Најголемата деловна банка во Македонија, Комерцијална банка во првите 6 месеци во 2021 година од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 828,3 милиони денари што претставува зголемување за 11,4% споредбено со истиот период лани.
Планираната бруто-добивка за првото полугодие од годинава е остварена со 84,1%.
Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 18,6% помала во однос на минатата година што главно се должи на помал износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот.
Макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност во текот на 2021 година се условени од ефектите од здравствената и економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19.
Растот на глобалната економија се карактеризира со исклучителна неизвесност, при што се забележуваат дивергентни движења гледано по одделни економии и сектори, а исто така благо нагорно придвижување бележи и глобалната инфлација. Проекциите на ММФ за глобалниот раст во 2021 година изнесуваат 6,0%, додека во евро-зоната растот се очекува да изнесува 4,4%. Согласно пролетните проекции од НБРСМ, економската активност во 2021 година се очекува да заздрави, при што растот е проектиран на 3,9%, додека стапката на инфлација е проектирана на 2,2%.
Реализацијата на макроекономските проекции е придружена со ризици кои се поврзани со долготрајноста и последиците на здравствената криза, интензитетот на ефектите врз економијата и резултатите од економските мерки за нејзино ублажување, како и ризиците поврзани со евроинтеграциските процеси и задржувањето на политичката стабилност во земјата.
Банката ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред се’ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите кои ќе бидат најзасегнати од здравствената и економската криза.