ПОВЕЌЕ

    Стевкова Штериева за „Капитал“: Дигитализацијата останува наш врвен приоритет

    Време зa читање: 14 минути

    Комерцијална банка гради долгогодишни стратешки партнерства со своите клиенти, кои во услови на глобална криза добија уште поголема вредност, во интерес на двете страни. Модернизацијата, зголемената дигитализација и подобрувањето на условите во понудата е теркот кој ќе се следи и во следниот период, а заедничка нишка на сите тие активности е секако одговор на потребите на клиентите. Таквите унапредувања ќе бидат забележливи во целото портфолио, од кредитите, депозитните производи, преку платежните услуги, мобилните апликации итн, вели д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје, во интервјуто за магазинот „Капитал“.

    Комерцијална банка од неодамна се ребрендираше со ново лого, нов визуелен израз и нова веб страница, што значи, како што вели д-р Маја Стевкова Штериева, главен финансов директор и член на УО, „природна еволуција за банката, која произлегува од новите трендови и новите начини на кои сите ние ги користиме новите медиуми.“ Банката втора година по ред го доби и престижното признание од магазинот Тhe Banker „Банка на годината во Северна Македонија“, инаку вкупно деветто вакво признание за Комерцијална банка. „Исклучителноста на предизвиците наметнати од пандемијата и постигнатиот успех во 2021 година не’ прават горди на оваа награда како никогаш досега“, истакна Стевкова Штериева по повод признанието.

    Во овие последни денови од уште една тешка пандемична година што ја оставаме зад нас, разговаравме со директорката Штериева за тоа како Комерцијална банка се справува со актуелните предизвици и кои се плановите за понатамошен развој на понудата на услугите во контекст на „новото нормално“ што го наметнува ковид-кризата, како и дигитализацијата која влегува во сите пори од нашето секојдневие.

    Г-ѓо Штериева, Комерцијална банка повторно е прогласена, втора година по ред, за „Банка на годината во Северна Македонија“. Ви ја честитам наградата и би сакал да ни кажете каков би бил Вашиот заклучок кога би ги сумирале резултатите и перформансите на Банката на крајот од годината, која повторно беше во знакот на кризата предизвикана од Covid-пандемијата?

    Ви благодарам за честитките. Горди сме што Комерцијална банка повторно е препознаена со успесите во работењето, но секако најмногу ни значи секојдневната доверба која ја добиваме од нашите клиенти и која ја сметаме за најважно признание. Комерцијална банка оствари солидни резултати од работењето во услови на постепено закрепнување на економијата од последиците поврзани со здравствената и економската криза, предизвикани од вирусот Kовид-19, при што и понатаму остануваат присутни одредени ризици и неизвесност поради пандемијата. Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, и натаму е задоволителна иако е помала во однос на минатата година, што главно се должи на помал износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот. Присутни се позитивни трендови во речиси сите сегменти од работењето на Банката, како во делот на домаќинствата, така и во корпоративниот сектор.

    Кредитната активност кон секторот домаќинства во текот на 2021 година е умерено зголемена и со внимателен пристап во пласирање средства поради неизвесноста поврзана со пандемијата од Ковид-19. Кредитирањето на корпоративниот сектор, исто така, бележи пораст, но со помала динамика. Во овој сегмент се обрнува посебно внимание на изнаоѓање најповолни решенија за корпоративните клиенти полесно да се справат со кризата и да ги надминат проблемите со кои се соочуваат. Комерцијална банка гради долгогодишни стратешки партнерства со своите клиенти, кои во услови на глобална криза добија уште поголема вредност, во интерес на двете страни.

    Во текот на 2021 година, Банката продолжи со оптимизирање и дигитализација на деловната мрежа преку отворање 24/7 зони. Тие ги направија производите и услугите на Банката лесно достапни во секое време и ги задоволија потребите на клиентите кои сѐ повеќе бараат алтернатива на банкарскиот шалтер, било поради пандемијата или поради тоа што дигиталниот свет им е поблизок и поприфатлив. Банката се стреми дигитализацијата на деловната мрежа да ја овозможи не само во Скопје, туку и регионално. Овозможувањето 24 часовна достапност на услугите се врши паралелно и преку континуираната надградба на апликациите за Интернет и мобилно банкарство. Во услови на пандемија, бројот и вредноста на Интернет-трансакциите во домашниот платен промет забележаа пораст од 20,9% и 15,5% соодветно, додека трансакциите на виртуелните ПОС терминали забележаа дури 64,2% пораст на годишно ниво.

    Комерцијална банка објави дека за првите девет месеци од 2021 остварила добивка од 22 милиони евра. Дали до крајот на годината ќе го реализирате зацртаниот план?

    Досегашните резултати и очекувањата за последниот квартал, кој веќе е на самиот крај, се основа која нѐ уверува дека не постојат фактори кои би придонеле планот за 2021 година да не се оствари, вклучувајќи ја и планираната добивка.

    Работењето на Комерцијална банка се базира на ефикасна долгорочна стратегија за раст, посветеност на дигиталната трансформација и на познавањето на пазарот, односно на потребите на клиентите. Во рамките на овие деловни политики и корпоративни вредности беа спроведени и мерките за одложено плаќање на кредитните обврски на клиентите кои поради пандемијата се соочија со финансиски потешкотии, а кои оваа година веќе се ставени во редовна отплата. Од 01.04.2021 година, во редовна отплата се ставени изложеностите кон физички лица кои беа опфатени со вториот сет мерки заради ублажување на потешкотиите од Ковид-кризата. Најголем дел од изложеностите кон правни лица кои беа опфатени со мерките се во редовна отплата од почетокот на годината.

    Ние остануваме посветени на нашата определба да одговориме соодветно на потребите на нашите клиенти и да придонесеме за одржливо опоравување на националната економија. Секако, квалитетот на кредитното портфолио и силното ниво на капитализација се приоритетни цели затоа што тие се клучни за добро позиционирање на Банката во справувањето со предизвиците кои ги носи Ковид-пандемијата.

    Дали историски најниските каматни стапки во земјава придонесоа за значително поголема побарувачка на кредити од страна на граѓаните? Каква е динамиката на кредитирањето оваа година, односно кои кредити се најбарани и со која понуда Комерцијална банка излегува во пресрет на граѓаните?

    Пазарот на кредити за физички лица веќе неколку години е доста раздвижен, што се должи секако и на навистина поволните каматни стапки. Во последните пет години најголема побарувачка и раст на кредитите за физички лица е остварен во 2019 година, во апсолутен износ и во релативна големина. Ковид-кризата имаше одредено влијание врз кредитирањето на населението затоа што во одреден период граѓаните покажаа делумна воздржаност од потрошувачка и инвестиции, а влијание имаше и врз понудата на поголем дел од банките поради условите на неизвесност кои се појавија. За овој период е карактеристично што најбарани се станбените и потрошувачките кредити од страна на граѓаните. Во последните две години (2020 и 2021) поизразена е побарувачката за станбени кредити.

    Во изминатиот период, Банката воведе неколку новитети во понудата на кредитни производи – наменски потрошувачки кредит во соработка со Нептун, нов наменски кредит во соработка со GEFF програмата на ЕБРД за енергетска ефикасност на домаќинствата, а потрошувачкиот кредит до 30.000 евра со ЕУР клаузула доби не само промотивни, туку и уште поатрактивни услови со осигурителните полиси од групацијата Триглав, кои се достапни како обезбедување и за потрошувалкиот кредит за пензионери и за станбениот кредит. Сите овие производи уште повеќе излегуваат во пресрет на потребите на клиентите.

    Бизнис секторот, како и целата економија, сѐ уште се носи со товарот на економската криза. Како тоа влијае на перформансите кај компаниските кредити во Комерцијална банка? Дали по завршувањето на мораториумот за отплата се чувствуваат проблеми со отплатата кај одредени кредитни пласмани?

    Најголем дел од кредитите кај кои беа преземни мерки за олеснување на отплатата во изминатиот период се веќе во отплата и редовно се сервисираат. Секако дека компаниите во најпогодените сектори од пандемијата (туризам, угостителство и транспорт) сѐ уште ги чувствуваат во голем обем последиците од кризата и покрај тоа што постепено се опоравуваат. Кај дел од компаниите во овие сектори, кои сѐ уште имаат проблеми со отплата на обврските, Банката во директна комуникација и тесна соработка со клиентите се обидува да најде взаемно прифатливо решение за прилагодување на отплатите кон очекуваните готовински текови во наредниот период, користејќи ги можностите согласно постојната регулатива на НБРСМ (дополнително пролонгирање или реструктуирање на кредитните изложености).

    Комерцијална банка ќе продолжи да игра клучна улога во обезбедување на потребните финансии за бизнисот да може да го надмине влијанието на економската криза и целата економија да се движи кон опоравување. Оваа година Комерцијална банка доби и кредит од 2,5 милиони евра од Европската банка за обнова и развој за кредитирање мали и средни претпријатија со цел поттикнување на нивната конкурентност. И покрај својата висока ликвидност, Банката одлучи да го земе овој кредит бидејќи содржи грант компонента, која е особено барана од клиентите. Финансиската поддршка е наменета за инвестиции во надградба на производни капацитети и усогласување со Директивите на ЕУ во областа на заштитата на животната средина, безбедноста на работниците и квалитетот и безбедноста на производите. Најзначајната поволност на кредитите, која особено ја ценат клиентите, е што овозможува грант од 15% од вредноста на вкупната сума на кредитот, при што повратот на вложените средства се врши по успешно завршување на проектот.

    Со оглед на неатрактивноста на каматните стапки за штедење и на инфлаторните притисоци, дали има тенденција луѓето да ги префрлаат парите во други, повисоко приносни инструменти?

    Ако во оваа анализа се впуштиме од аспект на состојбите на депозитите на населението во Комерцијална банка, тогаш не може да се забележи прелевање, односно намалување на депозитите. Заклучно со септември оваа година депозитите на населението бележат годишен пораст од 9,9%, кој е континуиран и покрај намалувањето на каматните стапки. Сепак, во делот на брокерското работење може да се забележи зголемен интерес за вложување во странски хартии од вредност. Со оглед дека Комерцијaлна банка е над 60% сопственик во друштвото за управување со фондови КБ Публикум инвест, а со тоа го следи и работењето на ова друштво во областа на инвестициските фондови, можеме да забележиме дека и во овој сегмент има раст и дека фондовите сѐ повеќе се инвестициска алтернатива.

    Кои се најзначајните промени што ги донесе Covid–кризата во работењето на Комерцијална банка и колку од нив беа насочени кон клиентите и нивните потреби? Накусо, што значи „новото нормално“ за Комерцијална банка?

    Самиот факт што кризата беше и сѐ уште е поврзана со физичката дистанца при комуникацијата, едно од најважните сознанија беше дека Комерцијална банка, нејзините вработени и клиенти можат без никакви нарушувања да работат далечински, т.н. “remote”, а при тоа продуктивноста и ефикасноста да бидат речиси непроменети. Банката организира безбедно шалтерско работење без нарушувања, успеа да го зголеми нивото на дигитализација на услугите до степен прифатлив и препознаен од клиентите. Навистина постојат области во кои е неопходна непосредната комуникација, но кризата покажа дека дигитализацијата во сите сегменти е на многу високо ниво и дека таму каде што Банката инсистира на физичко појавување на клиентите е главно поради законските решенија или поради неможност на клиентите да работат дигитално. Што се однесува до Комерцијална банка, таа е целосно подготвена за ваков вид предизвици.

    Банката се ребрендираше со ново лого, нов изглед на веб-страницата… Што ги иницираше овие промени? Што друго ново може да очекуваме од Комерцијална банка во периодот што следи?

    Измените кај логото, новиот визуелен израз и новата веб-страница, беа природна еволуција, која произлегува од новите трендови и новите начини на кои сите ние ги користиме новите медиуми. Логото и сите пропратни измени се всушност само нова, посовремена верзија на добро познатите симболи на Комерцијална банка, адаптирани на новото време и на дигиталните алатки кои стануваат доминантни во секојдневието. Новата веб-страница, пак, е почетна основа за нашиот фокус на дигитализација и модернизирање на сите услуги кои ги нудиме за клиентите. Паралелно со унапредувањето на виртуелните алатки, Банката веќе подолг период, како што споменав и погоре, врши целосно модернизирање на своите експозитури и воведува сѐ повеќе дигитални зони во мрежата, кои функционираат 24/7 и нудат цел спектар на услуги за клиентите. Модернизацијата, зголемената дигитализација и подобрувањето на условите во понудата е теркот кој ќе се следи и во следниот период, а заедничка нишка на сите тие активности е секако одговор на потребите на клиентите. Таквите унапредувања ќе бидат забележливи во целото портфолио, од кредитите, депозитните производи, преку платежните услуги, мобилните апликации итн.

    Се најавува регулатива за развој на финтек секторот, па што очекувате на тоа поле на македонскиот пазар? Во кој дел овие финтек стартапи би можеле да бидат своевидна конкуренција за Комерцијална банка?

    Секој здрава конкуренција е добредојдена. Во таа смисла и на развојот на финтек сегментот и финтек стартапите гледам како на нова можност за унапредување на активностите во доменот на сите финансиски активности. Тоа што е најважно при воведувањето на овие бизниси се однесува на заштитата на клиентите во доменот на податоците со кои финтек компаниите ќе располагаат. Тоа се однесува како на етичкиот аспект, овде пред сѐ мислам на целосно почитување на Законот за заштита на лични податоци, така и на ИКТ аспектот и заштитата на базите на податоци. И двете активности се “скап спорт” за секој кој сака да работи со трансфер на пари и тоа да го прави на регулиран, чесен и етички начин, кој во ниту еден момент нема да ги доведе во опасност податоците на клиентите.

    Едноставно како банкар, но и граѓанин-корисник на финансиски услуги, сакам да видам пазар на кој сите учесници ќе бидат одговорни при располагањето со моите лични податоци и податоците за моите финансиски средства. 

    На прагот од 2022 година какви се Вашите очекувања за македонската економија со оглед на влијанието на сите актуелни фактори (високи цени на енергенсите, инфлаторни притисоци на општото ниво на цените, неизвесност за крајот на пандемијата)?

    Присуството на Ковид-19 и забавената имунизација, проследени со појава на нови варијанти на вирусот, претставуваат фактори кои во голема мера влијаат на неизвесноста во глобални рамки. Иако интензитетот на шокот беше различен во различни економии, малите отворени економии со многу голема увозна зависност, како што е нашата земја, се многу поподложни на сите влијанија од глобалните пазари. Поради тоа се очекува просечната увезена инфлација да биде умерено повисока, а со тоа да има влијание и на поголеми притисоци врз инфлацијата и увозот. Проекциите на НБРСМ упатуваат на тоа дека се очекува натамошно заздравување на домашната економија, солидна кредитна активност на банкарскиот сектор, соодветно ниво на девизни резерви и олабавена монетарна политика.

    Брзината со која ќе се справуваме со кризата, брзината со која ќе се опоравуваме и ќе започнеме нови инвестициски циклуси итн., во голема мера зависи и од нас самите, од нашите субјекти, правни и физички лица, од нивните перцепции и стравувања, како и од одлуката за преземање деловни потфати. 

    Вие сте и претседател на Македонската банкарска асоцијација. Како ги оценувате состојбите во банкарскиот сектор и со какви деловни планови влегуваат домашните банки во наредната година?  

    Банкарскиот сектор во земјава е стабилен и во изминатиот период покажа високо ниво на резистентност на шокови, финансиски и оперативни. Банките успешно се справија со проблемите кои ги наметна пандемијата и активно се вклучија во обезбедување финансиска поддршка на компаниите и на граѓаните. Едноставно, сметам дека банките покажаа и стабилност и општествена одговорност во една исклучително тешка состојба пред која се исправи целата држава.

    Иако сите се надеваме дека ќе се создадат услови за побрзо закрепнување на економијата, многу прогнози од релевантните домашни и меѓународни финансиски институции кажуваат дека тоа нема да оди така брзо како што сите посакуваме. За жал, сведоци сме дека вирусот нема брзо да си замине, така што заканата врз здравјето на луѓето и контракциите што ги предизвикува врз економијата продолжуваат. Во услови на изразен степен на неизвесност, банките секако остануваат подготвени да одговорат на потребите на граѓаните и на компаниите согласно прудентните економски и монетарни политики. Очекувам да продолжи растот на кредитните пласмани кај компаниите и кај населението.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично