ПОВЕЌЕ

    Стопанска банка Битола ја засили наплатата на нефункционалните кредити и прокнижи добивка

    Време зa читање: 2 минути

    По загубата прокнижена во ланското прво полугодие – добивка од работењето во првите шест месеци од годинава, е успехот што го постигна Стопанска банка Битола. Остварената добивка од 51,01 милион денари претставува значаен исчекор во споредба со минусот од 53,69 милиони денари.

    Во првата половина од годинава фокусот во работењето беше ставен на остварување на клучните стратегиски и деловни цели дефинирани во деловната политика, развојниот и финансискиот план за 2024 – 2026 година, приспособувајќи го своето работење кон промените во домашните економски услови, модерните банкарски текови и глобалните пазарни случувања, посочуваат од битолската Стопанска банка.

    Оттаму и позитивниот исход, заснован на високиот оперативен резултат од 75,92 милиони денари, на засилената наплата на нефункционалното портфолио и на пониското ниво на исправка на вредноста на нефункционалните пласмани во однос на претходната година.

    Вкупните приходи од пресметаната и наплатена камата се повисоки за 17,99 милиони денари, или за 8,21 насто во однос на споредбениот период. Во тие рамки, приливите од камати се повисоки за 31,61 милион денари, односно за 11,19 проценти.

    Од Банката укажуваат дека трендот на засилено штедење од граѓаните, започнат минатата година, го поттикнал растот кај расходите по камати, кои во првото полугодие се зголемени за 13,62 милиони денари (21,55%).

    За 13,42 отсто, за износ од 8,88 милиони денари се пониски нето-приходите од провизии и надомести. А, пак, нето-курсните разлики не бележат позначајни промени на годишна основа.

    Исто така, се наведува дека на последниот ден од јуни стапката на адекватност на капиталот е 24,57 проценти, а учеството на ликвидната во вкупната актива достигна 43,42 проценти и се значително над просечните нивоа регистрирани во банкарскиот сектор.

    И за периодот што следи од битолската Стопанска банка најавуваат дека ќе се насочени кон прудентно, стабилно и профитабилно оперативно работење, со фокус на јакнење на депозитниот потенцијал и кредитната активност, подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и контрола на трошоците. Односно, кон успешно и профитабилно работење.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично