ПОВЕЌЕ

    Негативен залог врз полиса за животно осигурување

    Време зa читање: 4 минути

    Во креацијата на македонскиот  финансиски пазар најголема улога имаат пред се банките, а потоа следат штедилниците и останатите финансиски институции, кои во последните неколку години се повеќе се зацврстуваат на пазарот и полека земаат дел од колачот на големите играчи. Покрај нив, како потенцијален извор на финансии се среќаваат и осигурителните компании. Во една таква положба, банките се тие кои го диктираат темпото на работа и тие се оние кои имаат доминантно учество. Нивната распространетост со филијали, високото ниво на технолошка поврзаност и широкиот опсег на продукти ги прават прв избор при задоволување на потребите од финансиски средства. Штедилниците, чив број е се помал, некако остаа на крстосница во својот развој помеѓу класичните комерцијални банки и новите финансиски друштва, кои пак од друга страна донесоа сосема поинакви видици во кредитирањето и се значителна поддршка на коминтентите.

    Согласно податоците на НБРМ за последните 10 години забележан е пораст на потрошувачките необезбедени кредити. Нивната лесна достапност, брзината во реализацијата, едноставната процедура, намалените каматни стапки, ниските административни трошоци, зголемените максимални износи на поединечен производ, немањето потреба од заложување на имот и за жал зголемената потреба од дополнителни средства се најбитните елементи за создавање на една ваква слика. Во понудата на банките може да се сретне потрошувачки кредит до 30.000 ЕУР во денарска противвредност, со минимални трошоци за одобрување и администрирање и одобрување за еден ден, без потреба од хипотека. Дополнително, со таквиот кредит може да се направи консолидација на вкупната кредитна изложеност по основ на кредитни картички, дозволени пречекорувања, брзи кредити, кредити преку трговци и останати позајмици. Слични продукти нудат и штедилниците, додека финансиските друштва се насочени кон помали износи на средства и истите се одликуваат со повисоки каматни стапки, повисоки административни трошоци, но многу побрза процедура и минимална потребна документација.

    Се поставува прашањето до кога ќе може македонскиот граѓанин да го издржи ваквото темпо на се поголема кредитна задолженост? Дали македонската економија има потенцијал да го зголеми нивото на плати, па ваквата ситуација да биде одржлива на долг рок? И дали има алтернатива, барем за дел од клиентите?

    На првите две прашања одговорите треба да ги побараме кај надлежните институции кои се одговорни за овие аспекти и можеби овој текст ќе допринесе за поголема свесност и дополнителна анализа, додека по основ на третото прашање има еден сегмент кој многу малку е користен во банкарското работење, а кој може да биде добра основа за поефикасно работење.

    Станува збор за користење на негативен залог врз полисите за животно осигурување, како алтернатива при обезбедување за наплата на побарувања. Негативниот залог како термин означува воспоставување на обврска од страна на кредиторот кон должникот во однос на идно заложување на одреден тип на имот. Со други зборови, доколку имате потрошувачки кредит, а притоа поседувате одреден имот, банката со склучување на договор за негативен залог става забрана истиот имот да биде искористен како хипотека при потенцијално идно дополнително задолжување. Во нашата анализа замислата е полисите за животно осигурување да бидат искористени како “имот” врз кој ќе се воспостави негативен залог. Со тоа се создава можност за зголемување на соработката помеѓу банките и осигурителните компании, а во исто време клиентите ќе добијат подобри услови на потрошувачките кредити. Иако осигурителните компании нудат можност за кредитирање врз основ на уплатените средства (нешто слично како кредити обезбедени со депозит), сепак со новата улога, средствата кои се вложуваат од страна на клиентите ќе добијат друга димензија во управувањето со нивните финансии.

    Голем дел од развиените економии веќе имаат во употреба сличен начин на функционирање, преку директно заложување на полисите, како секундарен извор на наплата, но сепак заложување преку негативен залог е адекватен начин за проширување на можностите за подобри услови при необезбедено финансирање. Сепак, за сето ова да профункционира треба да се воспостават поадекватни законодавни елементи и либерализација на капиталните текови, како и поголемо ниво едукација на граѓаните и нивна интеграција во технолошки развиениот финансиски пазар. Поентата е дека може да се користи алтернативен начин на обезбедување на потрошувачките кредити, а со тоа бенефитот ќе биде пресликан во трипартитен елемент кој ќе го сочинуваат банките и останатите финансиски друштва како кредитори во однос на поголема сигурност во наплатата, осигурителните компании преку зголемување на атрактивноста на своите производи, и на крај ѓраѓаните кои ќе добијат поефтини продукти, а притоа ќе имаат диверзифицирано портфолио.

    Редакција Пари

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично