ПОВЕЌЕ

    Во време на актуелната криза – Домашните компании се подготвени да започнат со инвестиции

    Време зa читање: 3 минути

    Домашните компании се подготвени да започнат со инвестиции во време на актуелната криза бидејќи вакво прилагодување им е неопходно за опоравување и понатамошно функционирање, покажува анкетата што ја спроведе Фондот за иновации и технолошки развој во периодот од 24 јули до 19 август.

    Над 50 проценти од вкупно анкетираните 256 компании сметаат дека моментот за вложување е соодветен, додека само 13 проценти одговориле дека се уште е рано да се влезе во нов инвестициски циклус.

    Во однос на износот на финансиска поддршка, 40 проценти од компаниите сметаат дека е доволна за инвестиции во фазата на опоравување што е особено изразено кај средните (73 проценти) и малите претпријатија (68 проценти), како и дека процентот на кофинансирање е соодветен на што потврдно одговориле 58 проценти. 29 проценти од компаниите пак сметаат дека износот треба да се зголеми.

    Анкетата покажа и дека 74 проценти од компаниите кои биле анкетирани не користат друг вид државна помош, а само 26 проценти користат и тоа во најголем дел субвенции за минимална плата, 16 проценти користат бескаматен кредит, а само девет проценти, односно пет компании се корисници на средства на ФИТР.

    Голем дел, односно 44 проценти сметаат дека процесот на аплицирање е јасен и едноставен, а осум проценти се соочиле со суштински проблеми при пополнување на формуларот. За 40 проценти од компаниите, критериумите за евалуација се соодветни, додека 25 проценти сметаат дека со нив се фаворизираат одредени индустрии.

    На прашањето како го оценуваат новововедениот механизам за поврат на средствата, компаниите имаат различни ставови. Деветнаесет проценти сметаат дека овој механизам е добар, но дека процентот на поврат треба да се намали, додека поголемиот дел од 29 проценти сметаат дека основот за поврат на средствата треба да биде пресметан од приходите остварени од проектот, а не на база на остварени приходи на ниво на претпријатие.

    Како сугестии кои ги предлагаат компаниите е ФИТР сам да ја обезбедува документацијата од државните институции и да се обезбедат онлајн обуки и туторијали за аплицирање.

    Резултатите од оваа анализа и препораките на домашните компании се можност за нивен директен придонес во креирањето на условите за вториот циклус што Фондот планира да го реализира веднаш по завршување на тековниот. Тие ќе бидат вклучени во инструментот за поддршка за економско заздравување, кој во моментов е во фаза на адаптација, велат од ФИТР.

    За реализација на втор и следни циклуси на јавни повици за економско заздравување, Фондот иницира дополнителни средства од Владата, на веќе обезбедените 200 милиони денари, од кои поголем дел ќе бидат искористени уште со првиот циклус.

    Програмата за економско заздравување е дел од третиот пакет економски мерки на Владата и е наменет за поддршка на микро, мали и средни компании.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично