ПОВЕЌЕ

    Со Елена Панова од Ротари клубот Скопје Север: Зошто е важна финансиската писменост?

    Време зa читање: 7 минути

    1.Зошто е важна финансиската писменост?

    Финансиската писменост игра клучна улога во помагањето на луѓето да изберат соодветни финансиски производи.

    Финансиите се неразделен дел од секоја фаза во нашите животи, и нивната употреба е секојдневна, од плаќање за утринското кафе, до купување на нашиот иден дом. И покрај нивната секојдневна примена, за нивно управувањето и балансирањето потребно е да се има соодветно ниво на знаење за личните финансии (како што се штедење, буџетирање, управување со кредити, инвестирање, даноци, осигурување и друго) за да може секој од нас подобро да ги разбере финансиките концепти и ризици, да донесе подобра финансиска одлука и во крајна инстанца да си ја зголеми финансиската благосостојба.

    2. Финансиската писменост, по дефиниција претставува комбинација од свест, знаење, вештини, став и однесување, неопходни за носење здрави финансиски одлуки и постигнување лична финансиска стабилност и благосостојба. Каква е состојбата кај нас, што недостасува?

    Во 2014 година „Стандард и Пурс“ (S&P Global Finlit Survey) имаат спроведено анкета на над 150.000 возрасни испитаници од над 140 земји во светот. Истражувањето ги мери знаењата, однесувањата и ставовите поврзани со финансиите. Според ова истражување, само 33% од возрасното население во светот е финансиски писмено. Најголема стапка на финансиска писменост во светот имаат Норвешка, Шведска и Данска, каде над 70 проценти од возрасните се финансиски писмени, додека пак Албанија, Авганистан и Јемен се со најниско ниво на финансиска писменост, каде само помалку од 15 проценти од возрасните се финансиски писмени. Нашата земја се наоѓа на 121-то место на оваа листа со финансиска писменост на 21 процент од возрасното население, што е навистина ниско споредено со скандинавските земји. Врз основа на податоците од ова истражување, спроведена е анализа која покажува присуство на силна позитивна врска на финансиската писменост со економскиот развој, мерен преку реалниот БДП по глава на жител.

    Мерење на нивото на финансиската писменост кај возрасното население во нашата држава се врши и од страна на Народната Банка. Од националното мерење спроведено во втората половина на 2019 година, резултат е дека населението во нашата земја има степен на финансиска писменост од 56% од максимумот, или агрегатен показател 11,8 (од кои 3,9 за финансиски знаења, 5,1 за финансиско однесување и 2,8 за финансиски ставови). Резултатите од анкетата укажуваат на тоа дека е потребна поголема информираност и едукација на населението за употребата на различните современи банкарски и други финансиски производи и услуги.

    3.Едукацијата од секој вид, па и финансиската, би требало да почне од најраната возраст на човекот. Какви се согледувањата, кое е нивото на финансиска описменетост кај младата популација?

    Генерално младите имаат многу мало искуство со финансиите, иако спаѓаат во возрасна категодија која располага со приходи, се справува со долгови (како студентски заеми, на пример) и плаќа даноци. Од истражувањата се заклучува дека младите во регионот (вклучувајки ја и Македонија) имаат пониско финансиско знаење споредено со останатите европски држави. Младите исто така имаат постојано и значително помал резултат во делот на финансиско однесување. Сето тоа ја прави финансиската едукација за повеќе од потребна кај овој сегмент од популацијата.

    Финансиската едукација е тесно поврзана и со финансиската инклузија, односно, колку е финансиската писменост повисока толку повеќе располагаме со подобро знаење и имаме способност за донесување паметни и здрави финансиски одлуки, кои ќе придонесат за поголема финансиска инклузија. Финансиската инклузија треба да обезбеди соодветен пристап како на физичките, така и на правните лица до различни видови финансиски производи и услуги, достапни на соодветен начин и под соодветни услови. Повисоката финансиска инклузија ни овозможува подобро да ги искористиме финансиските производи и услуги, кои на крајот треба да го стимулираат економскиот развој. За поголема финансиска инклузија клучна улога имаат и заштитата на правата на потрошувачите на разни финансиски производи и услуги. Системот за заштита на потрошувачите во областа на финансиите опфаќа соодветна законска регулатива и институционална поставеност кои обезбедуваат заштита на правата на потрошувачите, фер конкуренција на пазарот и слободна размена на информации, што е од особено значење за учесниците кои немаат доволно знаење и експертиза самостојно да ги заштитат своите права.

    4.Дали тие сознанија укажаа на потребата од изработка и спроведување проект за финансиско описменување? Колку младите ракуваат паметно со парите, како што е и насловен проектот на Ротари клубот Скопје Север?

    Младите генерации се секојдневно таргетирани со разни маркетинг кампањи кои наметнуваат потреба да се купи нешто ново што претставува тренд или да се направи најразлична претплата за разни видови услуги кои ги нуди денешниот е-свет, а се “must have”. Сите овие активности резултираат со одреден финансиски расход кој голем дел од младите го покриваат со лесно достапните финансиски инструменти кои овозможуваат да купиш денес, а да платиш покасно, занемарувајќи ги негативните аспекти од тој должничко доверителски однос.

    Од друга страна, за задоволување на потребите, на потрошувачите им се на располагање голем опсег на финансиски производи и услуги. Многу потрошувачи, посебно помладите, малку ги разбираат финансиите, како функционира кредитот и потенцијалниот удар врз финансиската благосостојба што лошите финансиски одлуки можат да го создадат на долг рок. Појавата на сѐ поголем број финансиски друштва кои нудат брзи кредити ја прави достапноста на финансиски услуги многу поголема.

    Ваквото динамично окружување младиот човек е потребно што повеќе го познава како би ги имал потребните информации за носење на правилна финаниска одлука.

    Токму затоа одлучивме дека е потребно да иницираме проект преку кој ќе се обидеме да дадеме свој придонес во финансиската едукација и финансиската инклузија кај младите. Проектот е насловен „Паметно со парите“ и опфаќа предавања кои ќе се спроведат на платформата Zoom.

    5.Која е целната група и што предвидува проектот?

    Целната група на проект се лица на возраст од 18 до 26 години кои во овој период од животот се стекнуваат со правото самостојно да носат одлуки за сопствените финансии и да создаваат краткорочни и долгорочни должничко доверителски односи од секаков тип. Дополнително, истата целна група за првпат се сретнува со финансиски одлуки кои можат сериозно да влијаат на понатамошниот развој.

    Проектот е конципиран на начин да одговори на најчестите прашања на младите поврзани со финансиите. Ќе се организираат четири предавања на следните теми: паметно банкарство, лично буџетирање, инвестирање и даноци. Сите предавачи се членови на Ротари Клубот Скопје Север, луѓе со долгогодишно искуство кои со практични примери ќе се обидат овие теми да ги доближат поблиску до младите и да им одговорат на нивните дилеми поврзани со личните финансии.

    6.Кои се ефектите што треба да се постигнат?

    Главна цел на проектот е зголемување на знаењата и вештините на младите за управувањето со своите финансии, а воедно има и дополнителни цели:

    -да придонесе за подобро разбирање на основните финансиски концепти и поими,

    -да го стимулира развојот на вештини кај младите за добро управување со личните финансии,

    – да ја подобри свесноста кај населението за предностите и ризиците од користењето на различните финансиски производи и услуги,

    -да ѝ даде поддршка на финансиската инклузија, преку зголемување на познавањето на одделните финансиски сегменти, обезбедување поголем број релевантни информации околу финансиските производи и услуги, при соодветна заштита на правата на потрошувачите во финансискиот сектор.

    7.Освен индивидуалните придобивки од овој вид едукација, какво поместување може да се очекува од аспект на повисоките интереси, во рамките на државата?

    Со овој проект сакаме да ја истакнеме темата финансиска едукација и финансиска инклузија како значајни теми во државата, особено за младата популација. Сакаме да ги поттикнеме сите чинители во државата повеќе да инвестираат во едукација на младите за предностите и негативните страни од одредени финансиски производи. Треба да се има предвид дека подобро едуцираните и информираните индивидуи, кои подобро управуваат со своите лични финансии исто така придонесуваат за финансиската стабилност. Ризикот од носење неиздржани финансиски одлуки, како последица на недоволна финансиска писменост, има негативно влијание врз финансискиот сектор и економијата во целост, што ја прави потребата од поголема финансиска писменост неопходност.

    Доколку сакате да го проверите вашето знаење од областа на финансиите, ве охрабруваме да го решите квизот на следниот линк: Квиз за проверка на знаењата од областа на финансиите. Воедно ве повикуваме да се пријавите за бесплатните обуки за финансиска писменост кои ќе се одржат преку платформата Zoom во периодот од 3ти до 12ти Април на следниот линк: Формулар за пријава на обуки за финансиска едукација.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично