ПОВЕЌЕ

    ТТК БАНКА СО ПОЗИТИВНИ РЕЗУЛТАТИ: За девет месеци пораст на добивката за 19,9 отсто во однос на истиот период лани

    Време зa читање: 6 минути

    Во услови на значајни геополитички и воени случувања, здравствена и енергетска криза, силна конкуренција и динамичен пазар, водејќи се од основните принципи за сигурно и стабилно работење, ТТК Банка АД Скопје успеа да постигне забележителни резултати, што ја одразува одржливоста на нејзиниот деловен модел и успешното управување со сите деловни аспекти од работењето.

    Во ваков специфичен економско-социјален амбиент, преку приспособлива стратегија на работење и преку посебна интерна посветеност, ТТК Банка АД Скопје забележа позитивен финансиски резултат, темелен на здрава основа и во согласност со амбиентот. Заклучно со 30.9.2022 година, финансискиот резултат изнесува 45,6 милиони денари, што претставува повисок резултат за 19,9 % во однос на истиот период минатата година.

    Нето-приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето на Банката. Остварените нето-приходи од камати во периодот од 1.1.2022 до 30.9.2022 година изнесуваат 182,4 милиони денари и во однос на планот за овој период се остварени со 101,2 %.

    Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период изнесуваат 147,3 милиони денари и бележат зголемување за 2,7 % во однос на претходната година, што e резултат, во најголем дел, на зголемените приходи од провизии од новопонудените услуги преку проширената мрежа банкомати и зголемениот обем на работењето со картичките, како и на поволните движења во понудата и реализацијата на услугите во областа на платниот промет од секторот стопанство и од брокерското работење. Во однос на планот за овој период, нето- приходите од провизии и надоместоци за услуги се остварени со 103,4 %.

    Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 10,4 милиони денари и бележат годишен раст од 29,9 % како резултат на зголемениот обем на тргувања на девизниот и на менувачкиот пазар. Во однос на планот се остварени со 120,2 %.

    Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 35,7 милиони денари и се повисоки за 52,1 % во однос на минатата година, како резултат, во најголем дел, од поголемиот износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземени средства, како и од повисока наплата на претходно отпишани побарувања. Во однос на планот се остварени со 49,1 %.

    Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 272,5 милиони денари и се за 7,6 % повисоки во однос на истиот период минатата година, како резултат, во најголем дел, од зголемените материјални и административни трошоци и од повисоките трошоци за плати. Во однос на планот се остварени со 100,0 %.

    Во споменатиов период, исправката на вредноста на финансиските средства и на посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето-основа изнесува 42,6 милиони денари и истата соодветствува со обемот, структурата и квалитетот на пласманите на Банката.

    Во текот на првите девет месеци од 2022 година прокнижена е загуба заради оштетување на нефинансиските средства во износ од 13,9 милиони денари.

    Исплатени дивиденди

    На ден 3.3.2022 година Банката го објави Јавниот повик за учество на Годишното собрание на акционери коешто се одржа на 5.4.2022 година. На Седницата на Собранието на акционери на ТТК Банка АД Скопје беше донесена Одлуката за определување на износот на дивидендата и датумите на исплата на дивидендата, со којашто на 3.5.2022 година започна со исплата на дивиденда за 2021 година во бруто- износ од 41.762.848 денари или висината на бруто-дивидендата по акција изнесува 46 денари односно 4,6 % од номиналната вредност по акција.

    Вложување или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30 % од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

    Материјалните средства (недвижности, постројки и опрема) се пониски за 4,9 % во однос на 31.12.2021 година, што главно се должи на амортизацијата на основните средства.

    Промени во кредитни задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30 % споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

     Обврските по кредити во однос на 31.12.2021 година бележат зголемување за 4,0 %, главно како резултат на зголемени обврски по кредити. TTK Банка во извештајниот период, започна со реализација на Кредитната линија за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) во соработка со Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ), која е наменета за обезбедување на средства за инвестиции за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија на микро, мали и средни трговски друштва, ТП и занаетчии.

    Очекувања за претстојниот период

    Неизвесноста околу натамошниот тек на настаните поврзани со пандемијата на коронавирусот што сѐ уште постои, зголемените цени на енергентите и фрагментираните и нарушени синџири на снабдување заради конфликтот во Украина и воведените строги рестриктивни мерки во Кина, се најзначајните фактори на ризик коишто ќе влијаат врз идната динамика на раст на економската активност и активностите на банкарскиот систем.

    Сегашната клима сугерира дека и следниот период ќе биде предизвикувачки и затоа Банката и понатаму внимателно ќе ги анализира тековните макроекономски параметри, ќе ги следи мерките, активностите и предвидувањата на економските авторитети и на носителите на економските политики и на операторите, ќе ги усогласува интерните индикатори и ќе го приспособува нејзиното работење на пазарните услови, со фокус кон одржување на ликвидноста и долгорочната стабилност.

    Банката ќе продолжи да дејствува проактивно, фокусирајќи се кон стабилно и профитабилно оперативно работење врз основа на реални и на предвидливи очекувања. Кредитната активност се очекува да продолжи да се реализира преку работата со населението и со малите и средни претпријатија, паралелно со севкупното закрепнување на економската активност и на зголемената побарувачка за кредити. Притоа, Банката ќе ги презема сите неопходни активности за одржување на квалитетот на портфолиото, развој на понудата на производи и изнаоѓање флексибилни решенија приспособени на потребите на клиентите – правни и физички лица кои се најзасегнати од кризата.

    Креирањето одржливи и ефикасни процеси, реализацијата на планираниот обем на активности предвидени со деловната политика, понудата на нови производи приспособени на потребите на клиентите, натамошниот развој на дигитализација на процесите, надградбата на производите и услугите достапни преку дигиталните канали и потпирањето на сопствените извори на финансирање и понатаму ќе претставуваат основа на деловната стратегија на Банката за оваа 2022 година, при што и натаму депозитите од секторот население остануваат со доминантно учество во вкупните извори на средства.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично