ПОВЕЌЕ

    Административците се осипуваат, буџетските пари за платите растат

    Време зa читање: 3 минути

    Од 2019 па заклучно со проекцијата за 2024 година, државната каса е оптоварена со плус 217,47 милиони евра кај ставката плати и надоместоци. Овој износ не е конечен, затоа што потребите може да ги надминат плановите. Таков расчекор се појави и годинава, па корекцијата се направи со владина одлука. Инаку, за четири години бројот на државните институции прогресирал за 30, а  кај работно ангажираните има осипување од 3.526 административци.

    Буџетот за идната година, за кој од понеделник ќе се расправа во Собранието, е рекорден досега со предвидените 5,5 милијарди евра. Исто како и зацртаните 41,152 милиони денари или 667,95 милиони евра за покривање на платите во администрацијата.

    Податоците од Министерството за финансии ја покажуваат континуираната линија на раст во овој сегмент.

    Во 2019 година за тие потреби од државната каса биле потрошени 27,754 милиони денари, односно 450,48 милиони евра. Толку било потребно за 132.900 лица вработени во јавниот сектор, конкретно во 1.324 институции. Овие бројки се од извештаите што годишно ги објавува надлежното Министерство за информатичко општество и администрација.

    Наредната 2020 има промени – бројот на институции е зголемен за осум, на 1.332. Кај нив биле ангажирани 131.183 лица. Нивните плати биле покриени со 29,775 милиони денари/483,28 милиони евра. Значи, за една година бројот на административците се намалил за 1.717, а износот во Буџетот пораснал за 32,8 милиони евра.

    Состојбите се менуваат и во текот на 2021 година, кога е забележан раст и кај институциите – 1.346 (плус 14) и кај работно ангажираните – 132.088 (за 905). Оттука, нема отстапки ниту во Буџетот од кој биле обезбедени 31,010 милиони денари што е противвредност на 503,33 милиони евра. Разликата од 2020 е 20,05 милиони евра.

    ГодинаБрој на државни институцииВработени во администрацијаБуџетски пари за платитеПромени во Буџетот
    20191.324132.900450,48 милиони евра/
    20201.332131.183483,28 милиони евра/
    20211.346132.088503,33 милиони евра/
    20221.354129.374521,98 милиони евра/
    2023//566,14 милиони евра59,97 милиони евра

    Трендот продолжил и лани, што се однесува до буџетските пари, од кои за плати и надоместоци за јавниот сектор биле потрошени 32,159 милиони денари, односно 521,98 милиони евра. Освен средствата за плати, има и осум институции повеќе – 1.354. Тоа, проследено со минус од 2.714 кај бројот на вработените – 129.374 административци.

    Годинава на која веќе и се одбројува крајот, е во знакот на платите. И, на протестите. Функционерските 78 проценти, кои експресно се вклопија во примањата на избраните, а сега чекаат седум законски измени за да се вратат на некое соодветно ниво за македонските состојби, предизвикаа верижни реакции. Сепак, што преку протести, што со преговори, администрацијата издејствува зголемување на платите за 10 проценти и К-15 од десет илјади денари (колкумина се ангажирани во јавнот сектор, ќе се знае со следниот извештај на МИОА).

    Така, буџетски предвидените 34,880 милиони денари/566,14 милиони евра со одлука на Владата се трансформираа во 37,457 милиони денари/607,97 милиони евра. Се работи за разлика од 3,695 милиони денари или 59,97 милиони евра.

    Воедно, во проекцијата на Буџетот е наведен и податокот дека во однос на оваа, вкупниот износ за намирување на платите во текот на идната година е повисок за 18 проценти. Конкретно, за 6,272 милиони денари – 101,80 милиони евра.

    Со оглед на незадоволсвото кое не стивнува, но и со самото тоа што 2024 е изборна година, не е сигурно дека ќе се опстои на овие предвидувања кај платите. Како и да е, потребните пари треба да се обезбедат од приливите кои, спред планираното, ќе бидат зголемени за десет проценти, а со 57,4 отсто се потпираат на даноците, од кои идната година се очекуваат повисоки остварувања.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично