ПОВЕЌЕ

    ЗАЕДНИЧКА ПРОМОЦИЈА НА ТУРИЗМОТ СО ГРЦИЈА – Нема граници, има дестинации

    Време зa читање: 2 минути

    Промотивен материјал во траење од околу 160 часа е резултатот од реализацијата на двегодишниот проект „Интеррег – ИПА ЦБЦ  Грција – Република Северна Македонија 2014-2020“. Снимени се кратки видео содржини од агро-туризмот, планини, реки и езера, велосипедски и пешачки патеки. Опфатени се и други туристички содржини со кои ќе се привлечат туристи од светот за рурален, авантуристички и зимски туризам. Промотивен материјал е со слободен пристап за сите граѓани, а беше презентиран во Битола, од страна на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

    Ова е прв меѓународен проект со кој се зближуваат двете држави, нагласи директорот на АППТ, Љупчо Јаневски.

    „Со овој проект создадовме и докажавме дека нема граници, туку има дестинации. Проектот овозможи заедничка промоција на оваа голема дестинација во која се вклучени и неколку локални општини. Заедно ќе продолжиме да работиме на заеднички проекти кои ќе дадат дополнителни вредности во туристичката понуда“, посочи Јаневски.

    Според него, гoдинава ќе се исполнат очекувањата за 3,2 милиони ноќевања и 530 милиони евра девизен прилив од туризмот.

    Долгорочното наследство од проектот е промоција на „безгранична Македонија“ или Македонија без граници (Borderless Macedonia), рече Алкиз Анѓело Ставридис, проектен менаџер. Овој проект се реализира поради недостиг на промоција на руралниот туризам во двете земји.

    „Со овој проект ја снимавме целата оваа област со дрон, со посебен акцент на непристапни места во шумите, езерата и реките. Ова се места кои не може да ги видите ниту на Google и затоа може слободно и бесплатно да се погледнат на официјалната интернет страница ABOVE MKGR“, нагласи Ставридис.

    Активен туризам во насока на локален економски развој е целта на проектот. Партнери во неговата реализација се македонската АППТ, Националната туристичка организација на Грција и Италијанско – грчката туристичка комора.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично