Од продажбата на производите во сегментот фармација „Реплек“ обезбедил приходи од 835 милиони денари, односно 13,6 милион евра. Остварувањето е забележано во првото годинешно полугодие, а во споредба со ланскиот шестмесечен период постигнат е раст од 20 проценти.
Најголемиот дел од приливите е реализиран на странските пазари, каде што продажбата е повисока за 15 проценти, а во таа ставка е запишан износ од 652,2 милиони денари (10,6 милиони евра). Според податоците, најголем подем во првите шест месеци од годинава има на пазарите во Југоисточна Азија, со раст од 25 проценти. Следуваат земјите од ЗНД, каде што во однос на споредбениот период се работи за натфрлување од 22 насто, па Африка и Блискиот Исток со 14 и Југоисточна Европа со 8 проценти. Единствено на пазарите во Европската унија има потфрлување односно речиси преполовување на продажбата за 49 отсто.
На домашниот пазар, пак, остварени се приходи од 182 милиони денари (2,97 милиони евра). Во овој дел е постигнато зголемување од 46 насто во однос на минатогодишното шестмесечие.
Од аспект на овие резултатите, во компанијата очекуваат целосна реализација на зацртаниот финансиски план – вкупните приходи од продажбата во текот на годинава да го достигнат нивото од 31 милион евра. Или, да се зголемат за 23,5 насто во однос на 2023.