Здруженијата на граѓани и фондации, како и нивните сојузи и други облици на здружување или поврзување, стопанската интересна заедница, политичките партии, верските заедници, религиозните групи, Црвениот крст на Република Северна Македонија, здруженија на странци, странските и меѓународните невладини организации, хуманитарните организации и здруженија, синдикатите, коморите и други правни лица основани со посебни прописи од кои произлегува дека се непрофитни организации, не се обврзници за данок на добивка, освен доколку истите вршат и остваруваат приходи од вршење стопанска дејност во рамките на нивното непрофитно делување, во која ситуација стануваат обврзници за пресметување и плаќање данок на вкупен приход, доколку вкупниот годишен приход од стопанската дејност е поголем од 1.000.000 денари.
Меѓутоа овие обврзници имаат обврска за плаќање на данокот на вкупен приход од вршењето на стопанските дејности во висина од 1% од износот на остварените вкупни приходи од стопанска дејност во календарската година, на износот кој надминува 1.000.000 денари.
Она што не влегува во пресметката за плаќање на данок (како неоданочиви приходи)за овие организации, се сметаат: приходи од членарини, доброволни прилози, донации, грантови, подароци (во пари, добра, имотни права), завештанија, легати, приходи од дивиденди од трговските друштва основани со средства на здружението, и приходи од Буџетот на Републиката, буџетите на единиците на локалната самоуправа и Буџетот на град Скопје врз основа на претходно изготвени програми (проекти) одобрени од Владата на Република Македонија, односно надлежните министерства, советите на единиците на локалната самоуправа и Советот на град Скопје.
Овие органицазии не подлежат ни на обврската за плаќање на месечни аконтации за добивката која што ја оствариле во претходната година од вршењето на евентуални стопански дејности, односно истите немаат обврска за авансно месечно плаќање на евентуалниот данок на добивка, кој би го оствариле во таа тековна година, а која месечна аконтација за трговските друштва се утврдува на износ од една дванаестина од утврдениот данок во даночниот биланс за претходната година зголемени за процентот на кумулативниот пораст на цените на мало во Републиката од претходниот период од годината, односно до 31 јануари наредната година, во однос на просечните цени на мало во претходната година.
Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не на [email protected]
Пишува: Правен тим на Пари