,,ПАРИ” АНАЛИЗА- ПРАЗНИЧНА ЕКОНОМИЈА| Почнува предновогодишната празнична треска која носи убави чувства, романтични мисли и која ги исфрла на површината скриените желби. Една стара поговорка вели во „виното е вистината“, па напијте се чаша вино и почнете гласно да размислувате, што сакавте да направите ова година, а што не направивте, и направете си Ваш список со желби за наредната година, а ние ќе ви ја раскажеме винската приказна на Македонија.
Велат виното е пијалок на боговите. Во ова наше парче земја природата била дарежлива и ни дала клима која се состои од медитерански и континентални влијанија што ја прават идеална за производство на вино.
Во централниот дел на земјата, преку регионот на долината на реката Вардар, крај патиштата се простираат густи лозја и бројни винарии. Сите тие ја раскажуваат повеќевековната приказна за виното, која е нераскинливо поврзана со овие области. Виното е вметнато во културата и фолклорот на нацијата и се споменува во многу народни песни, приказни, легенди и традиции. Сите хроничари на македонските народни приказни од 19-тиот и почетокот на 20 -тиот век забележале дека виното е неизоставен дел од обичаите и ритуалите.
Македонија е поделена на три главни вински региони: Централен вински регион, по долина на реката Вардар каде што се наоѓаат 87 проценти од лозовите насади, Западен вински регион , односно Полошко-Пелагонискиот регион каде што се 7% од насадите и Источен вински регион, односно Пчињско-Осоговскиот регион каде се наоѓаат 6% од вкупната површина на лозјето.
Податоци за лозовите насади и производство на виното за 2020 година
Лозови насади | Набрани количини грозје | Произведено вино |
---|---|---|
33.423 ha | 125.000 t | 91.000.000 l |
Извор: Агенција за странски инвестиции и промоција на извоз
Белото винско грозје преовладува во Македонија, при што главна сорта е Смедеревка, со околу 60%. Црвеното грозје од сортата Вранец е присутно со приближно 20% на лозови насади. Меѓу црвените грозја се и сортите Кратошија, Каберне Совињон и Мерло, а од белите сорти ги ги има Ризлинг, Шардоне, Совињон бланк и Жилавка. Извор: Агенција за странски инвестиции и промоција на извоз
Со богатство на интензивни вкусови благодарение на климата, Македонија значаен дел од своето производство на вино го извезува. Така, од произведените 91 милиони литри вино во 2020 година, над 60 милиони литри се извезени. Но, она што велат упатените во винскиот сектор е што за жал, Македонија се уште не успева да се позиционира како извозник на висококвалитетни флаширани вина, туку главно прави извоз на наливни вина.
Пласман на вино во 2020 година
Продажба на домашен пазар | Продажба на странски пазар | Извоз на флаширано вино | Извоз на наливно вино |
---|---|---|---|
15% | 85% | 20.600.000 | 41.500.000 |
Извор: Агенција за странски инвестиции и промоција на извоз
Сепак, во последнава деценија може да се видат напорите на винските визби да направат нешто повеќе од обично „масовно вино“. Особено во напорите се издвојува „Тиквеш“ кој извезува флаширани висококвалитетни вина, а дел од нив дури и во странство се наменети само за ресторани, како ограниени колилини со уникатен вкус од едно далечно поднебје.
Винариите кои имаат економска моќ, и кои имаат бизнис чувтсво за да го препознаат вистинкото значење на нашето грозје и можностите што ги нуди тоа за квалитетно вино, вложуваат и во свои насади и во насадите на кооперантите, затоа што лозјето, иако го создава вториот извозен земјоделски продукт – виното (веднаш зад тутунот) со години не било третирано онака како што заслужува, па се проценува дека речиси една третина од лозовите насади се со старост над 20 години, односно на крајот од нивниот продуктивен циклус.
За животот на винската приказна во Македонија се здолжени над 100 винарници во Македонија – од сосема мали семејни бизниси до огромниот гигант „Тиквеш“. Во 15-те најголми винарници по приход, минатата година работеле 854 вработени, тие заедно создале приход од над 70,8 милиони евра, од што останала добивка од 3,7 милиони евра.
Виното е љубов, инспирација, но виното е и труд, енолошка креативност, приказна за една земја, економска гранка за егзистенција.
Еве кои се трите најмоќните винарници во земјата кои ја предводат македонската приказна за вината:
Ранг | Винарница | Приход 2020 | Добивка 2020 |
---|---|---|---|
1. | Тиквеш - Кавадарци | 25.350.000 | 1.090.000 |
2. | Риго импекс -Скопје | 5.700.000 | 600.000 |
3. | Имако - Штип | 5.300.000 | 300.000 |
Со чашка добро вино, Ви посакуваме убаво предновогодишно расположение!