ПОВЕЌЕ

    ТУРИЗМОТ НИЗ СЕДУМ ДЕЦЕНИИ: Во 1956 година сме имале 259.663 туристи

    Време зa читање: 3 минути

    Во 1956 година биле регистрирани 259.663 туристи и 474.635 ноќевања, покажува најстариот податок во базата на МАКСТАТ на Државниот завод за статистика. Годинава, по седум децении, заклучно со август сме имале речиси 1 милион туристи, кои оствариле речиси 2,7 милиони ноќевања.

    Порталот „Пари“ со анализата ве води низ туристичко патување седум децении наназад. Минатата година ја завршивме со 1.336.597 туристи и со 3.323.210 ноќевања. Тоа е повеќе од петпати поголем број гости во однос на 1956 година, а бројот на ноќевања е речиси седумпати поголем.

    СТРАНЦИТЕ СЕ ГЛАВНИОТ ДВИГАТЕЛ НА РАСТОТ. ДОМАШНИТЕ ТУРИСТИ ОСТВАРУВААТ ПОВЕЌЕ НОЌЕВАЊА

    Особено е значајна промената во структурата на туристите. Од вкупниот број туристи во 2025 година, 916.001 биле странски, а 420.956 домашни. Тоа значи дека странците учествувале со околу две третини во вкупниот број туристи.

    Но, она што особено паѓа во очи е дека бројот на ноќевањата на домашните туристи, иако се значајно помалубројни, се приближува до бројот на ноќевањата на странските гости. Така, просечниот број на ноќевања на домашните туристи е 4, а на странските е 1,78.

    ТУРИСТИЧКИ БУМ: Скопје сè повеќе им конкурира на езерските дестинации

    Пред 70 години имало 168.709 домашни и 90.756 странски туристи. Домашните туристи оствариле 309.712 ноќевања, или во просек 1,83 ноќевања по турист, а странските оствариле 164.923, или во просек 1,81 ноќевање по турист.

    Низ годините се зголемувал бројот на странските гости, но должината на нивниот престој е речиси иста како пред 70 години, за разлика од должината на престојот на домашните гости, која во просек е повеќе од двојно зголемена.

    ПАНДЕМИЈАТА ГО ПРЕКИНА РАСТОТ, НО ТОЈ СЕ ВРАТИ НА ГОЛЕМА ВРАТА

    Историската серија ги покажува и последиците од кризите врз туризмот. Во 2019 година земјава имала речиси 1,185 милиони туристи, но во 2020 година, поради пандемијата на ковид-19 и ограничувањата за патување, бројот паднал на 467.514. Тоа е намалување од повеќе од 60 насто за само една година.

    Падот бил особено изразен кај странските туристи. Од 757.593 во 2019 година, нивниот број во 2020 година се намалил на само 118.206. Во следните години туризмот постепено закрепнувал, достигнувајќи 702.463 туристи во 2021 година, 969.277 во 2022 година и 1.168.730 во 2023 година.

    Во 2025 година не само што е надминато нивото од претпандемиската 2019 година, туку е постигнат и нов рекорд во бројот на туристи и ноќевања.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично