ПОВЕЌЕ

    ЗАВРШНИТЕ СМЕТКИ ГИ ПОШТЕДИЈА ФИРМИТЕ ОД ЗГАСНУВАЊЕ: ВО ПРВ КВАРТАЛ ЗАТВОРЕНИ ТРИ ПАТИ ПОМАЛКУ ФИРМИ во однос на лани

    Време зa читање: 4 минути

     

    Во првиот квартал од годинава има 1012 згаснати компании, а тоа е три пати помалку од ланското прво тримесечие, кога згаснале 3920 компании, покажува анализата на порталот Пари врз основа на податоците од платформата БизнисМрежа.мк. Причината е во тоа што годинава во февруари нема бришење на компании што не доставиле завршна сметка за последната деловна година по „службена должност“ од страна на Централниот регистар. Ова е во согласност со Законот за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва објавен во Службен весник бр. 115 од 2021 година. Со овој закон се укинува член 552-б, според кој бришењето настануваше во случаи кога фирмите не доставиле годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, и не пријавиле упис на адреса на електронско сандаче.

    Со бришење на членот 552-б од Законот за трговските друштва, ќе се укине двојното санкционирање на трговските субјекти за недоставување годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, со тоа што на сила ќе останат прекршочните одредби од законот, кои за овој прекршок предвидуваат прекршочна санкција во форма на глоба за трговскиот субјект и одговорното лице, како и привремена мерка забрана за вршење дејност и должност за трговскиот субјект и одговорното лице“, пишува во образложението на законските измени.

    Лани во февруари биле избришани 2982 фирми, согласно со член 552-б од Законот за трговски друштва, а во 2021 година, пак, биле избришани 3138 фирми.

    Централниот регистар има можност и понатаму да брише компании согласно со член 477, за кои Управата за јавни приходи со решение утврдила дека три години по ред имаат неактивен статус. Годинава има објавено соопштение дека е отпочната постапка за бришење на субјектот само за еден правен субјект, а оставен е рок од една година за да се поднесе предлог за ликвидација, или за отворање на стечајна постапка.

    Така, во првите три месеци од годинава, има осцилаторна динамика на затворање на фирми, но без рапидниот скок во февруари:

    МесецЗгаснати фирми
    Јануари305
    Февруари282
    Март425
    ВКУПНО1012

    Извор: БизнисМрежа.мк

    ВО КОИ ГРАДОВИ ИМА НАЈМНОГУ ЗГАСНАТИ ФИРМИ?

    Од 1012 згаснати фирми во првиот квартал, 248 се во Скопје, или секоја четврта компанија. Минатата година имало многу повеќе процентуално згаснати фирми во метрополата, односно нивниот процент бил 39,5.

    На второ место по згаснати фирми во првиот квартал од годинава е Битола, со 91 згасната фирма. Потоа е Гостивар, со 45, па Велес, со 38, и Гевгелија, со 25 затворени фирми за три месеци.

    Во првиот квартал од минатата година, листата на градови со најмногу затворени фирми беше: Скопје, Тетово, Битола, Куманово, и Гостивар.

    ТОП 5 градови по згаснати фирми во прв квартал 2023 година

    ГрадовиЗгаснати фирми
    Скопје248
    Битола91
    Гостивар45
    Велес38
    Гевгелија25
     

    Извор: БизнисМрежа.мк

    ВО КОИ ДЕЈНОСТИ СЕ ЗАТВОРИЛЕ НАЈМНОГУ ФИРМИ?

    Трговијата, како и лани, така и годинава, е дејноста каде што се затвориле најмногу фирми – 309, или вообичаено, секоја трета компанија што ќе стави клуч на врата е од оваа дејност.

    Потоа, најмногу неуспех доживеале компании од преработувачка индустрија, каде што се затвориле 127 фирми.

    Со сличен број на затворања – 118, се и фирми од други услужни дејности.

    Деловната битка ја загубиле и 81 објект за сместување и сервисна дејност со храна.

    На петтото место влегоа фирми од стручни, научни и технички дејности, каде што 66 фирми ставиле клуч на врата. Оваа категорија на дејности досега не влегла во првите 5, каде има најмногу затворања на компании.

    Лани 5 дејности каде што имаше најмногу згаснати фирми беа: трговија, преработувачка индустрија, објекти за сместување, градежни компании, и транспорт и складирање.

    ТОП 5 ДЕЈНОСТИ каде имало најмногу избришани фирми во прв квартал 2023 година

    ДејностЗгасанати фирми
    Трговија 309
    Преработувачка индустрија127
    Други услужни дејности118
    Објекти за сместување и сервисна дејност со храна81
    Стручни, научни и технички дејности66

    Извор: БизнисМрежа.мк

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично