Иако Германија се смета за земја со високи плати, зголемените придонеси во оваа држава, за месец јули ќе ги намалуваат платите на вработените. Некои работници губат до 250 евра годишно. Просечно зголемување на висината на придонесите од само еден процент може да ја намали годишната нето заработка за 252 евра.
Како што пренесуваат медиумите, се’ поголем број граѓани во Германија кои се опфатени со законско здравствено осигурување мора да сметаат на повисоки трошоци – од 1 јули 2025 година, неколку осигурителни фондови имаат зголемени стапки на придонеси, што директно се одразува на износите на платите. Членовите на одредени осигурителни фондови се особено погодени.
Во Германија, придонесите за здравствено осигурување автоматски се одбиваат од бруто платите како дел од законскиот систем за социјално осигурување, што значи дека секое зголемување директно влијае на нето заработката на вработените.
Задолжителното здравствено осигурување (GKV) во Германија се финансира подеднакво во повеќето случаи – половина ја плаќа работодавачот, а половина вработениот. Сепак, растот на дополнителните придонеси во осигурителниот фонд ги намалува износите што вработените ги добиваат на крајот од месецот.
Според податоците од германската организација Stiftung Warentest, осигурениците на фондот Securvita BKK сега плаќаат придонес по стапка од 18,5 проценти, што е зголемување од 0,7 процентни поени. Уште поголемо зголемување почувствуваа членовите на IKK Brandenburg и Berlin, каде што придонесот се зголеми за дури 1,25 поени – на вкупно 18,95 проценти.
Фондот IKK – Innovationskasse ја зголеми својата стапка на 18,9%, приближувајќи се до моментално највисоката стапка од 19%, што ја наплаќа Knappschaft (фонд за рударство и социјална помош). А BKK Tehnoform ја зголеми стапката на 18,09 проценти.
Овој тренд на зголемување на придонесите дополнително ги оптоварува платите на работниците и укажува на зголемен финансиски притисок во областа на здравственото осигурување.
Покрај јавно достапните фондови, пет затворени фондови наменети за вработени во одредени компании, исто така, ги зголемија придонесите: BMW BKK, BKK PwC, EY BKK, Karl Mayer BKK и Merck BKK. Иако не се вклучени во целокупната споредба, овие зголемувања влијаат на значителен број работници од тие фирми.
Од почетокот на годината, вкупно 59 здравствени фондови ги зголемија своите придонеси веќе на 1 јануари. Еден фонд го стори тоа во февруари, три во април, два во мај, а три нови случаи беа регистрирани во јули. Колку всушност значи зголемувањето за работникот?
Користејќи го примерот на просечната бруто плата во Германија од околу 4.200 евра месечно, зголемувањето на придонесите за само 1% значи дополнително намалување од 21 евро месечно, бидејќи работникот сноси половина од тоа зголемување – 0,5 проценти. На годишно ниво, тоа е околу 252 евра помалку нето заработка.
Затоа на осигурените лица во Германија им се препорачува редовно да ги проверуваат условите и бенефициите на нивниот здравствен фонд, особено ако стабилноста на придонесите и квалитетот на дополнителните услуги се важни за нив.
Партијата на германската левица проценува дека тоа е земја каде што многумина не заработуваат доволно. „Германија не е земја со високи плати, туку земја каде што милиони живеат со малку пари“, рече Дитмар Барч, пишува Германската новинска агенција (dpa).
Повикувајќи се на податоците што ги побарал од владата, Барч изјавил дека околу 9,2 милиони вработени во Германија заработуваат помалку од 3.500 евра бруто месечно.
Тоа се двајца од пет вработени со полно работно време. Меѓу нив, една петтина заработува помалку од 2.750 евра бруто месечно, т.е. пред одбивање на даноците и придонесите.
„Со значително зголемените трошоци за домување, храна и енергија, покривањето на основните потреби стана предизвик за милиони луѓе“, изјави Дитмар Барч за dpa.