, минималецот е зголемен за точно 10.095 денари. Континуитетот во зголемуањето на најниската плата е обезбеден со ланските измени на Законот за минимална плата. На тој начин се воспостави новата методологија, која овозможи усогласување на износот со 50 проценти од порастот на трошоците на живот и 50 проценти од порастот на просечната плата во изминатата година.

     

    Година Минимална нето плата Минимална бруто плата
    2012   8.050 денари 12.265 денари
    2013   8.050 денари 12.268 денари
    2014   8.800 денари 13.140 денари
    2015   9.590 денари 14.114 денари
    2016 – 8.2017 10.080 денари 14.739 денари
    9.2017 – 6.2018 12.000 денари 17.130 денари
    7.2018 – 3.2019 12.165 денари 17.370 денари
    4. – 9. 2019 12.507 денари 17.943 денари
    12.2019 14.500 денари 20.997 денари
    1.– 3.2020 14.500 денари 21.107 денари
    4. – 6.2020 14.500 денари 21.107 денари
    7.2020 – 3.2021 14.934 денари 21.776 денари
    4.2021 – 3.2022 15.194 денари 22.146 денари
    3.2022 – 2.2023 18.000 денари 26.422 денари
    3.2023 – 2.2024 20.175 денари 29.739 денари

    Извор: Министерство за труд и социјална политика

     

    Неспорно е зголемувањето на минималната плата за, која од 2012 до денес пораснала за два и пол пати. Прашањето е – како со тие пари да се преживее. Особено последниве години, кога инфлацијата, што увезена, што од домашно потекло, сериозно ги обезвреднува примањата за сметка на цените.

    Во тој период минималната потрошувачка кошница е постојано во близина на нивото од 50 илјади денари (812 евра).

    За октомври, мерењата на Сојузот на синдикатите на Македонија покажаа дека изнесувала 46.198 денари или 750 евра. Вообичаено, најмногу пари се одлеваат за храна и пијалаци – 19.668 денари (319 евра), што зафаќа речиси половина, поточно 44,06 отсто од сите трошоци содржани во минималната месечна кошница.

    Домувањето учествува со 30,73 проценти – 13.716,86 денари (222 евра), а хигиената со 7,32 отсто -3.267,42 денари (53 евра). Тука се и трошоците за превоз – 3.735 денари (8,37%), за облека и обувки 2.343,63 денари (5,25%). Како и секогаш, во услови на беспарица се штеди на културно-забавниот живот и на здравјето. Оттаму, во октомври делот за култура е 2,39 отсто, или 1.067,86 денари, додека за одржување на здравствената состојба само 837,18 денари (1,88%).

    За една година кошницата е полесна за 5.316 денари. Лани во октомври изнесувала 51.514 денари. Но, е многу повисока од десеттиот месец во 2021 – 34.574 денари.

    Во март лани, кога почна да функционира методологијата за пресметување на минималната плата, која тогаш изнесуваше 18 илјади денари, кошницата тежеше 36.768 денари. Или, 2,02 два минималци за една кошница. Во октомври, соодносот е нешто влошен – за покривање на минималните трошоци потребни се 2,28 минимални плати.

    Од март минималецот ќе се зголеми. Не е извесно каква ќе биде тогаш синдикалната кошница. Годинава ќе ја завршиме со стапка на инфлација од 9,5, а според проекциите на Народната банка, догодина би требало да се спушти до 3,5 проценти. Сепак, кај нас цените не зависат само од инфлаторните движења, туку и од амбициите за заработка на производителите и трговците.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично